ИНТЕРВЈУ СО ХРВАТСКИОТ АКТЕР ФРАНЕ ПЕРИШИН

Кога работам претстава, Тончи е на море или в затвор!

Вака се снаоѓа популарниот хрватски актер кога ги усогласува обврските во серијата “Изборот на Лара” и оние в театар, иако пред камера застанал пред две-три години, а зад себе има импресивно театарско портфолио

 

Хрватскиот актер Фране Перишин, кој кај нас е актуелен и познат како Тончи Златар од серијата “Изборот на Лара”, деновиве се наоѓа во Македонија. Заедно со колегите од Дубровничкиот театар играше во претставата “Браќа Карамазови”, претставата со која вчеравечер се затвори “Охридското лето”, а чија реприза е вечерва, во НУЦК “Григор Пличев”.

Тој зад себе има три децениска актерска кариера околу десетици улоги на телевизија, филм и в театар, а со своето присуство и понатаму продолжува активно да ја испишува историјата на хрватската театарска сцена. Ексклузивно, телефонски, тој ни даде мини интервју непосредно пред пристигнувањето во Македонија, а проговоривме за неговиот театарски и филмски светоглед, искуствата од Македонија, од работата со режисерот Дејан Пројковски со кој ја работеа “…Карамазови”, а проговоривме и за актуелните татарски случувања и мигови…

Во вашето професионално портфолио има многу наслови од класиката. Дали е тоа поради вашата умешност да се наоѓате во овој вид од театарската уметност или се работи едноставно за природен професионален тек?
Перишин: Видете, по се изгледа е ова второто, но без разлика на се лично, љубам добра литература. Се радувам на старите мајстори на зборот кои знаеле да пишуваат, класици како што е случајот со Достоевски на пример, особено неговите “Браќа Карамазови”. Добата литература е основа и можност за еден добар развој на Театарот. Без добра литература тоа не е можно. Не верувам во приказните дека добра претстава може да се направи од телефонски именик.

Работевте со нашиот режисер Пројковски па би сакале да знаеме нешто повеќе за вашето искуство од соработката со него…
Перишин: Не можам да верувам дека еден млад човек ја има таа концентрација, перцепција, доверба, дарба… Кога видов што се има режирано досега и колку е вешт сфатив дека е една ретка појава на овие простори. Толку млад човек, а со богато и зрело искуство зад себе. Пристапува кон работите како некој “старец” од 50-60 години. Не го фалам затоа што е ваш. Работевме два месеци, а ниту еднаш не го повиши гласот. Сите бевме свесни што работиме и со каква литература и материја имаме работа и оттаму тргнавме и останавме на таа патека до крај. Фала му на Бога ја направивме најдобрата претстава последниве десет години во нашиот театар. Впрочем така вели и стручната критика. Пројковски го поседува оној светски јазик и може да работи секаде. Нему баш му тргна работеше во Русија а сега од Дубровник “скокна” и до Италија… Ете тоа е светски режисер. А што се однесува до нас актерите ни останува да ја делиме судбината на народот, да глумиме Американци со руско потекло, како што прават нашите во Холивуд. Ова е алузија на Раде Шербеџија.

Кај нас е актуелна серијата “Изборот на Лара” во која ја играте улогата на Тончи Златар. Како и колку успевате да ги усогласува професионалните обврски в театар со оние ТВ серијата?
Перишин: Тоа можеби ќе звучи апсурдно, по сценарио изгледа многу едноставно. Кога имам претстава во татар, тогаш Тончи го праќаат на море или во затвор! Ме нема во неколку епизоди и кога ќе завршам со претставата која ја работам в театар, тогаш Тончи излегува од затвор или се враќам од море.

Колку често сте на ТВ екраните односно пред камерите и кој е вашиот подобар терен, камерата или сцената?
Перишин: Пред камера застанав на 51, а сега имам 53 години. Дебитирав многу доцна, но со оглед на тоа што имам две деца кои треба да студираат надвор од Дубровник, морам и дополнително да заработувам. Од Театарот, за жал не може многу да се заработи. Имав и среќа што добив улога во која зборувам на мојот мајчин јазик, бидејќи сум роден во Сплит. Добив улога и во новата сапуница “Дубровничка зора” која во Хрватска ќе се емитува од есен. Тука можам да докажам дека покрај сплиќанец можам да бидам и одличен дубровчанец.

Дали претходно сте биле некогаш во Охрид, во Македонија и дали имате некакви искуства во допир со нашата земја?
Перишин: Бев во Скопје, пред војната, некаде 86. година, прво што ми паѓа на памет и ме асоцира на Македонија е песната. Пред извесно време, дојде делегација од Македонија на премиерата на “Браќа Карамазови”. По претставата поминавме прекрасна вечер. Пред Театарот се пееја македонски и далматински песни. Ние Далматинците ги сакаме македонските песни и се надевам дека сега во Охрид ќе ја продолжиме забавата.

Борче Грозданов