РАЗГОВОР СО НЕЛА ВИТОШЕВИЌ

ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА ЗА РЕЖИЈА НА МТФ “ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ”

Бајките ми се блиски, особено мрачните

“Змејовата невеста се обиде да го врати времето назад и да ја возобнови довербата во бајките и јунаците. Таа претстава зборува уште и за концептот на различност и го отвора проблемот за неприфаќањето на различностите, прикажан преку забранетата љубов на една девојка и еден змеј. Тоа е копнеж на девојката по смртта, бидејќи нејзиниот концепт на различност не е прифатен од средината”, вели за постановката која ја направи најдобар режисер на МТФ “Војдан Чернодрински” и која ја доби наградата за најдобра претстава, младата режисерка

Нела Витошевиќ е режисер, кој својата интенција по дипломирањето во класата на Слободан Унковски ја остварува полека но сигурно, а тоа е трасирање на еден пат и создавање на место во еден свет кој се вика Театар. На тој пат таа склопи уште едно камче на мозаикот, преку наградата за најдобра режија на МТФ “Војдан Чернодрински”, а нејзината претстава “Змејовата невеста”, што ја работеше со Прилепскиот театар е верифицирана за најдобра на фестивалот. По околу 15 сработени претстави институционални и вонинституционални, за себе лично и за своите соништа и за тоа што значи ова камче во мозаикот, ќе проговори во разговорот што следи, непосредно и бајковито…

Дали сонуваше дека навистина ќе создаваш бајки на сцената?
Витошевиќ:
Бајките се блиски до мојот сензибилитет. Особено оние мрачните. Ги познавам средствата на жанрот и сакам да играм, поточно да жонглирам со нив. Пред три години правев една претстава која зборуваше за тоа дека денешново време ги изело бајките и нивните јунаци, а пред една година излезе “Змејовата невеста”, која се обиде да го врати времето назад и да ја возобнови вербата во бајките и јунаците. Нашата претстава зборува уште и за концептот на различност и го отвора проблемот на неприфаќањето на различностите прикажан преку забранетата љубов на една девојка и еден змеј. Тоа е копнеж на девојката по смртта, бидејќи нејзиниот концепт за различност не е прифатен од средината.

Сега, кога сонот е остварен и верифициран со награда, имаш ли некоја визија за нова интересна приказна и каде би се реализирала таа?
Витошевиќ:
Мојата нова претстава, всушност, ја зборува мојата приказна за градот Скопје. Ја работам во мојот независен театар “Вондерленд” и ова ќе биде наш четврти проект. Кулминативна точка во драмата што ја напиша Ана Ристовска е катастрофалниот земјотрес од 1963 година и трагичните судбини на неговите жители. Симболично претставата е насловена “5:17”, што всушност го означува точното време кога се случил земјотресот. Тоа е претстава за градот Скопје, која преку неколку паралелни приказни за секојдневието на неколку обични луѓе, го доловува духот на градот како и случувањата во светот на почетокот на 60-тите години. Идејата е дека Скопје од почетокот на своето постоење ја дели својата судбина со митската птица Феникс, постојано да исчезнува и одново од пепел да се раѓа. Темата го отвора и прашањето на духот на Скопје денес. Инаку, репризата на претставата е утре.

Како изгледа патот на еден млад режисер – автор од студентските клупи до “ѕвездите” и колку е тој трнлив?
Витошевиќ:
Наградите од Чернодрински за мене доаѓаат во клучен момент, во една фаза од мојот професионален развој кога ми беше неизбежно потребно признание за мојата работа. Вистина е дека признанијата секогаш стимулираат и не туркаат креативно понатаму да создаваме. Сметам дека ова признание не е важно само за мене, туку за цела моја генерација и се надевам дека ќе отвори пат за нови театарски имиња. Лично за себе чувствувам дека сум во одлична форма и се надевам дека моите вистински предизвици допрва ќе следат. А патот, ќе биде секогаш трнлив и полн со ризици, но тоа е она што ја прави оваа професија возбудлива и поинаква од другите.

Дали и колку наоѓаш потпора во своите сопатници во животната приказна наречена Театар?
Витошевиќ:
За среќа, во моја близина има многу интересни луѓе, полни со разни теми и приказни од кои постојано црпам инспирација за мојата работа. Тоа го сметам за најголема поддршка што можам да ја имам.

Си го вкусила ли моментот на недоразбирање, на релација актер – режисер и како го надминуваш тоа?
Витошевиќ:
Секогаш се трудам да соберам тим со кој добро се разбирам или чувствувам дека би можела добро да се разберам. Интуицијата ретко ме лаже, па затоа изборот на тимот ми е секогаш адекватен на сензибилитетот и материјата што ја обработувам. Но и во еден ваков добар тим се случуваат недоразбирања во процесот, бидејќи во оваа професија во која се вложуваат еден куп емоции, тие се неизбежни. На нив гледам како на позитивен чин, кој гласно треба да се преброди и од него да се изроди квалитет.

Борче ГРОЗДАНОВ