ЗБОР-ДВА СО ФИЛИЗ АХМЕТ

 – АЛИЈАС НИГАР КАЛФА

Хаосот се надминува со раки балик и мезе

Овде се е на трчање, се се одвива со брзо темпо во своевиден хаос и е многу поинтензивно од Скопје, каде што е мирно и каде што се ти е речиси под рака, со помалку стрес. На почетокот ми беше тешко да се прилагодам, но после првата година се навикнав, па дури и почнав да го сакам тој хаос и тоа темпо. Вака Филиз ја објаснува “фрката” во Истанбул, во споредба со мирниот рахатлук во Скопје

 

 

 

 

 

 

Актерката Филиз Ахмет, популарната Нигар Калфа од серијата “Величествениот”, која веќе подолго време живее и работи во Истанбул успеа да одвои малку време и да не информира за нејзиниот ангажман таму, за тоа како (не)работно го поминува времето, да не потсети и нас и себеси за носталгијата по родната Македонија… Затоа, ќе почнеме токму од ова последново: “Овде во Истанбул ми е убаво, среќна сум, освен што ми недостасува семејството, пријателите и рахатлукот во Македонија”!

Што се однесува до нејзиниот ангажман во серијата, неодамна можевме да видиме дека нејзината хероина Нигар Калфа успеа да куртули од гневот и сабјата на Хатиџе Султан, што значи дека за неа се уште има ангажман во серијата: “Освен Величествениот немам друг ангажман бидејќи е пеколно тешко додека работиш во серија да најдеш екстра време за друга работа, речиси шест дена по цел ден си на сет за снимање, па слободното време сакал-нејќел го користиш да лежиш по цел ден или да шеташ…”

Сепак, присутна е и носталгијата на Филиз по Турскиот театар од Скопје, каде што ги направи првите чекори: – Театарот многу ми недостасува и откако ќе заврши серијата, паузата што планирам да ја направам за тоа време ќе ја искористам да играм во некоја претстава, а би сакала тоа да биде токму во Турскиот театар – Скопје, каде што проодев и пораснав како актерка, а оттаму се втиснав во Истанбул и со багажот од Македонија се вдомив овде.

За животот во Истанбул, Филиз вели: – Овде се е на трчање, се се одвива со брзо темпо во своевиден хаос и е многу поинтензивно од Скопје, каде што е мирно и речиси се ти е под рака, со помалку стрес. На почетокот ми беше тешко да се прилагодам, но после првата година се навикнав, па дури и почнав да го сакам тој хаос и тоа темпо. Што се однесува до професионалниот аспект, Турците се малку поорганизирани, бидејќи се вложуваат големи средства, а тоа подразбира голема организација, а секоја неорганизација значи одложување на работата, што повлекува губење пари и време. Затоа овде сите се концентрирани до максимум на работата и се дисциплинирани.

Во слободно време, во градот на Босфорот, Филиз носталгијата се труди да ја потисне со тоа што барем еднаш во две недели, се оди на раки балик и мезе. “Сето останато е замор после работа, и затоа едвај чекаш да стигнеш дома, да се позиционираш во хоризонтала и да ги испружиш нозете”, на полушега завршува Филиз или популарната Нигар Калфа.

Борче ГРОЗДАНОВ