Монокл

 

 

 

hris-petr

Христо Петрески

КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

 
Кон книгите Кратката пролет на некои театри во внатрешноста на СРМ од Ристо Стефановски и Насолзена завеса од Благој Г. Кичеец

Книгата Кратката пролет на некои театри во внатрешноста на СРМ од Ристо Стефановски е вкоричено издание на авторот од 1977-1978 година, во кое се поместени вкупно четири негови текстови – публикувани во списанието Современост од Скопје и тоа во броевите: 9-10/1977; 1-2/1978; 4/1978 и 5/1978 година.
Уште на самиот почетокот од првиот текст Стефановски вели: Сознанијата за театарската уметност во Македонија би останале непотполни ако не се даде барем еден бегол осврт врз дејноста на театарските куќи што се веќе расформирани од разни причини.
Понатаму, Стефановски додава дека треба да се доосветлат некои аспекти од театарскиот живот во нашата Република, па додава дека тоа е долг, меѓу другото, и кон плејадата артисти и други театарски работници, кои веќе одамна се занимаваат со друга дејност, меѓутоа без оглед на тоа – во нивната интима периодот додека работеа како театарски луѓе длабоко е врежан и никогаш нема да избледнее.
Стефановски укажува дека поголемиот дел од споменатите театри изникнале како резултат на повоениот револуционерен подем и разбрануван ентузијазам, кој не секогаш водел сметка за реалните можности (пред сé, за кадар и за простор), но…
1.
Во 1951/52 година, долгогодишните аматери во Гевгелија добиле статус на професионалци, односно формиран е Околискиот народен театар – Гевгелија, кој за жал, ќе постои и работи само една година, кога и ќе гостуваат познатите Петре Прличко и Добрила Чабриќ како Митке и Коштана во истоимената претстава.
Од пазувите на Гевгелискиот ансамбл произлегуваат и неколкумина истакнати драмски уметници (Стојка Цекова, Ружа Икономова, Олга Ринчева, Марица Вркиќ и други, кои својот пат го продолжиле во театрите во Скопје, Штип, Битола и Прилеп.
Од 1952/53 година повторно се враќа драмскиот аматеризам во овој град, каде во текот на 1954 година населението на Гевгелија врз доброволна основа ја изградило зградата на својот театар, која во тоа време, ако се изземе зградата на Македонскиот народен театар, била речиси единствена што ги задоволувала барањата за нормално работење.
2.
И во Тетово, како впрочем и во другите наши градови, носители на драмскиот аматеризам биле просветните работници. Таму, во 1950 година бил формиран Градскиот народен театар – Тетово, како професионална драмска куќа. Во текот на своето постоење, овој театар прикажувал просечно по седум премиери во сезона и по 140 изведби, кои годишно ги посетувале околу 40.000 лица. Коштана била прикажана 40, а Чорбаџи Теодос – 28 пати. Тетовскиот театар организирал гостувања и турнеи во Охрид, Лесковац, Вучје, Грделица, Радуша, Гостивар, Кичево и некои други населени места. Во состав на Театарот, дури била основана и куклена сцена. Во Театарот, покрај професионалните артисти (Панта Николиќ, Ацо Цветковски, Рада Стојановска, Панче Васовски – Камџик и други), работеле и околу дваесетина аматери. Во Театарот сите работеле сé, па и артистите често сами го правеле декорот и другите неопходни нешта. Се работело и повеќе од 18 часа на ден, а премиерата на Народен пратеник артистите ја подготвиле точно за една седмица.
3.
Во Кочани пак, во 1929 година е формирана драмска секција, а по ослободувањето е основан и Аматерскиот театар. Во периодот 1944-1949 година, до основањето на професионалниот театар,  меѓу другите, биле прикажани и: Покојник, Сомнително лице, Печалбари, Македонска крвава свадба и други. Кон крајот на 1949 година бил основан Народниот театар – Кочани. Се работело сериозно и студиозно, што го оправдувало постоењето. Но, по деветгодишното постоење, по 56 премиери и 571 изведба,  престанува да постои. Иако имало повеќе од шест премиери годишно, со повеќе од 65 изведби и просечно над 200 посетители на претстава, односно над 2.000 посетители по премиера или вкупно околу 13.000 гледачи годишно. Секоја седмица во Кочани се изведувале по 2 претстави, а месечно вкупно 8. Најмногу на сцената се појавувале следниве актери: Митко Тодоров, Стојче Стојанов, Ружа Арсова, Лидија Ефремова Пешева и други. Директорот на театарот Борис Стојчев бил режисер, преведувач, сценограф, но и актер.
Новинарот Илхами Емин во весникот Нова Македонија во написот Пет години плодна работа на Кочанскиот театар, меѓу другото, ќе констатира: Кога станува збор за театар од помал град, веднаш мораше да се употреби и зборот провинциски или почетнички, со што од една страна се вршеше неправда над скромните но видливи успеси на некои театри, а од друга страна се кочеше – свесно или несвесно – нивното заслужено афирмирање. Збор не е за кочанскиот театар, зашто квалитетот на претставите ги надраснал своите претходници.
4.
Ретко кој друг град во Македонија има толку богата театарска традиција како Велес. Аматерските групи во градот биле помагани одвреме-навреме од Тодор Николовски, Димче Трајковски и Петре Прличко, но драмскиот аматеризам во периодот 1941-1944 година, сосема оправдано и сфатливо, поради војната речиси загаснува. Но, по ослободувањето, драмскиот аматеризам во Велес доживува вистински подем и експанзија.
Професионалниот Градски народен театар во Велес е основан во јуни 1948 година. Директор, режисер и актер бил Борис Бегинов. Овој театар постоел 18 години и бил еден од најактивните во Републиката.
Велешкито театар просечно прикажувал повеќе од 7 премиери во сезона, односно околу 96 претстави годишно, што ги гледале над 21.000 посетители во текот на годината, односно во просек по 220 гледачи на секоја претстава.
Режисери биле: Ацо Алексов, Благоја Андреев, Сотир Гулески, Ристо Мајсторов, Саша Маркус и други, а актери пак: Ѓорѓи Бисерков – Димпе, Никола Димитров, Јосиф Јосифовски, Љубиша Трајковски, Лилјана Ракиџиева и т.н.
Театарот прикажувал претстави и во селата на Велешката околија, но неколку пати гостувал и во Скопје – со квалитетни изведби и одбран репертоар.
5.
Културно-уметничката активност и, во тие рамки, драмскиот аматеризам во Охрид главно започнал и се развивал во и преку дејноста на: Пливачко-веслачкото спорстко друштво Југ, Противпожарното друштво, Културно-уметничкото друштво Билјана, Културно-уметничкото друштво Вал (Бран), како и Драмската група на Гимназијата.
Градскиот народен театар – Охрид бил основан на 1 јануари 1949 година. Започнал професионално да работи со шестмина, а на крајот од годината веќе имал вкупно единаесет вработени лица. Негова прва премиера била Кир Јања во режија на директорот Ѓоре Боче, кој ја играл и главната улога. Во претставите играле: Лазо Арсовски, Сотир Димитровски, Радмила Златковиќ, Правда Илиќ, Благоја Кичеец и други. Во Охрид, пак, гостувале: Димитар Ќостаров, Петре Прличко и Тодор Николовски.
Градскиот театар во Охрид постоел шест години и повремено организирал гостувања и турнеи во: Струга, Дебар, Кичево и Ресен, како и селата од охридската околина.
Во овој театар се подготвени и прикажани домашните текстови – пиесите Милка од Борис Бојаџиски и Продадена од Радослав Петковски.
Инаку, во заклучокот на својот мал серијал текстови посветен на затворените театри во Социјалистичка Република Македонија, авторот Ристо Стефановски посебно подвлекува дека напоредно со напорите во обновата и изградбата на разурнатите градови и села, патишта и железнички линии, мостови и стопански капацитети, започнало основањето на низа нови институции. Меѓу нив посебно внимание им се посветувало на оние од областа на образованието, културата и уметноста. Ваквата ориентација придонела кон театарската дејност да се гледа со посебен интерес. Впрочем, нејзе ñ беше доделена историската задача да го афирмира живиот литературен македонски јазик, кој со децении и векови бил оспоруван, омаловажуван, негиран. И така на полето на театарската уметност во секој град, во кој живееле и дејствувале дури и по неколкумина вљубеници на драмската уметност, дошло до обновување на драмските групи и секции, до нивното пообмислено конституирање и организирање. Во исто време градовите што имале подолготрајна традиција во одгледувањето на драмскиот аматеризам, пристапиле и кон формирање професионални театри. Притоа, тука свој придонес имала и недокрај диференцираната културна политика во однос на театарот, која често била обременета со нереални и субјективни сфаќања, а кои им оделе на рака на ваквите тенденции – нагласува Стефановски.
Во низата причини, што подоцна придонеле вака основаните театри да започнат да се рушат како кули од карти при првиот посериозен налет на тешкотиите, во прв ред спаѓале кадровските, материјалните и просторните. Така, речиси ништо посериозно не било направено ниту преземено во стручното оспособување на ангажираните кадри, и покрај тоа што добро било познато дека мнозинството од нив биле не само без соодветно, туку и без какво и да е друго поголемо образование. Многумина покрај актерската работа се занимавале не само со режија, сценографија, костимографија, музичко опремување и т.н., туку и со мануелната ангажираност.
Поради овие и други причини – сî позабележливо слабеел изворот на репертоарот, нагласува Стерфановски, но и квалитетот на претставите, но свој рефлекс има и појавата на радиото и телевизијата кои постапно навлегуваат во сите домови и театрите во помалите населени места престануваат да бидат единствени носители на драмската уметност, како и организатори на културно-забавниот и културно-уметничкиот живот.
Но, процесот на расформирањето на театрите бил забрзан и со присутните, често тенденциозни тврдења дека театрите во внатрешноста не се дораснати да се занимаваат со вистинска театарска дејност(!?).
За Охридскиот професионаслен театар, кој постоел и работел од 1949-1954 година, подетално и поопширно пишува во книгата Насолзена завеса од Благој Г. Кичеец, кој за чинот на затворањето на Театарот и неговото укинување во поглавјето Почеток на крајот ќе забележи: Првите месеци од 1954 година проструи вест дека театрите во внатрешноста на Македонија ќе се укинуваат. Ставот на Републичкото собрание бил театрите да постојат на аматерска основа, па по решението на Народниот одбор во Охрид е одлучено во иднина во театарот да останат само две платени лица, кои ќе се грижат за развивање на дилетантството во градот.
Градските татковци го сакаа театарот, но грешката се подгреваше од оние кои во театрите во внатрешноста гледаа некаква нивна конкуренција. Карванот кој тргна во доволно непромислена акција на 28 мај 1954 година прво почна во Велес, за потоа да продолжи низ другите градови во Републиката каде постоеја професионални театри. Во меѓувремње, во печатот се појавуваа написи кои ñ одеа на рака на идејата – укинување. За тоа на 23 мај 1953 година во Нова Македонија беше објавена изјавата на писателот Владо Малески, а во истиот весник во првите месеци од 1954 година се појави напис и на Илија Милчин.
Малески констатира, но и се прашува: Денеска веќе многу наши градски театри пречекориле барем со една нога отаде границата на дилетантизмот. Уште во почетокот при формирањето на градските театри кај нас се тргна во еден наопачки процес: без колку-толку образован кадар се отворија театри во речиси  сите наши поголеми градови, а артисти?
Додека пак, Милчин изнесува мислење дека во Македонија треба да постојат само два театра и тоа само во Скопје и Битола. Тие театри би биле доволни да ја покријат целата територија на Републиката преку повремени гостувања (?!). Милчин бил претставник на Здружението на драмските уметници на Македонија.
При расформирањрето на поголемиот дел од градските театри имало најразлични идеи и ветувања, анекои од нив биле и следните: Македонскиот народен театар да прерасне во куќа што како матична ќе го помага развојот на драмскиот аматеризам и ќе ја покрие потребата за театарски претстави во СРМ наместо постојните професионални театри; понатаму, да се основа постојан подвижен патувачки театар што ќе ја обиколува Македонија и слични други предлози, табуа и небулози.
Притоа, како да се заборавило на основната вистина и премиса: дека полесно е да се руши отколку да се гради, па театарската елита сакајќи да биде спокојна, единствена и мериторна, всушност, самата си ја пресекла сопствената гранка, го прекинала и уништила подмладувањето и творечката и креативна обнова, за сега (неколку децении подоцна), за среќа, повторно да се обновува она што претходно брзоплето, не докрај промислено и аргументирано, експресно и безпоговорно било забрането, односно укинато и затворено.
Новите драмски и театарски ветришта веќе дојдоа од Охрид, сега започнуваат да дуваат и од кај Гевгелија, па да се надеваме дека и во Тетово повторно ќе проработи македонската театарска сцена, но и во Кочани каде има солидна база и услови, бидејќи со години по ред таму се одржува Драмскиот аматерски фестивал на Македонија.
Од канџите и списокот на понижените и обесправените, веќе одамна се ослободи Театарот во Велес, па сега остануваат уште Гевгелија, Кочани и Тетово, но зошто да не и другите поголеми градови во Македонија – повторно да основаат и имаат свои театарски куќи, активен и вистински театарски живот и атрактивни современи театарски претстави…
Сонот ќе заврши и ќе се обвистини, тогаш кога пролетта на македонските театри во внатрешноста повторно ќе стане долга и вечна, но и кога завесата нема да биде насолзена, туку ведра, насмеана и среќна, а работата на театрите со богат, содржаен и квалитетен  репертоар – спокојна, обмислена и независна, односно самостојна, плодоносна и бериќетна!
Публиката, како неизоставен и интерактивен чинител, тоа го очекува и заслужува…
Христо Петрески
Монокл

ДВОВЕКОВИЕТО НА ЈОРДАН ХАЏИ КОНСТАНТИНОВ – ЏИНОТ
Или: за генезата на неговото стамено име и џиновскиот книжевен, културен и образовен придонес

Сестрана, несекојдневна, самопрегорна личност

Сто и деведесет години од неговото раѓање, тоа се речиси два века од постоењето и дејствувањето на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, една несекојдневна личност, индивидуалец, книжевник, драматург и учител од Велес.
Толку многу нешта иницирал и реализирал Џинот, што со право може да се наречат неговиот лик и дело џиновски. Тој, заедно со Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски, е еден од нашите први и најзначајни преродбеници и просветители, иако до денешни дни сî уште не е адекватно вреднуван во македонската историја и култура.
Јордан Хаџи Константинов – Џинов припаѓа на група македонски просветители и преродбеници од ЏИЏ век. Со својата просветителска дејност придонел за создавање граѓанска култура и литература во Македонија.
Со својот труд длабоко ја задолжил Македонија, а бил пионер во многу области, поради што бил во немилост на грчките владици, па бил прогонуван, затворан и негиран. Прв извел метеоролошки мерења во Македонија; тој ги поставил основите на образовниот световен систем, бидејќи духовниот веќе постоел во црквите; вовел нови предмети: мајчин јазик и географија, кои дотогаш не биле познати; имал посебен режим на учење и на настава, спроведувајќи го новиот учителски метод.
Некои од неговите драмски текстови ја изразуваат идејата за ослободување од долговековното турско ропство и од духовното туторство на грчката црква и за македонското национално единство и за соработката со словенските земји и народи. Пишувал драмски текстови и заедно ги изведувал со своите ученици.
Џинот четири децении работел на воведување на просветата на народен мајчин јазик, како писател и сестран творец од областа на културата. Џинот, исто така, се занимавал и со преведувачка дејност, со собирање народни умотворби, со пишување афоризми, правел преписи, собирал стари ракописи, имал огромна библиотека со повеќе од 1.500 книги…