Теа Беговска, дипломиран режисер
РАЗГОВОР СО ТЕА БЕГОВСКА, МЛАД РЕЖИСЕР
Меѓу десетината млади режисери кои во последните три-четири години полека, но сигурно доаѓаат со цел да го заземат своето место под театарското сонце е и младата Теа Беговска, дипломиран режисер на Универзитетот ЕСРА во класата на Дејан Пројковски. За тоа какви патишта таа избира за свој израз и што сака да каже преку нив, како и зошто ги бира алтернативните, а не институционалните патеки за докажување во непосреден разговор дознаваме лично од неа…
Дали алтернативната патека значи и недостаток на институционален израз или…
– Секако, ако имав повеќе можност да стапам на професионалните институционални сцени, можеби немаше да го барам алтернативниот пат. Но, сиот тој пат и тие патеки на истражување, всушност, се барање на свој оригинален израз преку кој оставате уметнички печат. Затоа, за мене е сосема природно што моите претстави се играат во кафулиња, на простори кои немаат речиси никаква допирна точка со театарот. Токму во кафуле, на пример, сте во директен контакт со публиката, па така, во претставата “Три сестри” гледачот е и актер и чинител, но и суд за тоа што сме го сработиле.
Има ли алтернатива на алтернативата?
– Алтернативата сама по себе не смее да има други алтернативи. Едноставно, се што треба да направите е да го одите својот пат, да барате и да најдете сродни души кои тоа што ќе го работат ќе го работат од љубов кон театарот или професијата, воопшто, а не за тоа првиот муабет да ви бидат парите. Кога го говорам ова мислам на тоа дека речиси сите, а особено младите прво разговараат или размислуваат за тоа колкава ќе им биде заработката од одреден проект, па потоа работат… Така не се прави тоа, така не може! Едноставно, од алтернативниот пат нема заработувачка! Или само љубов, но таа љубов носи и креативност, бидејќи условите во кои работите се минимизирани, пред се, во техничка смисла, па затоа, инвентивноста е прва која мора да го стори своето…
Си размислувала ли, сепак, за “вдомување” на некоја професионална театарска сцена?
– Ако ми се пружи шанса, сигурно нема да ја испуштам или пак, да ја одбијам. Како и сите, и јас сонувам за “кров над главата”. Но, во меѓувреме, како што реков, пронаоѓам свој пат до креативноста, а тој пат е комуникацијата со луѓе од различни профиле, со различни карактери и темпераменти. Кога во тие контакти ќе успеам да ги склопам коцките и да оформам, односно да направам проект, тоа значи дека сум успеала. Но, и кога ќе успеам, кога ќе завршам еден проект, тоа за мене е само уште една станица….
Кои се твоите следни станици?
-Еве, сега работам на претставата “Тажна месечина”, што е тотално мој авторски проект. Дојдов до интересна идеја да вклопам некои мои дијалози, приватни, со блиски луѓе, кои се однесувале на клучни животни, филозофски теми…. Бидејќи се собраа многу такви дијалози, оформив една приказна за двајца кои се запознаваат во тишина и од таа тишина тргнува се. И процесот на создавање, во што, всушност, лежи и тајната на претставата, проект од кој не е исклучено да излезе и книга…
Се носам со уште една идеја, а тоа е да направам перформанс во автобус. Но, за оваа идеја ќе направам кастинг, а во поделбата ќе влезат само оние кои на целата работа ќе пристапат со чисто срце, ентузијазам и енергија…
Имавте еден интересен обид преку “Вртелешка” за соработка на пет млади луѓе со пет различни енергии. Кажи ни нешто повеќе за таквото искуство?
– Нека не ми се налутат моите колеги, но сметам дека не успеавме до крај да направиме добра претстава. Не затоа што не се разбиравме и не соработувавме, но сепак, пет луѓе се премногу во смисла на пет различни енергии, пет различни видувања на театарот, пет различни естетики…. Можеби во иднина и повторно би работела еден ваков проект, но најмногу со тројца луѓе, затоа што се што е отповеќе значи и повеќе компромис, а преку компромисот трпи уметноста!
Учествуваше на МЕСС во Сараево…
-Да! Многу сум горда на тамошното учество на работилниците на дружбите и контактите со луѓето на 20-ината изгледани претстави, од кои многу научив. Сараево е град каде што можете да видите и обични ведри луѓе, но и светски ѕвезди. Тоа е резултат на двата големи фестивали што се случуваат во овој град, МЕСС и Сараевскиот филмски фестивал. Уште една работа која ме фасцинираше е еднаквиот третман на сите учесници. Во пристапот на домаќините немаше ѕвезди. Сите бевме еднакво третирани. Тоа ти дава чувство на важност, но и одговорност кон професијата.
Твоите родители се актери. Колку тоа те “навлече” на овој пат што сега го одиш?
-Многу! Значи, јас растев со театарот. На поткровјето од нашата куќа имаме мало “театарче” во кое има костими, фундус, прашина, која и буквално потсетува дека нашиот живот е театар. Се разбира, не секогаш се согласувам ниту со мајка ми Ружа, ниту со татко ми Сухи, но и кога не се согласуваме, односно се расправаме по однос на театарскиот идентитет, и тоа е креативност. Значи, горда сум што имам такви родители!
Борче ГРОЗДАНОВ