ЛУКА КОРТИНА

 РЕЖИСЕРОТ КОЈ ИТАЛИЈА ПРОФЕСИОНАЛНО ЈА ЗАМЕНИ СО МАКЕДОНИЈА

Дантоновата смрт е виновна за се

Тоа е претставата поради која Лука Кортина, гледајќи ја режијата на Александар Поповски и слушајќи за знаењето и умеењето на Унковски како негов учител, реши да дојде да студира и засега да остане во Скопје и Македонија

Лука Кортина е млад режисер, дипломец во класата на Слободан Унковски, кој од родната Италија одлучи својот животен и професионален пат да го продолжи и да го стационира во Македонија. Најновото негово режисерско остварување “Духот на слободата” го оствари во театарот “Трајко Прокопиев” во Куманово. Има работено во Тетовскиот театар (“Аквариум” од Рефет Абази), но асистираше на Александар Поповски во “Животот на Молиер”, на Дарко Митревски во филмот “Трето полувреме”, повторно на Поповски на големото платно во “Балканот не е мртов”… За интенцијата од родната Фиренца да дојде, твори и остане тука и за тоа што е уметноста и театарот за него, зборуваме во прво лице:

Зошто ја избра токму Македонија како дестинација за своја наобразба?
Лука Кортина: Уште кога живеев во Прато, ја гледав “Дантоновата смрт” на Александар Поповски и по таа претстава одлучив да станам театарски режисер. Неколку дена подоцна учествував на една работилница на Пауло Маџели во Театарот Мертстасио во истиот град. Со Паоло воспоставив многу добар однос и бидејќи ме бендиса претставата, тој ме посочи да одам да студирам на Балканот. Се одлучив за Скопје, односно Факултет за драмски уметности заради Унковски кој за среќа беше вратен од Америка. Знаеме дека Унковски е едно големо име на театарот и учител на Александар.

Што научи и што носиш од искуствата со македонскиот театар?
Лука Кортина: Научив како да размислувам за театарот, поточно научив на каков начин да ги артикулирам моите мисли во претстава. Тоа што го сметам за најголема придобивка од учењето кај мојот професор е театарот да го сфатам како работа на занаетчија, а не да се однесувам како интелектуалец кој повторува работи учени од книга.

Дали тоа е доволна причина да останеш и да твориш овде во Македонија?
Лука Кортина: Имам потреба од нови искуства, познанства и предизвици, но врската со Македонија како еден вид папочна врвца ќе остане засекогаш, затоа што тука почнав да го остварувам сонот поради кој напуштив еден цел живот што веќе го имав изградено во Италија.

Му недостасува ли на Лука родната Италија?
Лука Кортина: Немам носталгија и до сега не сум се покајал за моето заминување. Нормално, понекогаш, ми недостасуваат некои лица, некои улици, светлото на небото во одреден дел на денот а некогаш ми недостасува и комплексноста на италијанскиот народ. Но, се знае – се тече, се се менува…

Што мислиш за македонскиот актерски и целокупен театарски потенцијал?
Лука Кортина: Македонските актери се посебно надарени. Нивната најпозитивна црта е полиендричноста. Тие заслужуваат повеќе. Уметноста не е само интенција за создавање фаци за шоу бизнис. Мислам дека Македонскиот театар треба да се обмислува за себе, за тоа дека независноста на мислата е главната ролја на театарот во општеството и дека само преку тоа може да се надминат границите или нивото на културата.

Борче ГРОЗДАНОВ