Димитар Гешоски (Прилеп, 14 септември 1928 – Скопје, 28 октомври 1989), театарски, филмски и телевизиски артист. Во својата богата артистичка дејност оствари над стотина театарски, телевизиски и филмски ликови.
Димитар Гешоски учествува во формирањето на првиот професионален драмски ансамбл во Прилеп во 1950 година. Професионалната кариера ја продолжува во Скопје како член на Драмата при Македонскиот народен театар од 1958 до 1964година кога станува член на Драмски театар. Забележително беше неговото учество во македонскиот игран филм, на Телевизијата и Радиото.
Бил член на првиот изведувачки состав на Градскиот народен театар во Прилеп и еден од неговите најангажирани, најамбициозни и најталентирани актери. На сцената на професионалната театарска куќа во родниот град играше скоро една деценија, пошто својата кариера ја продолжи во Скопје (Македонски Народен театар, Драмски театар, а пред тоа и “Естрада-59“). Само неколку месеци го делеа од јубилејот – 4 децении континуирана актерска дејност. Смртта беше побрза од желбите…
Во следните проекти на прилепскиот театар најуспешно се изрази чувствителниот темперамент и сензибилитет на Димитар Гешовски: “Кралот на Бретањова’’ од Иван Цанкар, “Без вина виновник’’ од Островски, “Ружа на ветровите’’ од Шпак, “Вујко Вања’’ од Чехов, “Вејка на ветрот’’ од Коле Чашуле, “Како Џими’’, “Случајот форестер’’ од Брикли, “Заеднички стан’’ од Добричанин и многу други.

Кариера
Како еден од водечките актери на Народниот театар во Прилеп во првата негова деценија, Гешовски повремено се занимаше и со режија. Ја постави комедијата „Роднини од Америка“, реализира и една куклена претстава.
Димитар Гешоски кој откако премина на работа во Скопје беше активно вклучен и во некои други медиуми (филмот, радиото, телевизијата), важеше за творец кој никогаш не се одречуваше од својот дах. И како што дахот го познаваме од своето раѓање, така и овој наш реномиран драмски уметник, своите постојани творечки немири и посегања ги чувствуваше и ги опфаќаше во своето траење. Се одликуваше со некоја чудесна упорност и доследност во работата. Одушевувањето беше негов најсилен агенс, негова втора природа. И во она што успеваше да го постигне докрај, и во она што помалку му поаѓаше од рака, се внесуваше себеси, ја внесуваше сета своја љубов и страст…
Токму како член на прилепскиот Народен театар, иако се наоѓаше на почетокот на својата артистичка кариера, ја најави својата раскошна актерска дарба, остварувајќи ги улогите, скоро без исклучок, со една внатрешна енергија и суптилност и најавувајќи еден посовремен сензибилитет во нивното толкување…
И за релативно краткото но мошне интензивно настапување на сцената на театарот на неговата младост, на првата театарска љубов – прилепскиот Народен театар, Гешовски во летописот на оваа театарска куќа останува не само како негов основоположник, туку и како еден од столбовите на ансамблот. Добитник е на неколку признанија, меѓу кои и на наградата „13 Ноември“.
Филмографија
- 1965: Денови на искушение (Главна улога)
- 1967: Каде по дождот (Споредна улога)
- 1967: Македонска крвава свадба (Споредна улога)
- 1967: Моменто (Споредна улога)
- 1968: Планината на гневот (Споредна улога)
- 1969: Време без војна (Споредна улога)
- 1972: Истрел (Споредна улога)
- 1976: Најдолгиот пат (Споредна улога)
- 1980: Оловна бригада (Споредна улога)
- 1981: Црвениот коњ (Споредна улога)
- 1984: Нели ти реков (Главна улога)
- 1989: Време, живот (Споредна улога)
Денови на искушение
Филм од 1965 година , во времетрање од 104 минути
Филмот е снимен во синемаскоп техника, со звук, во црно бела техника и 35мм. Производство: Варадар филм – Скопје Жанр: Историски Род: Игран филм
Награди
1966 13 Ноемвриска награда за камерата во филмот за Киро Билбиловски Нели ти реков
Филм од 1984 година , во времетрање од 97 минути. Филмот е снимен во стандард техника, со звук, во боја и 35мм. Производство: Вардар филм – Скопје; Радио Телевизија Скопје Жанр: Историски Род: Игран филм 1984 ФЈИФ, Пула, Награда за најдобар плакат за Владимир Боројевиќ 1984 МФФ, Лос Ангелес, Трета награда за филмскиот плакат за Владимир Боројевиќ
