Македонија е мојата матична сцена
На матичната сцена на МНТ со премиера се враќате по речиси тригодишна пауза. Постоеше ли некоја посебна причина што Ве немаше подолго време или се работи за сплет на околности?
Владо: За волја на вистината, последната премиера во МНТ не ми беше пред три години, туку пред неполни две, кога играв во спектаклот “Троил и Кресида”. Подготовките за таа претстава беа повеќе од четири месеци, по десетина часа работа дневно, најчесто и без слободен ден во неделата. Резултатот од таа ментална и физичка сеанса (намерно велам сеанса, затоа што таму немаше ни П” од процес) е поразителен. Залудно потрошено време, измачени актери и сите други чинители во “проектот”, а сето тоа за само двапати одиграна претстава. Инаку, моја матична сцена е целиот културен простор во Македонија. Во изминативе три години работев во “Светилникот” од Димитар Талев во Прилепскиот театар, “Тетовирани Души” во Кумановскиот театар, “Стриндберг досие” во НТ “Антон Панов” од Струмица, а ја сработив и “Фигаро се разведува” во МНТ пред две и пол години со младиот и талентиран Куштрим Бектеши.
Го работевте “Ревизор” од Гогољ, а сега “Бесови” од Достоевски. Што значи за еден актер учеството и креацијата во едно дело од руски класик?
Владо: За “Бесови”, во секој случај, е исклучително тешка задача за сите учесници во претставата, па така и за мене. Го работев “Ревизор”. Да. Поточно го играв градоначалникот. За среќа, во една доста успешна претстава. Претстава која се играше на радост наша и на публиката, која уживаше во хуморот на Гогољ. Со таа претстава вкниживме и едно успешно гостување во ХНК во Загреб, каде што имавме одличен прием од публиката и медиумите. А што значи за мене да играм лик во руска класика? Тоа е како да имаш во рака добра машина која нема да те остави на сред пат.
Веќе подолго време се зборува за (не)присуството на нашите автори на македонската сцена. Што мислите за поставувањето на македонски пиеси во однос на оние од светската драматургија?
Владо: Јас секогаш се радувам на квалитетен домашен драмски текст и на добар автор, а, фала Богу, такви имаме. Меѓутоа, Вие многу добро знаете како се поставени кај нас работите и дека најмалку одлучувам јас. Секогаш има комисии кои не се имуни на пристрасност, а тука е и личниот интерес, непотизмот, алчноста, злобата… Такви ликови има еден куп во светската литература. Сетете се само на господата Бопчински и Допчински од “Ревизор” кога би биле во состојба да одлучуваат дали да се постави дело од Стефановски, Андоновски, Дуковски, Плевнеш, Миневски или воопшто да не се постави ниту едно. Но, пострашни од нив се оние кои им наредуваат. Конспираторите од мракот или менталните криминалци како Петар Верховенски, кого случајно го играм во “Бесови”. Во македонската реалност, во културата, во сите политички опции и гарнитури досега, за жал, има најмалку по еден Петар.
Вашето искуство пред камерите е речиси исто така големо како она на сцената. Каде плива Владо Јовановски полесно, пред камерите или пред сценските рефлектори?
Владо: Како пливач ги владеам сите техники, а најмногу го сакам маратонот. Се чувствувам прекрасно и во театар и пред камерите, доколку се работи за добар проект со добри мајстори. Барем досега имав среќа и чест да работам со такви, а има големи мајстори со кои не сум работел, а би сакал во иднина.
Го работевте едукативно образовниот серијал “Истражи ја Македонија”. Колку навистина може да се истражи Македонија?
Владо: Невозможно! Уште десетпати по десет спотови да се снимаат, малку е! Македонија и нејзините богатства засекогаш ќе останат тајна. Самиот збор Македонија е една од најголемите световни тајни, збор кој има таква фрекфенција што сите го посакуваат, опејуваат, присвојуваат, а богами подготвени се и да војуваат за него. Последниве неколку години моево семејство, заедно со семејството Наскови – Драгаш, го посетивме речиси секое место во Република Македонија. Ни останаа уште некои места, кои ни се на агендата за во иднина. Истражувајќи го мистичното, заклучив дека Македонија не е само парче земја-крстосница на патишта и интереси, туку парче небо на земјата.
Често се калкулира (манипулира) со поимот боем. Дали воопшто постојат вистински боеми денес?
Владо: Да, но и тие се еден загрозен вид во оваа загрозена држава. Безгранично ги почитувам. Тие се како сол во оваа обесуштена атмосфера. Кажано е ако солта се отсоли, со што ќе ја засолиме солта. Наздравувам во нивна чест со песната “Налеј, налеј од рујното вино”!!!
Борче ГРОЗДАНОВ