– Спецификата на она што го поседуваат балканските театарски уметници, посебно оние од бившите југословенски простори е всушност она што ме натера и ме тера речиси секогаш повторно и повторно да се навраќам на нив и уметноста. Ете, во Охрид сум со црногорски проект, последните години режирав во Хрватска, а работев и во Сплит и тоа со Мето Јовановски, а претходно и со Ненад Стојановски, музика работевме заедно со Љупчо Константинов, кој е охридско дете…
Надоврзувајќи се на она можете ли нешто повеќе да ни кажете и за работата во Македонија, односно во Драмскиот театар од Скопје, односно каква е вашата меморија од работата во Македонија?
– На тоа време се сеќавам со голема носталгија. Во Драмски во Скопје работев повеќе проекти, а потоа и во МНТ на праизведбата на “Црна дупка“ од Горан Стефановски. Мене тоа поминато време во Македонија, сега ми изгледа неверојатно. Се сеќавам на стариот добар драмски театар со фантастична екипа од актери. Некои од нив за жал, веќе ги нема, како на пример, Ненад Стојановски, за кого секогаш ќе имам добри спомени, бидејќи тој беше извонредна човечка актерска и уметничка фигура… Мојата врска со Македонија не е само носталгично-љубовно ориентирана, туку и реална, преку соработката со уметниците. Многу сум среќен поради тоа. Впрочем, Македонија е мојата уметничка папочна врвца со светот.
Каков е вашиот впечаток по настапот на Охридско лето?
– Многу ми е мило што нашето патување низ Црна Гора преку пиесата “Његош и јас“ стигна до тука. Бидејќи во неа се спроведуваат некои мои тогашни и сегашни политички чувства, кон и за овој свет, драго ми е што овде публиката извонредно ги восприеми. Всушност, како и во мојата пиеса и во Охрид воспоставивме еден дијалектички однос со еден свет, кој по мене неправедно е променет..
“Његош и јас“ е ваш авторски проект. Врзувајќи се за она “добар автор – мртов автор“, колку авторот Паоло му пречи на режисерот Маџели?
– Се обидував и се уште се обидувам да воспоставам некоја конекција на соработка помеѓу овие двајца. Актерот кој пак играше на сцената, а исто така се викаше Паоло Маџели е директната конекција помеѓу нив. Шегата на страна, во животот за се нешто мора да се најде баланс, рамнотежа. Имам чувство дека успевам тоа да го направам. Токму претставата што ја видовте на Охридско лето е резултат на таа рамнотежа.
Можно ли е Охрид, неговиот амбиент и сончеви зраци да го привлечат вашето внимание во авторска смисла?
– Охрид е прекрасен самиот по себе, но Заум како магично место ме привлече, бидејќи во него има и простор и време за уметност. Токму тука ја најдов и инспирацијата за мојот следен театарски предизвик и верувам дека токму Охрид ќе биде уметничко “место на злосторството“. За приказната, пак, за Заум дознав од легендите кои се во брошурата на овогодишното издание на Охридско лето. Интересна идеја која ме иницираше да појдам да го видам ова место, кое по својата фасцинантност, се надевам, ќе биде мојата следна театарска дестинација.
Борче ГРОЗДАНОВ