Вечна игра актуелна некогаш, сега и довека!

ТЕАТАР

Кон Вечна игра

Филозофската мисла почнува од идеја, а пишаниот збор започнува од думата, која пак најпрецизно и најточно, мудро произлегува од народот! Тој народ и таа мудрост никој, ама баш никој, не може да го надмине, бидејќи тој, народот, знае што му треба и за животот, но и по смртта…

Ниеден авторитет, ниеден автор не може да го побие чувството на припадност, кој го поседува само обичниот човек! Но, од тој мал, навидум несовршен, и не баш идеален човечулец произлегува сета мудрост.

Токму поради тоа, смртта не му може ништо на Иљо М., дури и ако посегне по најмилото, по чедото! Така, обичните смртници се плашат, се посипуваат со врела вода и се дават во кал, но сепак, излегуваат победници, затоа што емоцијата е појака ако има идеја, смисла и сегашност, а за и со целовитост…

Со оваа мудрост се занимава академикот Митко Маџунков во неговата, а веќе од поодамна и наша “Вечна игра”, со сопатникот Бранко Ставрев, кој речиси три децении се занимаваат со играта на “… смокот”, “Сенката” и “Пуста земја”, за да ни докажат дека вечната игра на мудроста е актуелна и сега, но и за навек.

Ако тоа се гледа театарски, низ слика и прилика на домашниот автохтон струмички збор (од каде се родум и двајцата претходно споменати автори) и ако еден натурализиран “скопјанец” алијас струмичанец Мите Грозданов е столбот, односно Иљо М. кој како сега, така и пред три децении (во 1986 година), го започна но не го завршил патот на бунтовникот, мудрецот, “парталкото” Иљо М, тогаш добиваме убава театарска претстава, речиси еднаква на спектакл…

Негови, пак верни сопатници се неговата Махе во случајов Тинче Ристевска, која со својата одмереност ни ја предаде со сета убавина на актерската игра, неминовно потсетувајќи не дека наследи една Зора Георгиева која (покрај другите) ја одбележа токму овој лик пред струмичката публика.

Видоизменетиот состав од Трилогијата го сочинуваат уште одмерената, тивка, но разбирлива внука алијас Јасмина Вучкова, “мудрецот” од оној свет Премрен Трендо или Ванчо Мелев, кој со стил им “попуваше” на своите веќе мртви сограѓани, мудрата баба Фима со смиреност предадена до Оливера Аризанова, енергичниот Фимче на уште поенергичниот Бранко Бенинов, грамадниот по изглед, но кршлив по душа Дончо на Ванчо Крстевски, интересниот и секогаш спремен за добар актерски лаф Васил Михаил, со неговиот Тушо, стамениот и секогаш “на висина на задачата” ангел на смртта, верно предаден од Стојан Велков Трн, Пратеникот – Цивкото на интересниот Коста Ангов и Носачот на Тронот – Слугата или Томе Ментинов, кој уште еднаш покажа дека знае да игра без многу зборови и тоа сосема наметливо и добро…

Сценографската замисла (користејќи ја сценската ротација) дека се околу нас, но и во нас се врти од мака до гнев, од шега до подбив, е точно и прецизно обмислена од сценографот Валентин Светозарев, за да уште еднаш со музичките назнаки “позајмени” од Фредерик Шопен и костимите што ги сочини мошне верно Благој Мицевски, се заокружи една приказна во која сите се наоѓаме сега, тука во иднина и за навек!

Борче Грозданов