
Живееме во време и по патот на деструкцијата, во простор во кој единствената патека кон успехот “лежи” во уништувањето или во најмала рака, во маргинализацијата на другиот, без да сетиме дека и самите сме на маргините… Во тој и таков свет може да сретнеме разни типови…
Бивш затвореник кој проси за дрога (?!), рок-ѕвезда на која животот и е реално шоу, исфилувано “со бело”, собирач на шишиња, кој лебот го заменува со дилемата дали да се пие кафе или не (?!), дали да се пуши или не (?!), а притоа “добро му е…”, поединец кај кој дилемата е дали да го пушти казанчето, да го испушти или не изметот пред светот да стане тотално посран…, маргиналец на кој журката му е начин на живот, па дури и кога се работи за една ергенска забава зачинета со тепачка (повторно деструкција), бизнисмен кој покрај парите, убавите цицки и газиња не гледа ништо друго и ако е осамен и гладен за љубов (?!), и резигнираниот “интелектуалец” кој го анализира целиот свет освен себеси, а притоа опоменува дека сите ќе не изеде “потрошувачкото општество и рекламата…” и ќе заборавиме на себеси …
Оваа тажна приказна ни ја раскажа Сашо Тасевски, кој беше “седум во едно” и кој навистина не потсети дека актерот може се: да биде бескрупулозен, огорчен, глупав, очаен, тажен, а сето тоа да биде извонредно смешно! Тој ролинг Сашо го изигра распостилајќи го сиот свој талент, уште еднаш докажувајќи дека неговите одлични актерски потенцијали и понатаму лежат и тлеат длабоко во него, за жал, понекогаш неправедно неискористени…
Приказната “Секс, дрога и рокенрол” што ни ја понуди Сашо беше приказ на една експлозивност, која, сепак, може да се канализира во енергија која може да користи во позитива, пред се, креативна… а за тоа се погрижи режисерот Ристо Алексовски, кој од текстот на Ерик Богосјан работен игран по принципот една сцена – еден актер, прави седум “парчиња” кои се сплотени во една комплетна претстава, со функционална сценографија и завидно разигран мизансцен, користејќи ја целата сцена во Драмскиот театар и на моменти правејќи го актерот поголем од неа, што е и базичната театарска интенција и задача…
Толку голем што иако можеби се очекуваше да потсетува на неговите стенд-ап настапи, Сашо сепак, беше во функција на една театарска атмосфера, потсетувајќи не дека театарот и покрај смеењето “до болка и грчеви во стомакот” не е толку (и само) едноставна забава.
Во сета таа замисла комплетниот впечаток го прават и видеодизајнот, што на приказната и дава филмски призвук, како и музиката на “Puppetology” и комплетните сценски решенија на режисерот Алексовски.
Да резимираме, претставата “Секс, дрога и рокенрол” нуди приказна која може да насмее до солзи, но и да замисли, бидејќи, за жал, денес, а и кога било во деструкцијата лежи потрагата по среќа, што е, всушност, и вистината за потребата од живот…
Борче Грозданов