Молиер
„Животот на Молиер“ и Ристановски
МолиерЖан Батист Поклен Молиер (Париз, 15 јануари1622 – Париз, 17 февруари1673), француски писател и артист, еден од најголемите комедиографи на светската книжевност. Автор е на 33 театарски дела во кои ги исмејува тогашното општество, расипаноста и лакомоста на аристократијата. Најпознати негови дела се „Тартиф“, „Дон Жуан“, „Жорж Данден“, „Скржавец“ и „Учени жени“.
Биографија
Молиер е роден во Париз, во 1622 година, во семејството на имотниот трговец со тапети Жан Поклен. Крстеното име на Молиер било Жан, исто како татко му, а дури подоцна му го додале името Батист, со цел да се разликува од помладиот брат, кој исто така се викал Жан. Многу подоцна, во 1644 година, Жан Батист Поклен го зел уметничкото име Молиер. На десетгодишна возраст, Молиер останал без мајка му, за која не се знае ништо друго, освен тоа дека и таа потекнувала од богато трговско семејство, дека била писмена и дека во бракот со Жан Поклен родила шест деца. Една година по нејзината смрт, Жан Поклен се оженил за неписмена девојка од трговско семејство. Жан-Батист, како најстаро дете во семејството, учел во познатиот колеџ „Клермон“ во Париз, заедно со децата на благородниците и на богатите луѓе. Татко му на Молиер го добил почесното звање „тапетар на кралската куќа“ кое рано му го пренесол на својот најстар син. Подоцна, Молиер студирал право, но тој немал никаква наклонетост ниту кон адвокатурата ниту кон трговијата.[1]
Наспроти очекувањата на татко му, околу дваесеттата година Молиер се поврзал со глумечкото семејство Бежар во кое посебно се истакнувала надарената и убава глумица Мадлена. Со неа, Молиер го основал „Славниот театар“ којшто започнал да дава претстави во 1643 година, во Руан, а од 1 јануари 1644 година и во Париз. Како директор на театарот, Молиер бил затворен во средината на 1645 година поради долговите направени за наем на салата и за потребите на режијата. Сепак, тој бил пуштен од затворот откако за него била дадена гаранција, по што тој повторно ја собрал растурената театарска група и со неа тргнал на тринаесетгодишна турнеја низ Франција (1645-1658). Денес постојат докази дека неговиот театар гостувал барем во 15 места, при што во некои настапувал повеќе пати, а понекогаш ја уживал поддршката на разни благородници.[2]
Кога стекнал доволно самодоверба како глумец и режисер и откако собрал доволно пари, во 1658 година Молиер се вратил во Париз, каде останал до крајот на животот.[3] Во 1662 година, на поодмината возраст, Молиер се оженил со младата Арманда Бежар, сестра или ќерка на глумицата Мадлена Бежар, а малку подоцна кралот им бил кум на нивното првородено дете.[4] Во Париз, тој смело влегол во борба против лицемерното општество, но жена му се покажала како лекомислена кокета. Единствено заштитата од кралот го спасила од прогоните на тогашните аристократи, бидејќи секое негово ново дело предизвикувало протести и клевети. Дворјаните и духовништвото се здружиле против Молиер, уривачот на нормите.
Молиер доживеал напад за време на четвртата претстава на своето последно дело „Вообразениот болен“ и умрел веднаш штом бил пренесен во неговиот стан, на 17 февруари 1673 година. Бидејќи ниеден свештеник не сакал јавно да го пее, морало да го погребаат ноќе.[5]
Творештво
За разлика од Париз, во кој доминирала обновената трагедија] (Пјер Корнеј итн.), во провинциските места низ кои настапувал театарот на Молиер била популарна комедијата. Оттука, во овој период, тој ги преправал италијанските комедии и самиот пишуваат мали комични дела, а истовремено ги развил и своите актерски способности. Кога стекнал доволно самодоверба како глумец и режисер и откако собрал доволно пари, во 1658 година Молиер се вратил во Париз, каде останал до крајот на животот. Пред париската публика најпрвин се претставил со трагедијата „Никомед“ на Корнеј и со својата комедија „Вљубениот доктор“. Со нив постигнал одреден успех и истата година ги поставил своите дела „Расеанко“ и „Љубовен инает“. Следната година доживеал огромен успех со делото „Смешните кокети“ во кое играл една од главните улоги. Инаку, веднаш по доаѓањето во Париз, неговиот театар се здобил со покровителството на „Господинот“, т.е. братот на кралот, а по првите успешни претстави имал поддршка и од самиот крал. Од друга страна, Молиер знаел како да му се додвори на кралот и често пишувал дела по порачка на кралскиот двор.[6]
Во 1662 година, Молиер го постигнал еден од своите најголеми успеси, со комедијата во пет чина „Училиште за жени“, по што тој станал првиот глумец кому кралот му доделил постојана парична помош. Меѓутоа, овој успех му донесол бројни непријатели на Молиер, и тоа: дел од благородниците, глумците од другите театри, помалку надарените писатели и свештенството, поддржано од кралицата-мајка. Како одговор на овие напади, Молиер ги напишал делата „Критика на Училиштето за жени“ и „Импровизација во Версај“, од кои, првото ѝ го посветил на кралицата-мајка.[7] Подготвувајќи се за големите кралски свечености во мај 1664 година, Молиер набрзина ја напишал галантната комедија со музика и балет „Принцезата од Елида“, а четири дена подоцна, во Версај биле прикажани и трите чина на „Тартиф“. До денес останува отворено прашањето, дали се работи за трите чина на комедијата што Молиер веќе претходно започнал да ја пишува или пак станува збор за целосно нова верзија на ова дело. Во секој случај, кралицата-мајка и благородниците издејствувале забрана на „Тартиф“.[8]
Веднаш потоа, Молиер набрзина ја напишал комедијата „Дон Жуан“, која по петнаесет претстави, во 1665 година, исто така, била забранета, а повторно била поставена дури по смртта на авторот. Новата верзија на „Тартиф“, овојпат во пет чина, била прикажана во август 1667 година, откако претходно била читана и играна на приватни средби. Искористувајќи го отсуството на кралот, и ова дело било забрането веднаш по првата претстава. Забраната била тргната во февруари 1669 година и само во таа година, „Тартиф“ бил прикажан 45 пати во театарот и петпати приватно.[9]
Во првиот период од неговото книжевно творештво, Молиер пишувал помалку оригинални дела, фарси и комедии, во кои како да се подготвувал за улогата на општествен сатиричар. Така, комедијата-едночинка „Смешните кокети“ ги исмејува обичаите и светскиот салонски живот, на кој му недостасувала природност, и кој во основа бил лага и лицемерие: две кокетни госпоѓици го одбиваат додворувањето на две момчиња (гроф и маркиз), и се вртат кон други двајца кои се облечени како грофи маркиз, а кои се всушност преоблечени слуги во таа облека. Ова интересно сиже му пружило можност на Молиер да го прикаже потеклото и психологијата на на лицемерството во 17 век.
Комедијата „Смешните кокети“ претставува пресврт во творештвото на Молиер, зашто во оваа едночинка тој првпат започнал да ги исмејува недостатоците на тогашното општество. Оттогаш, тој редовно поставувал претстави со современа тематика, испробувајќи се во сите видови комедии – фарси, ревии, херојски комедии, галантни комедии, комедии со балет и со музика, карактерни комедии, драматични комедии итн. На тој начин произлегле неговите главни дела, како: „Зганарел“, „Училиште за мажи“, „Училиште за жени“, „Тартиф“, „Дон Жуан“, „Мизантроп“, „Жорж Данден“, „Скржавец“, Господинот де Пурсоњак“, „Граѓанинот-благородник“, „Учени жени“, „Вообразениот болен“ итн.ref>N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 204-205.</ref>
Темите со кои Молиер се занимава во своето прво големо дело се сведуваат на две прашања: брак и воспитување на девојките. После Молиер, во романите на Ричардсон и Русо, во драмите на Дени Дидро, ќе се смета дека од правилното решение на семејните и брачните прашања ќе зависи и правилното решение на социјалната и државната задача. Во две други драми од првиот период на Молиер, „Училиште за мажи“ и „Училиште за жени“, тој се јавува како апостол на слободното и природно чувство и остро ги критикува мажите кои на жената гледаат како на своја сопственост. Молиер е против сите форми на неприродни бракови, сметајќи дека не може да има здраво семејство ако луѓето стапуваат во брак со нееднаква возраст, социјална положба или без љубов.
Во неговите први комедии сè се решава брзо и едноставно. Јунаците се лишени од длабоки чувства и силни страсти, брзо се утешуваат после неуспехот, па и самите се смејат на својот неуспех. Но, после неколкугодишно пишување, веселата насмевка на ликовите од Молиер се заменува сè почесто со тажна и замислена нота. Молиер на почеток не сакал да им објави војна на групите кои застанале против него. Тој едноставно бил „сликар“ на францускиот живот, и тоа многу успешен, штом луѓето се препознавале во неговите ликови.
Најважните одлики на творештвото на Молиер се: длабоко познавање на општествените проблеми, извонредна дарба за цртање различни средини и карактери, непогрешливо сценско чувство, живост и природност на дијалозите и дарба за комичност. Сето тоа го приближило неговото дело и до најпростата публика, но истовремено тој ја стекнал и наклонетоста и на најстрогата книжевна критика.[10] Во своите дела Молиер исмејувал и критикувал бројни општествени групи, професии и сталежи, но тој не бил секогаш револуционерен. На пример, тој никогаш не ја напаѓал апсолутистичкиот монархистички режим, што веројатно се должело на неговиот опортунизам (поддршката од страна на кралот). Исто така, тој бил многу конзервативен во поглед на местото на жената во општеството. Молиер бил чист реалист чии дела не се искачуваат во сферата на чистата поезија или философија, туку на проблемите им приоѓа од аспект на здравиот разум и моралот. Сепак, благодарение на извонредните уметнички способности тој зазема едно од првите места во светскиот театар.[11]
За комедиите
„Тартиф“ не е само најголемата комедија на Молиер, туку и едно од најубавите дела во светската книжевност. Во главниот јунак е прикажана целата сложена психологија на побожен лицемер. Научниците откриле дека во тогашното општество имало повеќемина оригинали чија копија би можел да биде Тартиф. Но, денес за нас не е толку важно која личност била прототип на Тартиф, туку поважен е фактот дека Тартиф е израз на една општествена појава која пуштила длабок корен во тоа време.
Со „Дон Жуан“ Молиер ѝ задава удар на дворската аристократија. Со оваа комедија им се свети на оние маркизи кои ја употребиле целата своја сила за да го забранат „Тартиф“, и кои не му ја оставале на мир жената со своите додворувања. Им се свети на маркизите кои животот го поминале во разврат и лаги.
Борбата со своите моќни непријатели го зголемила песимистичкото расположение на авторот, кое тој го изразил во комедијата „Мизантроп“. Ако овде внесол нешто ново, тоа е проширувањето на кругот: овде не е прикажана само дворската средина, туку и граѓанската класа, судот, полицијата. Главниот лик Алкест се судира истовремено на повеќе страни. Тој е во право, но сепак губи. Со оваа комедија завршува вториот, најдобриот период од книжевната дејност на Молиер.
После оваа комедија, Молиер не напишал ништо добро што може да се спореди со погоре споменатите три комедии. Во делата кои му припаѓаат на тетиот период, Молиер ја продолжува борбата против општеството. Еден по друг се нижат негативни ликови од она време, кои веќе ги има и во поранешните комедии: учени жени, шарлатани-лекари („Вообразениот болен“), лакеи, лихвари („Скржавец“), и граѓани во аристократијата („Граѓанин аристократ“). Во последново дело се истакнува една значајна појава на која укажува Молиер: буржоазијата носи со себе нешто многу посилно од привилегијата на аристократите – капиталот.