Кон премиерата на претставата „ Вечера на ронките“ , во продукција на Албанскиот театар од Скопје
* Актерите го предаваат дејствието без задршка, сугестивно еквилибрирајќи на тенката линија меѓу животот и смртта, љубовта и омразата, внатрешното преживување на ликовите, интерпретациите на емоциите низ текст, гест и игра која смета на нивната ментална и физичка подготвеност.
Она што не може во животот, може во уметноста. Токму една таква невозможна средба ни прикажа Албанскиот театар, низ постановката на дуо драмата „ Вечера на ронките“, чија премиерна изведба поради реновирањето на објектот на Бит пазар, се одржа на сцената на Детскиот театарски центар. По текст на актерот и драмски автор Рефет Абази, претставата ја постави младиот режисер Кендрим Ријани, давајќи свој прилог кон афирмацијата и сценското заживување на уште едно четиво од современата домашна драмска литература, напишана на албански јазик.
Средбата на еден маж и една жена, чија голема љубов никогаш не била крунисана со заеднички живот, по игра на случајот , ја овозможува нивната смрт во ист ден и околности, на блиско растојание. Овој метафизички приказ на живот после смртта и на љубовта за која нема граници, ја чини накратко фабулата на претставата. Режисерот Ријани, придржувајќи се до карактеристиките на театарот на суровоста на шпанскиот драматичар, сценарист, режисер , романсиер и поет, Фернандо Арабал Теран, од текстот на Абази гради педесет и пет минутна провокативна камерна постановка, во која се мешаат бруталноста и нежноста со кои меѓу себе се опсипуваат некогашните љубовници. Тие се појавуваат на сцената од подземјето, со маски на лицата, што е уште еден важен елемент од драматичниот карневал на суровоста на Арабал.
Во претставата настапуваат актерите Луран Ахмети и Амернис Нокшиќи Јовановска. Тие како ликови си истрелуваат цели {аржери од вербални куршуми, а применуваат и физичко насилство меѓу себе, обвинувајќи се за нивната промашена , а толку силна љубовна приказна . Причина за напуштањето е траумата која ликот на Ахмети ја преживеал во детството, а е поврзана со неговата мајка. Таа траума, како домино ефект предизвикала други трауми и погрешни потези од страна на ликот што го толкува Нокшиќи Јовановска. Двајцата актери го предаваат дејството без задршка, сугестивно еквилибрирајќи на тенката линија меѓу животот и смртта, љубовта и омразата, внатрешното преживување на улогите, нивните интерпретации на емоциите низ текст, гест и игра која смета на менталната и физичката подготвеност. Во сцената кутија на протагонистите им се придружуваат и Џанер Мусиќ и Сулејман Ибрахими , но само во позадина, креирајќи ги сенките и потребните ефекти за овој театарски чин.
За сценскиот простор кој асоцира на гробишта или на дистописки предел по апокалипса, беше задолжен Петрит Бакали. Авторка на костимите, креирани во современ стил , е Едлира Ќушка. Музика за претставата компонираше Фатос Лумани, а кореографијата ја подготви Кренаре Невзати-Кери. Уште еден важен елемент од претставата што се занимава со остатоците – ронките од животите на љубовниците, е видеото на Бетим Зекири. Тоа е направено како своевиден тв медиум на кој се читаат извадоци од дневниот печат, поврзани со поплавата во која згаснале многу животи, меѓу кои и оние на двајцата несудени сопружници. Овој аспект , на претставата и дава колку универзален, толку и дневно-актуелен ангажман, особено по катастрофалното невреме со поплава во Скопје, на почетокот на Август , 2016 година.
Во ова време на екстремна суровост и одроденост меѓу луѓето, во домашни , но и светски рамки, љубовта е насушна потреба. Колку повеќе изумира, колку повеќе ја нема, толку поголема треба да биде потрагата по неа. Затоа вреди да се пресоздава и таму каде што реално не може да се најде. Во тоа е најголемата вредност на претставата „ Вечера на ронките“, направена како чин во слава на љубовта.
Сотир Трајков