На Македонскиот театар му треба организација и универзален јазик
Што значи за еден актер работата во Европската театарска мрежа ПЛОТС?
– Секое ново искуство е добредојдено и никогаш не се знае кога ќе му притреба и ќе му се најде на актерот за подобра сценска изведба. Иако честопати знаеме да кажеме или да не се сложуваме со стекнување на одредени вештини и да се потпираме на сопствените инстинкти. Со сите овие денови и седмици дружење и работење заедно со останатите актери од останатите земји, во рамките на проектот ПЛОТС, увидов еден многу сериозен пристап кон работата и особено кон пробата на сцена. Се влегува со полна енергија, концентрација и креација, а се негува и еден универзален театарски јазик – движењето. Не дека не сме сериозни во Македонија, но сме различни при пристапот кон поставувањето на една претстава. Секако гледам и можност за презентирање на нашите актери во Европа, за кои морам да кажам дека ни малку не заостануваат зад европските, само е потребна промоција и презентација. Увидов како се пристапува кон организацијата на претставата и се што таа самата носи, а тука се беспрекорни. Токму на ова ниво ние сме многу назад и тоа речиси сите театри во Македонија. Не смеам да го изоставам и најважниот фактор за една публиката, која може на најразлични начини се негува, анимира, ангажира, инволвира, информира и на секој начин што повеќе да се задржи во салонот, фоајето, театарското бифе.
Што мислиш, дали и колку интернационалните искуства и недостасуваат на театарска Македонија?
– Секако дека се неопходни за да се види кон што и како се движи театарот во Европа, а самото тоа носи еден нов и свеж бран на идеи. Можеби нема сите да се сложиме со овие нови видувања на театарот, ама секако дека носат освежување за публиката. Како пример ќе ставам претставата што ја работев во Кореја-театар, Италија, во која преовладува кореографија, ритам, музика и која искрено беше прифатена не само од публиката туку и од колегите актери. Морам да кажам дека многу добро беше прифатена и мојата енергија, емоција која беше вкомпонирана на многу професионален начин во целиот перформанс.
Во Штипскиот театар си еден од најангажираните актери. Од аспект на твоето искуство, што мислиш колку е потребен трансферот на млади актери во македонската театарска мапа?
– Колку што е можно повеќе. И тоа не мора да бидат само за главни и насловни ролји, нека е и епизода, ама сепак да зрачи ново име и лице на сцената. Морам да кажам дека во последните години има раздвижување на еден бран млади актери кои многу сериозно работат на себе.
Што би им препорачал на младите колеги?
– Работа, работа и само работа. Можеби звучи излитено и клиширано, но само на тој начин избива квалитетот што никој не може да го оспори. Кога се собра младиот ансамбл во Штип минавме низ период на креативни несогласувања, се додека не ги насочивме енергиите кон еден заеднички правец и на тој начин создадовме победнички тим, кој се докажа на македонската сцена.
Какви се твоите искуства од работата со режисерите?
– Иако понекогаш знаат да бараат премногу, сепак добро се снаоѓам, особено ако со некои од нив работам по повеќе пати. Ги ценам режисерите кои си го напишале домашното и знаат што бараат не само од мене туку и од колегите, и ако ми насочат добар правец па заедно да се движиме кон решавањето на проблемот. Не дека не сакам да експериментирам, ама сепак треба да се има хармонија и единственост. Со некои од нив толку ни е развиена комуникацијата што одредени работи ги решаваме со еден поглед. За жал последниве години има се помалку режисери од странство, од кои актерот може да се здобие со нови искуства.
Се почесто си присутен пред ТВ и филмските камери, а и на рекламите. Можеш да ни кажеш нешто за сличностите и разликите во однос камера – сцена?
– Секако дека има разлики, инаку се би било театар. Се што е пред ТВ или филмска камера останува засекогаш и нема назад, имаш само неколку кадри да го реализираш бараното и тоа е се. Не знаеш како ќе реагира и ќе го прифати публиката, ја немаш пред себе, туку само камерата и многу луѓе наоколу со сета таа техника. Нема проби, доаѓаш пред камера и настапуваш. Нема време за созревање и ферментирање се оди директно на вино. Претставата созрева со текот на времето, некој рекол дека од 10-та реприза претставата наликува на она што треба да биде. И публиката, повеќе или помалку го мотивира актерот и се соживува со него на сцената и станува дел од претставата. Во последно време во државава почнаа да се прават квалитетни реклами иако по форма е кратка по времетраење, умее да биде многу ефективна и со многу долг век, односно си ја врши функцијата за која е наменета. Можеби не се слични или исти по форма, ама ги поврзува актерската дисциплина, професионалноста, трпеливоста.
Борче ГРОЗДАНОВ