Се поретко колегите ги гледаат колегите
Сепак, единствената шанса преку нашите два фестивала каде сите театарџии се на едно место – Чернодрински” и Шишков”, сепак, имам можност да видам речиси се што е релевантно на нашата сцена, вели на темава Владимир Тулиев, актер во Штипскиот театар
Театарската претстава за поколниците на Талија е вистински празник. Но, дали на тој празник присуствуваат и оние кои во негова чест работат и го создаваат, особено кога не играат или не се потписници на режија, текст, сцена, музика… или со други зборови дали театарџиите имаат и ја поддржуваат праксата да ги гледаат своите колеги, шетајќи по театарите низ државата? За волја на вистината, има и такви луѓе од фелата – актери, режисери, драматурзи, сценографи, кои ја обиколуваат театарската ни држава и се информираат што навистина се случува кај нас.
Има и такви кои речиси константно (о)зборуваат дека театарот не ни чини, а притоа без да видат ниедна претстава надвор од матичната сцена и што е најтрагично упорно да создаваат една негативна слика за тоа, што, всушност, театарски ни се случува…
Што се однесува до овие последниве за Драган Спасов-Дац нивните констатации не се ништо друго освен будалаштини и бесмислици што создаваат небулозни ситуации во театарот”. Тој признава” дека не може многу често да гледа претстави во другите театри, особено не во градовите низ Македонија.
Сепак, за мене е поприродно кога сум на сцена отколку од другата страна на рампата. Но, во секој случај кога имам време, а и тоа се случува, успевам да ѕирнам што се случува, најчесто во МНТ. Затоа, последно што гледав беше Така било пишано” од Сашко Насев во режија на Синиша Ефтимов”, вели Дац.
За Владимир Тулиев, актер на Штипскиот театар, се помалку има можност за патувања, со цел да се види што се работи во другите театри. Порано се беше поинаку и подобро во оваа смисла. Пристигнуваше факс кој најчесто завршуваше на огласната табла и имавме и време и простор за организирање на следење на одредена премиера во некој друг театар или град. Сега тоа не се прави и оттука се помали се шансите организирано да проследуваме претстави од другите градови. Сепак, единствената шанса преку нашите два фестивала каде сите театарџии се на едно место – Чернодрински” и Шишков” имам можност да видам речиси се што е релевантно на нашата сцена. Единствена моја замерка во овој однос е што колегите дали немаат време или не сакаат, не навлегувам, се помалку остануваат на дружба – се оди дома речиси веднаш по одиграните претстави”, додава Тулиев.
Редовно одам на премиери во Велешкиот театар, бидејќи ми е блиску и онаму каде што ќе ме поканат. Ете на пример, бев на премиера во Ниш на претстава што ја режираше Сашо Миленковски, бидејќи ме повика. Се трудам да гледам претстави колку што можам, се разбира, во склад со моите можности и обврски”, ќе каже Ванчо Петрушевски на темава и додава: Душегрижниците да ги оставиме на страна, бидејќи тие најчесто преку плуќањето по театарот ја изразуваат својата немоќ, а некои од нив и својата нереализираност”.
Слично мислење за ова има и драматургот на МНТ, Братислав Димитров: За жал, најгласни се тие што првин не се бендисуваат себе, а потоа и другите. Тие не ја сакаат уметноста во себе туку себе во уметноста.Тоа е нивната трагедија”. А што се однесува до можноста за проследување на претстави тој вели дека го користи секој момент бидејќи духот треба постојано да се надградува, што подразбира дека театарскиот уметник треба да ги проследува настаните во неговото опкружување, бидејќи ниту животот ниту нашата професија не стојат во место”.
Дејан Пројковски, режисер и уметнички директор на МНТ, е задоволен од тоа колку и како може да ги проследува театрските случувања во Македонија дел како обврска со новата функција во МНТ, но дел и како приватна цел и вокација. Сметам дека доста активно го следам она што се случува кај нас и што мислам дека е релевантно на нашата театарска сцена.
Можам да кажам дека се повеќе се развива и ја има алтернативната и приватната професионална сцена што значи поголема конкуренција, но и поголем поттик за работа. Што се однесува до колегите критизери за мене од секогаш било релевантно она што публиката и критиката ќе го види и оцени, бидејќи токму овие два сегмента чинат од нас и за нас споменици или гробови”, завршува Пројковски.
Борче ГРОЗДАНОВ