
Приказната што овојпат Томаж Пандур ја исплете преку Хрватско народно казалиште од Загреб и столбот на приказната, актерката Алма Прица, создаде една фасцинантна слика својствена само на врвните уметници како што е во случајов режисерот и екипата на претставата која никого не остави рамнодушен…
Се започна со напад на сите сетила… Субјектите – актери одеа од човек на човек и ни раскажуваа дека преку Медеја во машкиот свет, всушност, боговите (оние од времето на Еврипид, авторот на пиесата) ја пратиле жената како олицетворение на злото…
Интересната постановка, модерниот пристап, денешниот изглед и костими фрлија уште еден дополнителен сјај на она што го видовме завчеравечер на сцената на МНТ!
Чудото на техниката овојпат помогна уште еднаш да се долови сета таа експресија која допре до сите сетила… Но, не беше нужна! Пред се, затоа што играта на петнаесетината актери (Ливјо Бадурина, Бојан Навојец, Романо Николиќ, Дамир Марковина, Иван Гловацки, Петар Цвирн…) кои беа во служба (никако во дружба) со и за Медеја уште еднаш покажаа дека освен режиско-сценската инвенција, тие се оние кои му вдахнуваат живот на театарот…
Токму затоа уште еднаш секоја чест за нив, но и за потегот на “МНТ ФЕСТ ” да ги донесе од хрватската престолнина за да видиме врвен фасцинантен театар!
Им благодариме!
Калигула за чист тотален театар
Лекција по модерен театар. Чиста игра. Издиференцирани актерски односи. Одлични, креативни индивидуалци. Игра со нарцисот, ѕверот, самопрогласениот богочовек… Тој сака да го спои светот во едно – во себе… Да го има само за себе, ставајќи ги под пазува Месечината и Сонцето… нему на бескрупулозниот, на бескомпромисниот, на развратниот – Калигула…
И повторно приказната ни ја раскажува Томаж Пандур со веќе препознатливите назнаки, сценографски и костимографски, карактеристични за неговиот ракопис, а во поголем дел веќе виден во претставата “Тесла електрик компани”, што минатата година се играше во античкиот театар, исто како и “Калигула” годинава. Пандур си играсо водата, како симбол на вечниот проток, наспроти нестабилноста на човечкото битие, наспроти стаменоста на плочата Свет, која плови но и се крши, за на крај Земјата да биде топка со која си играат сите бескомпромисни лудаци, се додека таа не го допре небото како лимит…
Ова е импресивниот впечаток што ни го понудија актерите Ливио Бадурина, Свен Медвешек, Хрвое Клобучар, Дијана Видушин, Озрен Грбариќ, Филип Крижан, Свен Шестак и др… од театрите Гавела, Улисис, театар Будва, а кој копродуцира со Охридско лето кое ни овозможи да го видиме овој спектакл, кој не би бил целосен без музиката од Сајленс на Борис Денко и Промож Хладник, која беше неизоставен дел од убавината.
Дека тоа беше спектакл се почувствува и по приемот на публиката во речиси полниот антички театар во Охрид, која со петминутен аплауз ги награди режисерот Пандур и актерите. Тие беа наградени за точноста, прецизноста во изразот, и за тоа што за точно 90 минути ни покажаа тотален театар, театар на моќ, театар на сила, енергија, но и на мисла и размисла.
“Диригентот” на претставата беше презадоволен од тоа како публиката го прими “Калигула”: “Навистина беше огромно задоволство да се почувствува повратната енергија од огромниот аудиториум присутен во прекрасниот охридски антички театар. Впрочем, ваквиот прием кај публиката и фактички ја потврдува потребата за постоењето на Театарот”, заклучува накратко Томаж Пандур.
Борче ГРОЗДАНОВ