Историјат на македонската драма

Македонската драма има богата традиција. Нејзините почетоци се во кусите дијалози на обредните игри од кои се развила народната драма. Први печатени драми се текстовите на Јордан Хаџи Константинов Џинот, дидактички театарски претстави изведувани од учениците во скопското училиште „Света Богородица“. Малку подоцна, кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, се појавуваат драмите на Војдан Чернодрински, првите драми со уметничка вредност, сведоштво на опстојувањето на македонскиот народ за време на османлиското владеење. Чернодрински ја означува првата етапа во развојот на македонската драма и тетатар.
Иако Марко Цепенов е еден од нашите најначајни собирачи на народни приказни, сепак, не е само тоа. Тој, со својата драма „Црне Војвода“ придонел за непрекинатиот континуитет во развојот на македонската драма.
Следниот во непрекинатиот процес на развој, по Балканските војни е Никола Киров Мајски, но најзначајни се секако авторите што се појавуваат меѓу двете светски војни: Васил Иљоски, Ристо Крле и Антон Панов, кои ја означуваат втората етапа во развојот на македонската драма. Тие со своите битово-социјални драми го означуваат растежот на македонското драмско творештво, а нивните трајни естетски вредности се докажани со тоа што и денес се се уште актуелни.
Во повоениот период појавата на Коле Чашуле ја означува третата етапа на развој, свртувајќи го своето творештво кон истриските црнила на македонскиот народ, но и кон современите. Забрзаниот растеж на драмското творештво го надополнуваат: Томе Арсовски обработувајќи ги современите проблеми, потоа Иван Точко навраќајќи се кон минатото, Бранко Пендовски, а вистинско осовременување на македонската драма доживуваме со Горан Стефановски и Јордан Плевнеш, а во поново време и Дејан Дуковски и Сашко Насев.