Од сцената врескаше детето во мене!

КРАТКА “ИСПОВЕД” НА АКТЕРКАТА ИСКРА ВЕТЕРОВА ЗА ГРАДЕЊЕТО НА ЛИКОТ НА СТЕЛА БЕНВЕНИСТА…

Како одминуваше времето, го пронајдов клучот – требаше само да се биде искрен да не се глуми многу… фотографијата на која на врвот на една количка со трупови беше и едно бебе, врескаше од мене и од сцената, вели Ветерова за поводот во својата креација

%d0%b2%d0%b5%d1%87%d0%bd%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d0%ba%d1%83%d1%9c%d0%b0-17
Актерката Искра Ветерова е столбот на приказната “Вечна куќа”, која го отвори новиот театарски храм и не фасцинираше со својата безвременска уметност. Таа со својата суптилност, нежност, солзи од душа, но и цврстина во моментите на одлука кога нејзината Стела Бенвениста сакаше бездруго да ја има и да ја задржи сопствената куќа, пленеше на сцената. Нејзините солзи беа нејзината душа која ни ја распосла и ни ја подари безрезервно.

За тоа како изгледаше патот до “Вечната куќа”, односно до Стела Бенвениста, Искра во краткиот телефонски разговор, за “Вечер” ни рече:

“За одлуката на режисерот Дејан Пројковски јас да ја играм Стела дознав на првиот собир пред подготовките на претставата. Не знаев за што се работи, но кога го прочитав текстот, бев искрено воодушевена, но и исплашена. Стравот потекнуваше од тоа да прекрасното писмо на Плевнеш не ме однесе во една општост и широчина каква што во метафизичка смисла, знае да ја напише само тој. Згора на тоа требаше да се носи товарот на долгоочекуваното отворање на Старо-новиот театар. Како одминуваше времето, успеав да го најдам клучот – требаше само да се биде искрен да се каже она што ги мачело милионите луѓе исчезнати во погромот на Евреите. Во овој контекст “копајќи” по историските факти, наидов на фотографија на која имаше дрвена количка на едно тркалце со многу трупови, а најозгора беше едно бебе од 2-3 години. Впрочем, тој глас врескаше од мене и од сцената”.

Судејќи по тоа како таа го изнесе не само тој глас ами и гласот на историјата, и одекнувањата за нејзината игра, а и на целиот Ансамбл на МНТ Искра повеќе од успешно го артикулирала и ни го подари детето во себе. За тоа ние што ја видовме претставата и оние кои допрва ќе ја гледаат сме и благодарни!

Борче ГРОЗДАНОВ