ТЕАТАРЧЕ
(објавено во „Арт Република“ бр. 2, септември 2005)
СКРОМНАТА ДАМА НА МАКЕДОНСКОТО АКТЕРСТВО
Средбата со актерката Љупка Џундева се случи мошне спонтано. Во потрага по вистинска приказна, интуицијата нè одведе до скромната дама на македонското актерство. Конкретен повод нема. Нè водеше чувството дека премногу лесно ги забораваме или ги занемаруваме вистинските вредности. Желбата да ја исправиме оваа неправда внесе возбуда, но и се отвори пред нас како вистински предизвик во откривањето на приказната. Случајот сакаше да добиеме не една, туку две приказни – едната реална, а другата измислена. Или можеби и не се приказни, туку едноставно – сеќавања на времето минато и размисли за времето сегашно. Но којзнае, нели животот на секој човек е живеење на барем една, лична приказна.
Љупка Џундева припаѓа на втората генерација актери од некогашната Висока театарска школа. Во класата со која раководел Илија Милчин, нејзини соученици биле Вукан Диневски, Самуил Дуковски, Милица Стојанова, Кирчо Божинов, Ацо Јовановски, Дарко Дамевски, Драги Костовски. Нејзината прва улога во театар била во претставата „Ужалена фамилија“ во 1950 година, во режија на Петре Прличко. Учествувала и во снимањето на првиот македонски филм „Фросина“, во 1952 година. Таму некаде, во 50-тите години од 20-от век се и почетоците на нејзината актерска приказна.
Приказна за времето минато
Првата, втората и третата класа, сите бевме заедно, имаше предмети кои ги слушавме заедно и имаше едно големо дружење меѓу класите. Школувањето беше на конкурс. Се објави конкурс и дојдовме сите на приемен испит. Во тоа време не се јавуваа баш многу кандидати за школувањето, бидејќи театарот не беше професија за која младите трчаа да се запишат како сега. Сега се пријавуваат 300 или не знам колку кандидати на конкурсот на Факултетот за драмски уметности. Сега има некој престиж, а тогаш не беше така. Имаше една класа од 10 до 15 души и толку. Се работеше многу и се работеше напорно.
Мојата прва улога беше Даница во „Ужалена фамилија“ од Нушиќ. Во тоа време првото излегување на сцена беше со голема трема. Не само трема, туку и голема одговорност. Во споредба со денешното време има разлика во однос на тоа што бевме многу внимателни едни кон други, отворени, можеби повеќе се сакавме, и покрај сите меѓусебни пецкања. Колку болно дејствуваат тие пецкања на таа возраст. Бевме поотворени, подобродушни, понаивни. Мислам
дека сега нема наивно дете, а камоли возрасен човек. Можеби такво беше времето. Но, мислам дека луѓето го прават времето. Со својата работа, со своите размислувања, со својот интелект кој сметам дека многу често не е најдобро искористен, во позитивна смисла. Како да не е искористено она што би требало секој да го даде од себе си.
Ние сега имаме толку многу интелектуалци, образовани луѓе, а некако гледаш дека не секој ја работи онаа работа со која најмногу би придонел во развојот на општеството. На пример, ако сум архитект, јас како архитект не можам да дозволам да се прави ова што сега се прави во Скопје. Имаме многу архитекти, а го упропастивме Скопје. Дозволивме да се прави сѐ и сешто и да гради кој и како сака. Кога јас, која немам врска со архитектурата, можам да проценам дека оваа зграда што е изградена тука не мора да има толку ката и мора да има патека и да биде повнатре, и да има паркче, и дека во паркчето не смее да се дозволи да се гради друга зграда, тогаш зошто не би можел тоа да го процени оној кој е образован за тоа?
Од сопственото искуство знам дека кај актерите нема правила околу тоа дали тие даваат сè од себе, затоа што секој си го прави сопствениот систем на вредности и секој актер си има свој систем на работа. Се разбира, покрај основното, да го научиш текстот и потоа да одиш понатаму. Текстот е најмалата работа во актерството. Мене никогаш не ми било проблем да го научам текстот. Така што секој си има свој систем и нема актер кој не сака да даде сè од себеси во улогата која ја работи, сеедно дали улогата му се допаѓа или не. Актерот е тој којшто застанува на сцената и се соголува пред публиката, и внатрешно, и физички и духовно и затоа мора да се обиде да биде најдобар во креирањето на својата улога. Ако веќе прифатил да ја игра таа улога, тој мора да ја работи, да ја изнесе и да ја покаже и да се труди да биде најдобар, затоа што тоа е тимска работа. Замислете на што ќе личи претставата ако секој од актерите во неа не се вложи најдобро што знае и може. Јас не верувам дека постои актер кој чека некоја главна улога за целосно да се вложи во неа. Тоа значи дека тој актер не е вистински актер.
Љупка и Мери во Мирно лето
Има актери кои многу сакаат да играат на сцена. Едноставно чувствуваат потреба да се на сцена, сакаат да се на сцена, сакаат да играат на сцена. Тие актери и кога ќе добијат помала улога или кога ќе добијат улога која баш и не им се допаѓа или се надевале на друга улога, ќе размислат и ќе донесат одлука во себеси дека ја примаат улогата и ќе ја сработат. Од друга страна, има актери кои ќе кажат: „-Јас ја сакам таа улога или не играм!“ и се откажуваат. Само, знаете, во еден колектив не може многу да се избира. Секогаш има два-тројца кои можат да избираат улоги, а другите не.
Се сеќавам на „Три сестри“ од Чехов. Некако во себеси мислев дека Илија Милчин ќе ми ја даде Ирина, најмалата сестра. Кога ја прочитав распределбата, видов дека не ја играм јас туку таа улога ја игра Цветанка
Јакимовска, а јас ја играм Наталија, снаата, жената на Андреј. Не ми беше баш мило, мора да признаам. Почнаа пробите, ништо не реков, ја примив улогата, а јас бев некако пасивна. Тоа го забележа и режисерот, ме викна кај себе и ме праша: „-Што е ова од тебе Љупка?“ Му кажав, а тој ми одговори: „-Мислам дека грешиш и мислам дека и оваа улога ти одговара и мислам дека добро ќе ја направиш“. Откако размислив за тоа, го прифатив неговиот совет. Потоа, кога се играше претставата, постојано добивав комплименти за мојата улога во таа претстава.
Во однос на комуникацијата со режисерот правила нема, но секогаш имало и сега ги има поединечните групи кои работат заедно, се наоѓаат по заедничките размислувања, кон театарот и за театарот. Режисерот гледа и размислува дали му одговараш или не. Ретки се режисерите кои би дале улога така, од пријателство или наклоност.
Најмногу играв кај нашите режисери. Кај Ќостаров, кој беше голем авторитет кога почнував со актерството, кај Илија Милчин. Потоа дојдоа и Рули – Димитрие Османли и Бранко Ставрев, дојде и младиот Милчин, па Диме, па Љубиша. Во еден период доста работев со телевизија и таму снимав со Благоја Андреев, со Ацо Алексов, со Иван Митевски, со Тренчовски.
Мирно лето
Од моите искуства во работата на ТВ и на филм има нешта кои се исти, а има нешта кои се различни. Обично во ТВ повеќе се мисли на континуитетот на работа, како делото се развива по некаков редослед, така што актерот има време да се подготви. Истото го има и во филмот, само што во филмот може да се снима последната сцена, а потоа да се снима првата, така што треба да бидеш подготвен. И во филмот и на ТВ работите многу зависат од режисерот, од снимателот, од светлото, од монтажерот… И на филм и во ТВ има нешто заедничко, но во театарот е нешто друго. Таму за два часа сè се завршува. Претставата оди од почеток до крај и ти си цело време на сцената и исцело се предаваш на таа претстава, на таа улога. Ти си господар, воспоставуваш контакт. Тој допир со публиката, тој флуид, тие емоции кои ги споделуваш со публиката, ги споделуваш во таа смисла што кога се предаваш исцело на улогата, некаде во твојот мозок некое часовниче отчукува, и ти ја чувствуваш тишината и знаеш дека тоа е тоа, дека публиката го прима секој збор, секоја воздишка. Ја чувствуваш публиката како дише, а и таа тебе те чувствува како се предаваш на улогата. Тоа е нешто што не може со зборови да се искаже, тоа само се чувствува. Да знаеш само колку сега ми недостасува театарот…
Човек треба да се научи прво да си ги прости своите грешки сам на себе
За човек да биде човек, треба пред сѐ да се цени себеси како човек, затоа што ако се цениш себеси како човек, нема да дозволиш да направиш некому нешто лошо, нема да подигнеш нож, нема да се симнеш толку долу за да станеш неразумно животно. Треба да има човечност во тебе, треба да има љубов кон
луѓето. Ако носиш омраза во себеси, тогаш никогаш нема да имаш мир. Како човек, сеедно дали си голем интелектуалец, или воопшто интелектуалец или не си, таа омраза што ја носиш во себе ќе те изеде. Сам себеси ќе се изедеш. Треба да се пронајде мирот, љубовта кон луѓето, и колку што е можно, човек треба да му се радува на животот. Ние сме многу малку гости на овој свет. Човек треба да се научи прво да си ги прости своите грешки сам на себе, а потоа да ги прости и на другите. Кога ќе простиш, ќе го најдеш својот мир, ќе се ослободиш.
ИЗМИСЛЕНА ПРИКАЗНА
(Приказна за времето сегашно)
Ленти
Станувам рано, го сакам изгревот на сонцето. Го варам првото кафе и излегувам на терасата полека да го пијам и да се восхитувам на езерото. Ова утро езерото спие, ни едно бранче не ја нарушува тишината. Господи, каква убавина. Седејќи така загледана во водите на езерото, мислите ми се враќаат во минатото, во младоста. И почнувам да вртам ленти, како што велеше мојот колега, извонреден актер Тома Киров, кога ќе го прашавме каде се замислил. Вртам ленти, одговараше.
Така и јас се враќам во минатото, се смешкам. Колку мали, ситни нешта, од денешна гледна точка, можат длабоко да го ранат срцето на младиот човек. Сеедно дали тоа ќе биде професорот, кого го идеализирате, или другарките со кои си ги шепотите најголемите тајни. И тие мали пецкања од љубомора, кои ги примаш страшно болно.
Бевме многу емотивни, срамежливи и патријархално воспитани. Имавме голема почит кон возрасните и таа почит, таа верба дека тие знаат сè и дека се безгрешни, донекаде нè кочеше. Не секогаш можевме слободно, без трема, да ги искажеме нашите мисли, да ги браниме нашите ставови, да го покажеме тоа што го носевме во себе – нашите квалитети, нашата креативност. Но мораме да признаеме дека живеевме во мир, без стравови дека може нешто лошо да ни се случи. Колку брзо пролетаа годините.
Одненадеж тишината ја наруши едно бротче полно со млади луѓе. Нивната смеа и вресок ја разбудија оваа тивка и повлечена населба покрај езерото. Овие млади луѓе уште не отишле на спиење, си помислив. Не им е лесно. Какви сè води треба да препливаат. Некои од нив се добри пливачи – шампиони. Некои немаат ни вода каде да пливаат. Се радувам кога слушам како отворено, умно знаат да ги изнесат своите погледи за светот. Да критикуваат негативни состојби во општеството. Какви умови се кријат во тие млади луѓе, кои не можат да ги реализираат своите знаења, своите желби.
Нашите родители спиеја мирно, знаеја дека по завршувањето на училиштето ќе можеме да се вработиме. Немаше дрога, немаше СИДА, немаше вадење ножеви за само еден збор или од забава.
Од каде стигна оваа страшна агресивност?
А нашите љубови беа платонски, со некој бакнеж и држење за раце, во некоја уличка, пред некој двор од каде што се чувствува мирисот на розите. Така беше тогаш, а сега… вртиме ленти.
Омилени улоги
Улоги и претстави на кои секогаш се сеќава со топлина во срцето: Розалинда во „Како што милувате“ од Шекспир; Регана во „Крал Лир“ од Шекспир; Наталија во „Три сестри“ од Чехов; Оливера Стрезовска во „Ѕидот, водата“ од Живко Чинго; Лизавета Николаевна во „Бесови“ од Достоевски; Ана Шукова во „Кенгурски скок“ од Чинго; Љуба во филмот „Фросина“; Гина во филмот „Македонска крвава свадба“; Мира во филмот „Мирно лето“.