НЕПОСРЕДНО СО ДАРЈА РИЗОВА, АКТЕРКА

Умеам да го одвојам професионалното од приватното време

Тоа значи дека кога работам не постои фактичко време за забава, за која пак останува време кога сум слободна кога знам некој подолг перод немам професионални обврски, завршува Дарја со надеж дека овој системм ќе и биде урнек и за понатаму

Актерката Дарја Ризова е една од оние кои доаѓаат и за кои секако треба да има место во македонскиот театар и на македонскиот мал и голем екран. Таа во двете професионални претстави – “Таму каде што не сум бил” во Прилепскиот театар и “Спиноза” – во Драмски, ја заинтригира театарската јавност пред се со својата суптилност во изразот, одлична сценска снаодливост но и појавност и одмереност која е одлика на многу поискусни актери. Од друга страна надвор од сцената во непосреден разговор и контакт со неа таа плени со извонредна свежина и живост што е и треба да биде одлика на секој млад човек.

Така и започна нашето дружење со Дарја непосредно и искрено, во кое таа ја почна својата приказна за патешествието наречено актерство.
– Почнав да си играм уште од малечка, се собравме неколкумина и игравме пиесички што претежно сами ги смислувавме и пишувавме. Потоа во средно дојде и првото учество на ДАФ во Кочани. Тогаш за прв пат го почувствував контактот со публиката. Тоа ми се допадна и бев пресреќна кога се запишав на Академијата во класата на сега веќе покојниот професор Кирил Ристоски и неговиот асистент Зоја Бузалковска. Многу често не прашуваа дали сме подготвени да се справиме со актерството на што барем јас секогаш одговарав потврдно. Иако длабоко во себе мислев дека повеќе од времето на ФДУ и периодот на студирањето ќе биде исполнет со забава и дружење, но не беше баш така. Навистина, од утро до мрак со моите колеги времето го поминувавме на факутетот, но работејќи. Речиси и да немав слободно време, го сублимира својот училишен и студентски живот Дарја Ризова.

На тој напорен и трудољубив начин на осознавање на сопствената професија, играјќи во многу студенски и испитни претстави по режија и актерска игра и ја носи на Дарја и првата награда на Интернационаниот фестивалот “Скена ап” во Приштина за улогата на Лора во “Стаклена менажерија”, која ја добила како студент во прва година на ФДУ.

По завршувањето доаѓаат и првите професионални обврски во веќе споменатите претстави, во веќе споменатите театри но, и во неколку приватни проекти – “Неверство”, “Луди за љубов”, “Класен непријател” што се играат во Ц.К., во МКЦ, Хавана клуб.

За искуството со постарите колеги Дарја вели:
“Во Спиноза” ја имам таа чест да играм со Катина Иванова, а во Луди за љубов” со Петар Арсовски – двајца прекрасни луѓе и професионалци. Обајцата несебично го споделуваат нивното искуство за време на процесот на работа и можам да кажам дека од нив научив многу работи. Тука се разбира е Магдалена Ризова, која ми е тетка, и е секогаш тука да ме поддржи и со совет и со бодрење, но и јас и таа гледаме да не се натураме една на друга.

Како предност од сцената младата актерка ја посочува позитивната енергија што си ја даваат едни на други колегите од ФДУ и од тука, всушност, Дарја го попримила и го развила чувството на театарот како уметност но и како тимска работа.

На професинален план односно како човек и профисоналец можам да се пофалам дека успевам барем засега да го одвојам приватното од професионалното време. Тоа значи дека кога работам не постои фактичко време за забава, за која пак останува време кога сум слободна, кога знам дека некој подолг период немам професионални обврски”, завршува Дарја со надеж дека овој систем ќе и биде урнек и за понатаму.

ФОТО: Д. МИТРЕСКИ
Борче ГРОЗДАНОВ