Јордан Хаџи Константинов-Џинот (1821 – 1882)

 

Јордан Хаџи-Константинов – Џинот
Dzinot.jpg
Портрет на Јордан Хаџи-Константинов – Џинот
Роден околу 1821
Велес, денес Република Македонија
Починал 29 август 1882
Велес, денес Република Македонија

Јордан Хаџи Константинов – Џинот бил македонски просветител (еден од зачетниците на просветителството во Македонија), роден кон крајот на 1821 или на почетокот на 1822 година, во Велес на Прцорек (познато велешко маало), на левата страна на Вардар.

 

Живот и работен век

По завршувањето на ќелијните школи во родниот град, Јордан своето школување го продолжил во Самоков и Солун. Работата како учител во Велес ја започнува во 1838 година кога отпочнува со реализирање на идејата за воведување на народен македонски јазик во училиштата. Покрај воведувањето на народниот македонски јазик во училиштата Џинот е заслужен и за осовременувањето на наставата, бидејќи вовел нови предмети. Со тоа учениците покрај тоа што добивале знаења за свештени лица, со новите предмети внесени од Хаџи Константинов, учениците се здобивале и со знаења кои подоцна со успех ги применувале во трговијата и занаетчиството

ДВОВЕКОВИЕТО НА ЈОРДАН ХАЏИ КОНСТАНТИНОВ – ЏИНОТ
Или: за генезата на неговото стамено име и џиновскиот книжевен, културен и образовен придонес

Сестрана, несекојдневна, самопрегорна личност

Сто и деведесет години од неговото раѓање, тоа се речиси два века од постоењето и дејствувањето на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, една несекојдневна личност, индивидуалец, книжевник, драматург и учител од Велес.
Толку многу нешта иницирал и реализирал Џинот, што со право може да се наречат неговиот лик и дело џиновски. Тој, заедно со Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски, е еден од нашите први и најзначајни преродбеници и просветители, иако до денешни дни сî уште не е адекватно вреднуван во македонската историја и култура.
Јордан Хаџи Константинов – Џинов припаѓа на група македонски просветители и преродбеници од ЏИЏ век. Со својата просветителска дејност придонел за создавање граѓанска култура и литература во Македонија.
Со својот труд длабоко ја задолжил Македонија, а бил пионер во многу области, поради што бил во немилост на грчките владици, па бил прогонуван, затворан и негиран. Прв извел метеоролошки мерења во Македонија; тој ги поставил основите на образовниот световен систем, бидејќи духовниот веќе постоел во црквите; вовел нови предмети: мајчин јазик и географија, кои дотогаш не биле познати; имал посебен режим на учење и на настава, спроведувајќи го новиот учителски метод.
Некои од неговите драмски текстови ја изразуваат идејата за ослободување од долговековното турско ропство и од духовното туторство на грчката црква и за македонското национално единство и за соработката со словенските земји и народи. Пишувал драмски текстови и заедно ги изведувал со своите ученици.
Џинот четири децении работел на воведување на просветата на народен мајчин јазик, како писател и сестран творец од областа на културата. Џинот, исто така, се занимавал и со преведувачка дејност, со собирање народни умотворби, со пишување афоризми, правел преписи, собирал стари ракописи, имал огромна библиотека со повеќе од 1.500 книги…

Име соодветно на опусот

Инаку, Џинот бил со среден раст, сув и многу лут. Тој бил многу прецизен, редовен и строг човек. Имал тенки пријатни црти на лицето. Очите му биле живи и погледот остар. Тој бил многу самоуверен човек, имал убав привлечен говор и го воодушевувал населението.
Не пиел ни вино, ни ракија, јадел само леб. Водел строг монашки живот. Освен во Велес, работел и во Прилеп, Скопје и Белград.
Вака говорат сведоштвата за него, а ние ќе се задржиме само на две од нив и тоа не случајно ќе започнеме токму со нив.
Имено, првата е неговиот прекар, поточно неговото второ име Џинот. Да го добиеш токму тоа име (прекар) и да те викаат така, а да си физички со среден раст и слаб, тоа бездруго значи дека духовно мора да си многу авторитетен и силен, да доминираш, да чувствуваат другите кон тебе респект, да ти оддаваат признание, па по малку да покажуваат и страв.
А, дека се плашеле од Џинот властодржците, најречито говори дактот дека тој бил протеран и заточен во Мала Азија и осуден на 101 година робија. Притоа,  тој бил жестоко испитуван и малтретиран од заптиите по патот, при што од удар со камшик му прснало и го изгубил десното око.
Има ли поголема казна, поголемо насилство и поголем грев од вадењето на едното око на еден од пионерите, просветителите и водачите на македонското просветителство, култура и писменост.
Како и при ослепувањето на Самоиловите војници, така и овојпат, попусти биле обидите да се замолчи, казни и покори македонскиот духовен Џин, кој не само што прв ги вовел како учител предметите мајчин јазик и географија во наставата, воведувал и применувал нови методи во наставата, воспитувањето и работењето, односно дисциплината и надгледувањето на учениците, туку тој е првиот наш, македонски драмски писател кој освен што пишувал драмски текстови и заедно ги изведувал со своите ученици.
Книжевникот, драматургот и учителот Јордан Хаџи Константинов – Џинот е првиот македонски драмски писател и просветител, заедно со Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски.
Спектарот на интересирањата на Џинот е мошне широк и разгранет. Тој е личност со неверојатно немирен дух, многу често препуштен самиот да се бори со сите неистомисленици и противници, против аномалиите, неправдите и аспирациите, но и примитивностите, неотпорностите и анахронизмите во матичната средина.

Моралистички и дидактички содржини
Џинот постојано размислува и е преокупиран со јазикот, а бидејќи се соочува со недостиг од книжевни, воспитно-образовни и други материјали, тој почнува самиот да ги подготвува и создава, па во тие рамки пишува и повеќе дидактички драмолетки,
Неговото творештво било со моралистичка и дидактичка дејност. А, драмските обиди на Џинот се првите од овој вид во македонската книжевност. Нив ги изведувале неговите ученици од Скопското училиште во дворот на црквата “Света Богородица“. Тоа се “Миневра и девет музи“, “Разговор или прави человек“, “Училиште и учение“, “Басна“, “Сербија шетаетсја в земел своих“. Првите четири од наведените драмски обиди отпечатени се во “Цариградски весник“, а драмите “Минерва и девет музи“ и “Сербија шетаетсја в земел своих“ ја изразуваат неговата идеја дека ослободувањето од долговековното турско ропство и од духовното туторство на грчката црква лежи во македонското национално единство и слободната соработка на словенските земји.
Јордан Хаџи Константинов – Џинот е талентиран, образуван и начитан, како ретко кој од нашите интелектуалци од тоа време, па отскокнува од својата средина и со право го зазема местото во историјата како основоположник на македонското просветителство и преродбеништво, драмското творештво и световното образование на најмладите.
Џинот уживал глас не само на добар учител, туку и на умен човек, на филозоф. Исто така, во текот на околу две децении, пишувал стихови и преставува еден од првите македонски стихотворци.
Тој ги објавува првите македонски патеписи, кои се меѓу првите описи на Македонија, а имал афинитети и за сликање.
Најконцизно кажано: Јордан Хаџи Константинов – Џинот бил прочуен како даскалот Џинот и со неговите многубројни интересирања и афинитети. Неговиот стремеж постојано да биде оригинален во неговата средина наидувал на симпатии и одобрувања, но и на неприфаќања и негодувања. Неговите современици велат дека тој бил самиот против сите, а очигледно најмногу штета и саможртва од неговите одлучни и непомирливи сфаќања и однесувања трпел самиот тој и последиците ги почувствувал врз себеси.
Но, Џинот бил храбар, доследен и непоколеблив при согледувањето и опишувањето на аномалиите во однесувањето на својот народ и жигосувањето на тогашните историски, социјални, економски и други прилики, каде посебно место и улога зазема и идентитетскиот белег, односно менталитетот.  Па, притоа, со право Џинот укажува дека луѓето се поделени во своите ориентации и расположенија кон соседните држави и народи и дека и “едните и другите за едно луле тутун верата си ја менуваат“.

Автобиографски сведоштва и постулати

Во пиесата “Минерва и девет музи“, просветениот Джинот ги повикува своите сограѓани кон напредок и културен живот. Богинката на мудроста Минерва (Атина) тргнала заедно с деветте музи и момчето Аполон да даруваат ум, расудување и промисленост.  При средбата со Остримеч, кој е веќе просветен, Остримеч се разоткрива  како скептик во однос на просветата на своите сограѓани. Очигледно, самиот има горчиво искуство од просветителските обиди и напори, па вели: се мачам со моите браќа, зашто не љубат наука и просветување, се мачам негде да најдам една корка леб за живот. Разговорот меѓу Минерва и Остримеч ја разоткрива заостанатоста на народот, кој живее во неслога, а секој  луѓето ги влече за нос. Изгубен род и мрзелив за доброто – посочува Џинот, кој преку улогата и репликите на Остримеч – на најдобар начин го манифестира и афирмира и автобиографското.

Џинот, преку ролјата на Остримеч, констатира дека граѓаните не седат да учат; малку колку да пишуваат наопаку ќе принаучат, потоа ќе се вообразат, ќе се предадат во глупости и несовршени задоволства и живеат како глувци во смрдливи дупки во стените и мислат дека од слепилото нема друго послатко.
Минерва сака да ги убеди, да ги примат нејзините дарови, зашто кој народ наука не сака и не љуби, тој род Бога не сака и не љуби. Затоа, им заповедува на музите да им ги дадат своите науки и уметности на граѓаните.
Пиесата “Минерва и девет музи“ е најпоучното литературно дело на Џинот. Таа е добро замислена и, може да се каже, добро исполнета. Идеите на просветувањето, а ние би рекле на просветлението,  и издигнувањето на културното и здравственото рамниште на народот и патриотскиот порив за будење на нацијата попримиле книжевно-уметнички израз.

Џинот создавал пиеси и заедно со учениците подготвувал мали театарски претстави. Тие биле од отворен тип, односно можеле да присуствуваат и бесплатно да ги гледаат сите. Значи, неговите претстави биле оригинални и главно со патриотски содржини.

Јордан Хаџи Константинов – Џинот бил назначен во 1848  година за скопски учител од страна на Ѓорѓи Попович, угледен скопјанец и почесен конзул на Русија во Скопје.
Инаку, Џинот како учител во Скопје бил голем ентузијаст и развил разновидна и содржајна дејност. Тој прорповедал во куќата каде што живеел, проповедвал во црквите, проповедвал во училиштето, создавал пиеси, воведувал нови предмети во наставата, но и шишувал во весници. Неговите проповеди биле во врска со верата, народот, воспитувањето и однесувањето на луѓето. Џинот бил добар христијанин, пламен говорник и високо достоинствен човек и сакал сите да бидат како него.

Од Европа и Балканот до Велес

Познатиот театролог Јелена Лужина во својот текст  “Балканската театарска сфера како работна хипотеза“ (избрани есеи) хронолошки и сеопфатно ги изнесува следниве факти:  “Еден од најрелеватните извори на театрографската граѓа врз која со сигурност се потпира театарската но и културната историја на повеќе балкански народи, фамозниот “Цариградски вестник“ (една драгоцена публикација која што, од 1 јануари 1848 па во следните десетина години континуирано се печати во Цариград, на бугарски јазик), во бројот 48 од 18 август 1851, го објавува првиот од вкупно седумте парадрамски дијалози на скопскиот даскал Јордан Хаџи Константинов Џинот, основоположник на македонскиот театар (останатите шест негови дијалози ќе бидат објавени во текот на 1852 и 1856 година). Македонската театрологија е убедена дека, пред да ги отпечати, Џинот овие дијалози ги има изведувано со своите ученици, во неделите или на празниците, по богослужбата, во училишната зграда која се наоѓала до црквата Света Богородица во Скопје. Освен дијалозите на својот промотор и режисер, училишниот театар на Џинот најверојатно изведува и некои сценки од пиесите на други балкански автори.
Прегледувајќи ги и/или реконструирајќи остатоците од библиотеката на Јордан Хаџи Константинов Џинот, професорот Харалампие Поленаковиќ евидентирал неколку потенцијални/хипотетички “урнеци“ со кои – можеби – посакувала да се споредува и првата овдешна театарска практика: третиот том на делата на Стерија (издание од 1853, со “Ајдуци“ и “Женачка и мажачка“), текстот на квазиисториската мелодрама “Воислав краљ сербскиј“ на земунскиот учител-просветител Василије Јовановиќ (издание од 1851), најпосле и четвртата книга од обемното и некогаш мошне популарно издание на “Забаве за срце и разум“ (Будим, 1836) во кое што – меѓу другите посрби – е отпечатена и мелодрамата на неизбежниот Коцебу “Загубеното дете“ (Поленаковиќ, 1987:164). Европската театарска мелодрамска мода стасува, еве, и до отпатните (да не кажеме провинцијални) балкански дестинации.

Европската театарска мода дефинитивно стасува и до македонската почва во 1874. И тоа – најпрвин – во Велес, во училиштето Вакув, во месноста Прцорек крај Вардар.
Аматерска театарска трупа, составена од локалните даскали, пред некои 130 години – на 25 декември 1874 – ќе ја изигра својата прва претстава. Сочувани се насловот на пиесата и името на авторот: “Пропаднат трговец или смртна жртва“ од оној ист Крсто Пишурка, кој осумнаесет години порано во Лом ја поставил “Многустрадална Геновева“.
Токму оваа “Геновева“ – одиграна во Велес во јануари 1875 како втора продукција на амбициозните локални даскали – ќе биде причина за првиот вистински театарски скандал забележен во овие краишта. Херо го предизвикала извесна Тенка А. Коларова, учителка, која се осмелила да ја одигра мелодрамската протагонистка – Геновева, лично. Локалниот весник “Напредок“ – број 44 од 31 мај 1874 – јавно ќе ја предупреди дека на една чесна мома, згора на тоа и учителка, не и’ личи да се занимава со сојтарии (моралните конотации се подразбираат, макар што не се директно искажани!), ама храбрата Тенка А. Коларова ќе продолжи да ја игра својата ролја и во следната сезона. Макар што – потоа – за жал, сосема исчезнува и од скандалозните хроники, и од македонската и балканска театарската сцена, оваа куражна млада дама македонската театрологија ја смета за прва македонска актерка“.

Темел на Македонскиот театар

Сето тоа придонесува и претставува зачеток и темел и на основањето на Македонскиот народен театар кој, всушност, е надоврзување не само на почетните традиции, чии темели ги постави луцидниот велешанец Јордан Хаџи Константинов-Џинот уште во средината на 19 век, не само на театарските дострели на Војдан Чернодрински и на неколкумина познати драмски автори, кои дејствуваа сî до почетокот на Втората светска војна, туку и на сејачите на никулците на националната театарска дејност во текот на антифашистичката војна, а посебно со дејноста на партизанската културно-уметничка група “Кочо Рацин”, што е основана во летото 1944 година.
За улогата и значењето на Јордан Хаџи Константинов  – Џинот, посебно за неговиот единствен и незаменлив придонес на планот на театарската уметност , можеби најилустративно говори изјавата на истакнатиот драмски писател Васил Иљоски дадена на критичарот Иван Ивановски (од разговорот објавен во списанието “Современост“, бр. 5, 1976 година): “На првото мое по малку конвенционално прашање за тоа кога ја почувствувал љубовта кон драмската реч, што го поттикнало и што било пресудно да му се посвети на еден од најсложените и најспецифични родови – драмската литература, Иљоски ќе се задржи на три фактори, на три пункта: детските игри, склоноста во она што влегува во комплексот на драма, барајќи ја неа во црковната служба и театарскиот аматеризам. Притоа, авторот на “Бегалка” и “Чорбаџи Теодос” не забораваше да го потсети читателот дека првото театарско доживување што го имал во животот му го должи на училишниот театар на Јордан Хаџи Константинов – Џинот што според неговото мислење, е “прва фаза во новата историја на нашиот театар”!

Училиштето во Велес се наоѓало во црква во која клисар бил неговиот татко. По несогласувањата со гркоманско настроените градски големци околу употребата на народниот македонски јазик во наставата, тој бил протеран од Велес. По протерувањето од и затворањето на неговото училиште во Велес, Хаџи Константинов патувал во Солун, Света Гора, Србија и Влашко. Во 1848 година заминал на работа како учител во Скопје во познатата скопска црква Света Богородица каде останал 10 години. Во Скопје како учител бил повикан од побогати трговци од македонска националносткако Константин Икономов, браќата Попови, Кочови, Зафир Малев и други угледни граѓани од Пајко Маало, за што бил плаќан со годишна плата. За време на својот престој во Скопје, Џинот ги извршил и првите метеоролошки мерења на времето во Македонија. Од Скопје на големо незадоволство на македонското население бил истеран од турските власти кои биле потплатени од гркоманските фамилии и свештеници. Интензивно работел на организирање приредби и училишни претстави, соработувал со “Цариградски весник”, ги интензивирал врските и преписките со разни културни установи, а особено во Русија. Неговата развиена просветителска дејност предизвикала прогони од власта и губење на работата. Учителствувал и во Прилеп од каде истотака бил протеран поради жестоките судири со фанариотите, а од Западна Македонија собирал стари книжевно-историски документи. По прогонот од Прилеп, кратко време учителствувал и во селото Ваташа во ќелијните училишта во Моклишиот и Полошкиот манастир. Од 1860-1866 година бил прогонет на 101 година робија во Мала Азија, која со помош на негови пријатели се смалила до 3 години и каде го изгубил едното око. Сите години по враќањето ги поминал во родниот Велес. Умрел на 29 август, 1882 година. Неговиот гроб се наоѓа во дворот на црквата “Св. Спас”.

Дела

Страница од „Таблица перваја“

Јордан Хаџи-Константинов Џинот четири децении работел на воведување на просвета на народен јазик како писател и сестран творец од областа на културата. Прво дело му е “Таблица перваја” внесена во употреба во 1845 година, кое служело како учебно помагало при основното описменување на учениците. Составил две збирки на афоризми. Во првата збирка сите афоризми почнуваат со зборот “човек”, а втората содржи 34 мисли за човекот, животот и светот. Џинот две децении пишувал стихови за одредени поводи и потреби. Во нив ги воспевал образованието, просветата, убавината, слободата, патриотските чувства и сопствената биографија. Негови дела се: “Плач на скопското училиште многотрудное” (објавена во „Цариградски весник“ во 1851 година) во која се зборува за неговите напори за отворање на училишта и борбата со гркоманските свештеници и чорбаџии; “Дионис Вакхо” ; “Труд ми е името”, која е вистинска апотеоза на трудот; “Рај божји”; “Аврора” во која се воспеваат патриотските чувства и патриотската функција на просветата; “Крај реката Вардар” и “Горка чаша кнеза Лазара последна тајна вечера”, која е една од најдолгите песни во Македонија од овој книжевен период. Драмските обиди на Џинот се првите од овој вид во македонската книжевност. Нив ги изведувале неговите ученици од Скопското училиште во дворот на црквата Света Богородица. Тоа се “Миневра и девет музи”, “Разговор или прави человек”, “Училиште и учение”, “Басна”, “Сербија шетаетсја в земел своих”. Првите четири од наведените драмски обиди отпечатени се во “Цариградски весник”, а во драмите „Минерва и девет музи“ и „Сербија шетаетсја в земел своих“ ја изразуваат неговата идеја дека ослободувањето од долговековното турско ропство и од духовното туторство на грчката црква лежи во македонското национално единство и слободната соработка на словенските земји. Џинот исто така се занимавал и со преведувачка дејност, со собирање на народни умотворби и лексички материјал. Намерата да издаде повеќе јазичен речник не успеал да ја реализира. Џинот е првиот македонски драмски писател и просветител заедно со Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски.

 

OLYMPUS DIGITAL CAMERA
OLYMPUS DIGITAL CAMERA