Да се игра за деца е сериозна работа
Непосредна причина за разговор со неа е неодамнешното признание на Театарот за деца и младинци на Фестивалот во Котор, за претставата “Девојчето со кибритчиња”, куклена претстава во која токму таа е тажното босоного девојче кое продава кибритчиња за Божик…
Во што се состои мотивот или поточно поривот во играта за деца?
– Магијата е во тоа со својата дарба да успееш да го пренесеш и задржиш вниманието на децата и истото да го фокусираш на приказната.
Таа работа колку и да изгледа едноставна бара многу концентарција, дисциплина и точност. Од овој аспект детските ројли и детските претстави се и тоа како сериозна работа.
Кажете ни нешто за возвратната енергија што ја восприемате од децата?
– Тоа чувство не може до крај да се опише со зборови. Навистина треба да се доживее. Еве еден пример кој ни се случи неодамна при гостувањето со Лакомата мецаа во Ресен. Децата не можеа да се одвојат од нас и од куклите – ликови. Најпрвин тие комуницираа со куклите, се фокусираа на нив, а потоа нас не допираа и со тоа почувствуваме дека им се остварува сонот од приказната, дека се соживуваат со него… За тоа вреди да се работи. Кога сме кај децата и нивната имагинација, интересно е тоа што секое дете си има свој јунак. И кога ќе те запаметат како позитивен лик “тешко” им паѓа кога играте негативец. Така, на пример, кога играв лоша во “Заспаната убавица” приоаѓаа децата, по малку натажени, бидејќи веќе ме имаа запаметено како принцеза или Црвенкапа.
Во Девојчето… ја водите цела приказна како централен лик. Колку беше тешко тоа да се изведе?
– Да, јас сум речиси цело време присутна на сцената но, без моите колеги и возвратната енергија и тимска работа од нив, немаше ништо да се оствари. Во куклените претстави нема простор за грешка се мора да оди “под конец”. Додека во живите претстави има простор за импровизација и можност за враќање…
Ви недостига ли големата вечерна сцена?
Секој актер сонува да игра во еден Чехов, Шекспир и другите класици и наши и странски современски драмски автори. Од таа страна секако дека е присутна и мојата желба да заиграм некогаш во една таква претстава. Но, во секој случај и работата во нашиот Театар за деца и младинци ме исполнува, пред се, затоа што сме многу активни. Играта ме исполнува. Пред се што играме тимски, колективно, што е прв предуслов за успех.
Што мислите за третманот на детските претстави кај нас?
Од аспект на публиката и радоста кај најмладите можам да кажам дека го оправдавме нашето, речиси дведецениско постоење, како Театар за деца и младинци. Мислам дека генерално имаме мал проблем со признавањето на сериозностаа на претставите за деца. А како што веќе реков да се игра за деца е многу сериозна работа.
Борче ГРОЗДАНОВ