Сашко Коцев: Фудбал играм така-така, а јавам како Индијанец

 

И ПОПУЛАРНИОТ АКТЕР НЕ Е ИМУН НА СЦЕНСКО-ФИЛМСКИТЕ ПОВРЕДИ, АМА…

Ова е констатацијата на актерот по повредите здобиени на филмот “Трето полувреме” и “До балчак” по напорните фудбалски тренинзи и јавањето, од кои има заработено трајна повреда на десниот квадрицепс, поради што не може да ја свитка ногата до крај…
Сашко Коцев е првиот актер од нашата “херојска” рубрика кој своите повреди ги сумира и ги сублимира и од филмското платно, но и од “даските што живот значат…”

Сашко е потврда дека ни малку не е лесно да се стане филмска ѕвезда, барем не овде кај нас и во овие наши услови! Шегата настрана, тој своите повреди ги заработил тренирајќи фудбал за потребите на “Трето полувреме” на Дарко Митревски, но и по стрмните комитски патеки и терени на “До балчак” на Столе Попов.

Од фудбалот заработив трајна повреда на десниот квадрицепс и до ден-денес не можам да ја свиткам ногата до крај, а уште поголема повреда имам заработено од тренинг-јавање, кога го истегнав левиот вкрстен лигамент на коленото. Но, не се жалам, затоа што колку подолго траат повредите, толку подолго ќе се сеќавам и на филмовите. Затоа, воопшто не жалам. Впрочем, научив да играм фудбал (така-така), а јавам како Индијанец”, се фали Коцев.

Што се однесува до сцената, тој нема директна повреда од неа, но затоа, пак, играл под температура и со набиени ребра.
– Се погоди на репертоарот на МНТ зимава во една недела да имам три претстави и сите три да ги одиграм со температура од околу 40 степени. Издржав машки, јуначки. Потоа паднав од мотор и бидејќи работата не прашува и не смее да трпи, така, “дефектен” морав да играм две претстави со набиени ребра. И овојпат издржав, ама мора да признаам, едвај”, завршува Коцев.

Со желба ваквите јуначки дела, ако не престанат, барем да му се поднамалат, му пожелуваме на Сашко уште многу улоги, но да ги одигра здрав, прав, ведар и подготвен “за борба”!

Борче ГРОЗДАНОВ