Конечно, театарските и литерарни сладокусци можеа да кажат браво! – за сценското овоплотување на поезијата од збор во дејствие, од дејствие во чин, од чин во драма, од драма во театар! Тој и таков театар долги, долги години не се практикуваше кај нас, а претходно во историјата тоа беше многу малку! Таквата “неправда” конечено е исправена на малата сцена на МНТ по иницијатива на нашата национална куќа, а поддржана од фестивалот “Скопско лето”.
Резултатот е вистински – “Копнеж по целина”, се вика проектот кој и тоа како од Копнеж навистина се претвори во Целост! Од Зборот на големиот Матеја Матевски, лауреатот на престижните СВП, преку неговата душа и духовност до фантастичната актерска енергија и напати специфично луцидната идеја на авторот – режисер, Ристо Алексовски, со продорната до сите дамари музика на Горан Трајковски, добивме ретка можност да се дружиме со речта на магичното, стравичното, смртното, убавото, љубеното… со метафизичкото!
Зборот Прав Ристо го претвора во бич, зборот Бич Гораст го претвора во Љубов, зборот Копнеж Катина го доведува до Смрт… празниот простор се пополнува со крикот и тишината на одличната Магдалена, копнежливиот поглед и тивкиот плач упатен од Арна, со сугестивноста на инспиративниот во својата младост Игор и тивкиот, суптилен, но сепак продорен Борче во својот израз… Во случајов, најнамерно им се обраќам на ти и по име на Иванова, Ризова, Шијак, Георгиев, Цветковски и Начев, тоа се презимињата на актерите кои и тоа како ја оживеаја длабоката, полна со патина, но и со чиста и необременета вистина за метафизичкиот круг, мисла на Матеја Матевски. Тоа е круг во кој се вееме и бдееме додека некаде каде што “ѕвони, некаде далеку” не застанеме и престанеме, или барем да се обидеме да го сториме тоа, се додека не се престориме дел од правот, празниот простор, стравот, гревот, гневот, казната, љубовта… И се така, може да се дума и уми за она што го видовме завчеравечер во МНТ, но како единствен заклучок се наметнува идејата дека театарот може и мора да е семоќна, магична уметност… И дека оваа идеја е безвременска и беспросторна и со сета почит и надеж неуништлива! Зошто неуништлива вистина е дека зборот и тоа како знае да радува, усреќува, насмевнува…но и да тежи и да боли!
Како продолжение и потврда дека поетскиот збор има специфична тежина е и логичното следство да се прават уште вакви претстави, првата е по поезија на Влада Урошевиќ, во режија на уште една млада режисерска надеж, како и Алексовски – станува збор за Андреј Цветановски, а името на следниот млад пулен кој ќе ја режира претставата на мајстрот на зборот Блаже Конески се уште не е изнедрено.
Борче ГРОЗДАНОВ