Навистина заслужија едно големо браво 15-ината млади актери ентузијасти, режисерката Теа Беговска и Стефан Сидовски, затоа што преку контролата онаа екстровертна, но и онаа интровертна вкопана во себеси ни покажаа дека слободата е можна само ако се сака, а за тоа треба да се има волја и идеја!
Сте биле ли на патување од кое и покрај контролата врз себеси, сепак ќе излезете полни со емоција, а притоа патеката по која одите да биде со градски автобус и полека, но сигурно да ве води низ лавиринтите на урбаното?! Ако мислите дека сигурно сте биле, тогаш уште посигурно е дека не сте виделе се! Затоа, Теа Беговска со 15-ината млади ентузијасти, студенти, актери, ни покажа колку, како и зошто контролата почнувајќи од онаа редовна, автобуска, но и интровертната во себе затворената може само уште повеќе да ги поткрене фрустрациите…
Во автобусите на ЈСП низ метрополата ни сигурно има се и сешто, сигурно има и “ќоро и сакато”, како физички, така уште повеќе духовно! Тоа експлицитно ни го објаснија и поинаку облечените и насилниците во потрага по пет денари, па и некултурните контролори, како и квази заљубените и маскираните суперменовци… Ние 23-темина кои го посведочивме настанот во кој ги видовме и нив, но и себеси, може да бидеме презадоволни од идејата, а и од тоа дека ако се има сенс за работа, тогаш навистина театарот е можен секаде и секогаш! Ако на тоа се придодаде и енергијата која насекаде импулсивно се разлеваше по 10 метри долгиот и 2 метри и 15 сантиметри широкиот автобус, тогаш уште еднаш е потврдено дека било кој настан кој е во насока на културното, урбано, продлабочување на самите себеси е и тоа како добредојден.
Затоа, браво за момците и девојки ентузијасти, за Теа, но и за Стефан Сидовски, кој на крај ни ја затвори дилемата дека треба да играме по правилата и притоа слободата да си ја “купиме”, овозможувајќи му слобода на другиот!
Борче ГРОЗДАНОВ