ИНТЕРВЈУ СО АЛЕН НАНОВ, АКТЕР

Од животот и театарот добив се што имам

Ален Нанов, актер на Струмичкиот театар, кој покрај оние на сцената, низ животот поминува и низ други приватни, животни премрежја, човек кој успева да фениксира од канџите на едно од најнесаканите зла на денешницата – дрогата, и кој во моментов е силен поборник за помош на сите оние кои сакаат и имаат волја да се извлечат од неа… Од него непосредно дознаваме што за еден ваков човек значи битисувањето во МакедонијаШто значи да си актер во транзиција?
– Прво и основно: Актер си или не си! Односно, имаш дар од Бога или немаш, или уште поточно те сака сцената и публиката или не. Тоа нема никаква врска со актуелно политичкиот миг… а за ова што се случува во државичево ни мало, мило, ем напатено, потребна е поширока елаборација… Секако дека ние сме истренирани, утепавме не две-три транзиции, туку… Што се однесува до преживувањето, јас немам пари за фитнес и здрава исхрана, иако имам прилично солидни месечни примања за македонски прилики… Сепак, јас сум еден од најсреќните луѓе на светот. Имам две работи – занимања кои ми значат се од длабината на душата. Имам само една жена, без која не можам да дишам и две прекрасни деца. Од животот и театарот добив се што имам. Мислам дека тоа е повеќе од доволно!

Признава ли театарскиот миг мали и големи актери и режисери?
– Не знам… Мое е само да се обидам да направам се кога работам нешто конкретно, искрено се вложувам во она што го работам, во рамките на моите можности и на она што ми е дадено од Бога како талент. Се трудам да го исполнам побараното од режисерот како задача или улога… Не постојат мали и големи актери и режисери… Мене ми е најважно да го истражувам и изучувам секој миг на сцената со колегите, да бидам искрен пред публиката и со самото тоа да можам да ги восприемам чесно аплаузите. А кога некој ќе ми пријде по претставата и ќе ми даде забелешки, тоа значи дека сум допрел барем до една душа, сум предизвикал некакво чувство, а со тоа и сум ја исполнил основната задача и функција на уметноста.

Што му недостига на Ален Нанов во актуелниов театарски миг?
– Најпрво, политиката треба да исчезне од театарот, од уметноста воопшто, спортот и од секаде каде не и е ниту место, ниту е потребна. Сметам дека простор за политички надмудрувања е Собранието, а јас како уметник немам ниту намера, ниту амбиција да се приближам, а камо ли пак да влезам таму… Како второ, да се премине на сериозно планирање на театарската програма најпрвин скроена спрема пулсот на публиката, а потоа соодветно на човечките ресурси со кои се располага. Доста ми е од правење претстави во кои политичките послушници викаат луѓе – актери и режисери и… од надвор, а си ги имаме дома! Затоа се случува 60 до 70 отсто од претставите евентуално да се одиграат три до четири пати и да се фрлаат во фундуси и магацини, а притоа да се потрошат многу пари, желба и страст… Со истите тие пари би можеле да се направат уште најмалку два до три проекти, кои ем публиката ќе ги гледа и сака (а струмичката публика премногу знае што е добро) ем ќе има простор да играме сите ние од театарот и нема да бидеме заложници најчесто поради еден човек “доајен” – добар глумец, обично од Скопје и поради неговата зафатеност, потоа да не можеме да организираме ниту една претстава! “Чуму такви проекти”?

Алтернативната работа покрај својата хумана порака и дејност дали е и дополна на недостатоците од професионалното или…?
– Дефинитивно не. Погоре ви одговорив дека двете професии кај мене се надополнуваат, односно имаат подеднакво место и важност, не се во никаква колизија. Напротив, толку многу се надополнуваат и ме збогатуваат, и мене како човек пред се (а тоа не може да не се преточи и на сцената) што е просто неверојатно! И двете работи се длабоко хумани (јас сум жив пример за реченото), и во двете сум длабоко вовлечен истрениран до крајност како професионалец – во едната на НАТФИЗ, а во другата од академијата на животот. Во едната како дипломец во класата на проф. Елена Баева, а во другата како “автентичен теренски работник” и едукатор на програма во намалување на штети и координатор на ХИВ-сида сектор. Животот бездруго може да ти даде и други светови, моменти, пријатели, навики, јас решив да се опробам во онаа варијанта на Монти Пајтон: “And now something completelly different”… решив да преминам во “противничкиот тим”, а освестувајќи се и обидувајќи се да избришам барем мал дел од моите гревови… Така ем ми беше помогнато, ем “избор” си доби искрен член до коска за век и вјеков. Веќе десет години преку многу семинари и тренинг-курсеви добив неколку важни за споменување сертификати и дипломи меѓу кои се и една од италијанското, романското и македонското Министерство за здравство, под чија закрила всушност и опстојуваме и работиме.

Секако креативноста е неизоставниот дел од нашето, а со тоа и моето живеење и само така опстојуваме, бидејќи за среќа, сме слободни насекаде да бараме донори, (во склад на нашите правила, прописи и статут). Секојдневно се соочуваме “драми, трилери и комедии”, кои ни се случуваат на терен, најмногу во Секторот за помош на штети од употреба на дрога и дневниот Центар за сексуални работници….Тоа се приказни кои само животот има чест да ги одигра подобро и поверно од животот, што би рекол Станиславски!

Борче ГРОЗДАНОВ