Големи успеси на „Разговори во четири очи“ во Санкт Петербург

 

 

 

Исто така сакаме да го истакнеме и големиот успех на претставата „Разговори во четири очи“ во режија на Нина Николиќ, која се одигра на 1 декември во рамките на седмото издание на меѓународниот камерен театарски фестивал „АртОкраина“ во Санкт Петербург, Русија. Претставата исто така беше во селекција со врвни театарски куќи од: Русија, Англија, Италија, Полска, Белорусија и Романија.
Семејната драма која ги обработува темите кои не засегаат, приказната за горките сознанија за изгубеното време, пропуштените прилики, свесното жртвување и соочување со она што сме биле некогаш, што сме можеле да бидеме и она што сме, со одличната актерска игра на Амернис Нокшиќи – Јовановска, Нина Деан, Петре Арсовски, Благој Веселинов, Катина Иванова и Дамјан Цветановски, длабоко допире до руската публика. Поклонот беше проследен со голем аплауз и овации, а актерите и техничката екипа сеуште ги споделуваат импресиите и приемот од меѓународниот камерен театарски фестивал „АртОкраина“ во Русија.

За 15 дена МНТ одигра 12 претстави во Полска, Романија и Русија и со ова ја заврши една од најуспешните турнеи во своето постоење. На крајот сакаме да напоменеме дека оваа година се направи и претставата „Соларис“ во копродукција со Винер фествохен кој е еден од најпрестижните фестивали во Европа. Светската премиера на „Соларис“ беше во месец јуни во Виена. Со својата врвна продукција и богата меѓународна програма МНТ се наметнува како еден од водечките театарски центри во Југоисточна Европа.