На фестивалот Interferences кој ќе трае 11 дена, учевство ќе земат 14 земји од Бугарија, Романија, Унгарија, Америка, Полска, Словенија, Германија и многу други, а МНТ со претставата „Електра“ ќе настапи на 1 декември во унгарскиот театар на Клуж.
На 1 декември 2016 година две различни актерски екипи ќе гостуваат во две земји, Романија и Русија.
На 24 ноември започна петтото издание на театарскиот фестивал Interferences во Клуж, Романија, во чија селекција на врвни остварувања на национални куќи и уметници во унгарскиот театар, е и Македонскиот народен театар со претставата „Електра“ на светски познатиот режисер Андриј Жолдак. Благодарение на овој престижен фестивал кој ќе трае до 4 декември, жителите на градот Клуж можат да видат голем број извонредни продукции и тоа од најновите театарски трендови, што ја покажува и врвната фестивалска програма: ќе се игра „Фауст“ на прерано починатиот и голем режисер Томаж Пандур, Дијалог со големото британско режисерско име на денешницата Деклан Донелан, „Играчки мрачна приказна“ и „Крај на партијата“ на романскиот режисер Габор Томпа,„Добриот човек од Сечуан“ на универзитетскиот професор за школата за уметности во Колумбија, Андреј Шербан и многу други.
Во меѓувреме, други алтернативни фестивали влијаеја врз приодот на публиката кон театарот и го инспирираа фестивалот да го обмисли сегашниот профил. На фестивалот Interferences кој ќе трае 11 дена, учевство ќе земат 14 земји од Бугарија, Романија, Унгарија, Америка, Полска, Словенија, Германија и многу други, а МНТ со претставата „Електра“ ќе настапи на 1 декември во унгарскиот театар на Клуж. Имајќи го во предвид досегашното претставување, „Електра“ е фестивалска претстава која учествуваше на ФИАТ фестивалот, Р. Црна Гора/наградена со гран – при, фестивалот на античка драма „Стоби“/наградена со гран – при, и го затвори Меѓународниот театарски фестивал НЕТА во Букурешт.Актерската екипа која на 28 ноември замина за Романија ја сочинуваат: Дарја Ризова, Александар Ѓорѓиески, Камка Тоциновски, Славиша Кајевски, Никола Ацески, Александар Михајловски, Арна Шијак, Калина Трипкова и Мишел Митевска.
Овогодинешната тема на фестивалот Interferences е „непознатото“. Значењето на овој концепт и тема се должи не само на денешната појава на миграција со можеби најголеми димензии во последните педесет години, туку, исто така, и на неговата постојана природа. Непознатото нè преокупира веќе илјадници години; тоа е предмет на научно истражување во многу области. На него се фокусирани сите современи филозофски дискусии од културната антропологија па сè до социологијата. Прашањата од типот: „Што значи да се биде Европеец?“ „Што го сочинува европскиот идентитет?“ и „Што значат разлика и блискост?“ се сè уште актуелни и неопходни. Што значи зборот „странец“? Што значи „јас“, а што значи „другиот“? Како некој станува странец и што значи да се остане ист, а сепак да се биде дел од групата? Дали е странец оној „другиот“ со поинаква вероисповед, јазик, друг пол или начин на размислување? Можеме ли да зборуваме за нашето сопствено непознато, странецот во нас? Можеме ли да станеме странци во овој свет, во сопствената земја, во сопствениот град, во сопствениот дом, во сопственото семејство, во самите нас? Слични прашања се поставуваат во претставите на овогодинешниот фестивал. Сè е непознато, а сепак… блиско. На мостот на театарот кој ги зближува луѓето.
Унгарскиот театар на Клуж е најстарата театарска унгарска компанија и игра голема улога во дефинирање на културниот имиџ на градот. Од 2008 година е член на Унијата на театри од Европа. Во претставите на театарот се користи напреден театарски јазик со посебен акцент на моменталните меѓународни трендови. Репертоарот вклучува и класични и современи драми напишани од унгарски и странски писатели. Покрај претставите кои се одржуваат на главната сцена и во студиото, театарот организира и читачки и други социјални настани, а на секои две години е домаќин на Меѓународниот театарски фестивал Interferences.
Театарот ја зајакнува својата специфична естетика, формирана од заедничките елементи на унгарската театарска традиција и романската школа за режисери, со тоа што поканува уметници кои, освен што режираат претстави одлично прифатени и од публиката и од критичарите, постојано му даваат и духовна свежина на театарот.

Ден по заминувањето на актерите со претставата „Електра“ во Романија, на 29 ноември за Санкт Петербург, Русија со претставата „Разговори во четири очи“ на режисерката Нина Николиќ замина втората екипа на актери во состав: Амернис Нокшиќи – Јовановска, Нина Деан, Петре Арсовски, Благој Веселинов, Катина Иванова и Дамјан Цветановски. Театарот од Санкт Петербург оваа година го претставува седмиот меѓународен фестивал на камерен театар со земјите учеснички: Русија, Англија, Италија, Полска, Белорусија, Романија и Македонија.
Претставата ќе се одигра исто така на 1 декември во рамките на рускиот меѓународен театарски фестивал АртОкраина. Фестивалот АртОкраинатрае од 1 до 10 декември 2016 година.
По Фестивалот ФЕМАРТ во Косово и Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица, „Разговори во четири очи“ е претстава која го збогатува своето фестивалското искуство надвор од границите на Балканот.
МНТ за 15 дена одигра 12 претстави во три различни земји – Полска, Русија и Романија.