Театарот е жив организам, а не фиктивна идеја
Младата режисерка Александра Кардалевска за себе вели дека како уметник е дел од една театарска, жива слика, како што впрочем и го замислува животот на “штиците што живот значат”, а не е дел од концепт, како често што се гледа и восприема дејствувањето во храмовите на Талија. Таа ги претпочита времето и дистанцата во решавањето на “акутните” театарски и не само такви проблеми бидејќи како што ни кажа: “Заради една баналност изгубив голем дел од времето, што требаше да биде продуктивно за мене, на ФДУ. Еден потпис ме оддалечи (барем за момент) од сцената… но не ми е жал, затоа што, овој период гледајќи од дистанца ми помогна да ја искристализирам линијата по која треба да се движам. Затоа, дури и сум благодарна на околностите кои во тоа “изгубено” време ме оддалечија од Театарот”.
За тоа како би го дефинирала својот досегашен режисерски ракопис и Кардалевска ќе рече: “Не сум поборник на концептуализмот во театарот, не сум роб на идејата, за сметка на фундаментот на театарот – Актерот. Мене лично, повеќе ми се допаѓа кога концептот ќе претставува некој вид клуч, гориво што ќе го заживее и “вози” делото, кога со “невидлива рака” ќе го обликува организмот, отколку да се занимава единствено со формата – Наместо концептот или идејата да бидат пренесени во интелектуализирана форма и единствено тоа да се понуди од страна на режисерот, повеќе ми се допаѓа кога концептот “потајно” ќе успее да го постигне својот ефект. Сметам дека доколку сакаш да имаш добра претстава и добар продукт воопшто каде и да работиш треба да обрнеш внимание на она што се случува во Центарот на Театарот, а што го создаваат актерите. За тоа и во мојата последна претстава (како што и вие одбележавте) е многу повидлива актерската игра, отколку режисерската рака. Едноставно, тоа го правам и ќе го правам бидејќи театарот е жив организам, а не фиктивна идеја”, додавајќи дека таа би можела да ја искористи својата дарба за уметност, која ја поседува од 7 години и поради која се занимава покрај режијата и со сликарство, и би можела да направи “чуда” во смисла на создавање на сценографија, костими, музика и се друго што е околу театарот, но: “Се додека не го изградам фундаментот на театарот, а тоа е актерската игра и до крај не го заокружам занимавањето со есенцијата и живоста на сцена, за мене проектот – претставата не е завршен”, вели за својот “концепт” Кардалевска.
Во однос на она што недостасува во македонскиот театар, Кардалевска потенцира дека отсуството на поголема и по “здрава” алтернативна сцена е извесен недостаток кој со малку поздрав однос кон спојката спонзорство – театар што според неа би можел да се надомести. “Во моментов и недостатокот на алтернативни простори, како можност за сценска експликација е исто така проблем”, додава Александра.
Преку тој вид (аспект) на театарот, Кардалевска ја гледа и конекцијата со Балканот, Европа и светот за излегување од македонските театарски рамки: “Тоа мене ми се случи на ФКТ “Ристо Шишков”. При конекцијата со гостите од театарот “Иван Раденов” од Плевен, Бугарија, на овој фестивал, тие ја видоа мојата претстава “Сексуалните неврози на нашите родители”, што ја работев во Струмичкиот театар, што ми беше “пропусница” за соработка со нив. По првичните договори, веќе работам на претставата “Кокошка” од Николај Кољада, на Плевенската сцена.
Борче ГРОЗДАНОВ