Наше театарче во битка против ѕидовите во мислата

casstsa

Со денешната промоција во Културниот центар „Јавна соба“ и официјално својата мисија да информира, оценува и едуцира ја започна Наше театарче, веб-страницата која во фокусот го има театарот и засебно македонскиот театар, а зад која со својот творечки габарит исправени се писателката Катерина Грозданова и нејзиниот сопруг, новинарот и театарски критичар Борче Грозданов – Пандур.
Информации за нови проекти и зафати, рецензии и осврти за претставите од тековниот репертоар, интервјуа со актери, режисери, драмски автори, историјати на професионалните театри во Македонија… згора на тоа и содржини за познати театарски куќи од светот, како и други информации од сценската уметност ќе се најдат на веб-страницата Наше театарче, којашто со промоцијата во Културниот центар „Јавна соба“ во Скопје, и официјално ја започна својата информативна, едукативна и културна мисија.

Зад проектот, со сопствениот творечки габарит, застанаа писателката Катерина Грозданова и нејзиниот сопруг, новинарот и театарски критичар Борче Грозданов – Пандур. Тие сметаа дека со овој потег го започнуваат отсонувањето и не само на нивниот сон.

„Во денешно време, па и во сите минати и идни времиња, додека е светов и веков, е една голема тежина. Таа тежина полека ја отфрламе и почнува да ни олеснува бидејќи Наше тетарче е наше, ваше, нечие, сечие и верувам дека во име и со нив, со театарските сладокусци, ќе оставиме трага, како патникот Теспис и како Талија и нејзините друшки, за да оствариме една цел која исклучиво ќе го третира и ќе го малтретира во позитивна смисла на зборот македонскиот театар“, вели Борче Грозданов – Пандур.

Тој дополнува дека нивната идеја е стара три-четири години и дека обајцата го сонуваат истиот сон. Впрочем, како што вели, Кети и тој своевремено се запознале во театар, таму се вљубиле еден во друг и сега продолжуваат по таа патека радосни што сонувајќи ќе го продолжат животот позитивно.

Катерина Грозданова, пак, на белината од воведната страна на Наше тетарче, во посланието до публиката, насловено како „Ѕидовите вековно биле граница“, пишува дека нејзе најстрашни и најнеприфатливи и се „ѕидовите во мислата, зборот, идејата“. Оние кои шетаат насекаде околу нас. Затоа, како што пишува, „сакала да земе мал чекан и прво да почне од својата мисла – прво нејзе да ја руши“. Но, се кренала завесата, почнал театарот, се разиграле маските и костимите, започнале да се тркалаат зборовите и станала дел од армијата искрени вљубеници кои сакаат да туркаат ѕидови. Така започнала приказната за Наше тетарче како борба во сивилото за белина и малку повеќе сонце.

„Во ова време на зовриени политички кампањи, ние денес водиме кампања за театарот. За културата. Така се поклопија работите. Ние сега биеме битка за да се растури сивилото и да не огрее сончевина“, истакнува Грозданова, која во случајов правно-формално ќе ја извршува функцијата на директорка на Наше театарче.

Инаку, нивната заложба како веб-страница исклучиво за театар, и над сè за македонскиот театар, е не да бидат, како што велат, „голем сајт“ туку да понудат четиво за насладување на публиката и на театарџиите.

„Битна ни е сцената, онаа наша македонска. Буквално од – до. Од Гевгелија па сè до Куманово. Мислам дека ќе ја „шпартаме“ Македонија, тоа ни е целта, и дека ќе нудиме информации, ако не за сè, тогаш барем за многу голем дел од она што се случува во Македонија и во театрите – истакнува“, Грозданов.

Тој не ја крие радоста од позитивните реакции на македонските уметници за идејата за Наше театарче и најавува дека покрај нив двајца на сајтот ќе може да се читаат и текстовите на автори и театарски проследувачи како Лилјана Мазова, Сотир Трајков, Тони Димков, а писателот и професор на ЕФТА – Христо Петревски веќе го започна и испишувањето на својата колумна насловена како „Монокл“.

Љупчо Јолевски

ЗА И ОКОЛУ “ШТИЦИТЕ ШТО ЖИВОТ ЗНАЧАТ”…

Наше театарче – страница за театарските сладокусци

22 ноември 2016
Театарските сладокусци на оваа страница ќе имаат можност да прочитаат рецензии и податоци за претстави, интервјуа со актери, режисери, драмски автори, историјати на театрите во Македонија, но и содржини за познати светски театарски куќи, како и други информации од театарската уметност

dsc_2708 dsc_2732
“Наше театарче” е новата интернетска страница за љубителите на театарската уметност во Македонија, која завчеравечер и официјално беше промовирана во културниот центар “Јавна соба# во Скопје.

Театарските сладокусци на оваа страница ќе имаат можност да се информираат за сите актуелни случувања на “штиците што живот значат”. Ќе можат да прочитаат рецензии и податоци за претстави, интервјуа со актери, режисери, драмски автори, историјати на театрите во Македонија, но и содржини за познати светски театарски куќи, како и други информации од театарската уметност.

“Наше тетарче е наше, ваше, нечие, сечие и верувам дека заедно со театарските сладокусци кои ќе можат да дадат и свое мислење и критика ќе оставиме трага, како патникот Теспис и како Талија и нејзините друшки, за да оствариме една цел која исклучиво ќе го третира и ќе го малтретира, во позитивна смисла на зборот, македонскиот театар”, изјави Борче Грозданов, главниот уредник на страницата.

“Наше Театарче” ќе се занимава само и исклучиво со театар, односно во 90 проценти, па и повеќе со македонскиот театар.

„Битна ни е сцената, онаа наша македонска. Ќе ја „шпартаме” Македонија, и ќе нудиме информации, за многу голем дел од она што се случува во Македонија и во театрите низ Македонија”, додава Грозданов.

И актерите Жарко Димоски, Арна Шијак и Владо Дојчиноски го истакнаа своето задоволство од постоењето на новата страница.

“Ова е страница за тоа како живее и твори театарот, но и за тоа каков ние би сакале тој да биде. А и ние актерите имаме што да кажеме…”, рече Димоски.

БАЈРУШ МЈАКУ, АКТЕР

АКТЕРСТВОТО НЕ СМЕЕ ДА СЕ РАСПРОДАВА

Бајруш Мјаку
Треба да се внимава и да се прави строга селекција во начинот на кој ни се пласираат режисери, актери и претстави од странство, а треба да внимаваме и со што ние се претставуваме надвор од земјава, е ставот на Мјаку околу размената со светот во уметноста
Професионалниот пат на актерот Бајруш Мјаку е навистина богат. За 32 години  одиграл 110 ролји, играл во сите театри во Скопје и два проекти во Стокхолм. Со „Баал“,  „Кралот Лир“, „Коските доаѓаат сами“, „Татко“ и „Дневникот на лудиот“ бил во сите поголеми европски центри освен Шпанија. Со „Дневникот на лудиот” од Н.В. Гогољ доживува 32 репризи, од кои повеќе се во странство (Египет, Словачка, Полска, Украина, Косово и Албанија), а има добиено покана во 2006 година на Фестивалот на монодрама во Москва.  Со претставата „Татко“ го шета речиси целиот свет. Со „Татко…“ се предвидени гостувања во Истанбул на фестивалот Истанбул, простор, сцена и во Москва и Санкт Петербург во рамките на Деновите на македонската култура во Русија
До каде е нашата театарската естетика во однос на светот?
– Во нашиот театар постои нешто што е хиперсензитивно, нешто што има душа, додека во европскиот театар има повеќе пари за создавање проекти. Најидеално би било кога би се споила нашата душа, односно тоа што го имаме и поседуваме како знаење, енергија и моќ, со финансиите на европските театри. Сакале ние да признаеме или не, театар без пари не се прави. Колку поевтина претстава, толку и посиромашна. За жал, од ден на ден, нашата театарска каса е се попразна.
Каде би можел да се најде излезот од ваквата состојба?
– Јас сум еден од оние ш бараат излез во вон институционалите проекти. Ваквиот пат почна во 1998 година кога дојде до извесно недоразбирање меѓу мене и раководството на тогашната Албанска драма. Со Унковски го направивме „Татко“ од Стриндерг,  и така тргна мојата приватна кола. Единствениот пат за финансиска, а  со тоа и уметничка реализација во моментов е независноста.  Во институциите, верувајте, постојат актери кои немаат пари за автобус за да дојдат на проба. Повторно доаѓаме до тоа дека главниот проблем е во сатисфакцијата.
Од овој аспект дали е оправдано „бегањето“ од професијата на луѓето од вашата фела?
– Актерот не смее да се занимава со друга професија. Бегањето од професијата може да биде само привремено. Единствено оправдание би било ако некој би  почувствувал дека  не може повеќе да се занимава таа работа. Но, сепак, сметам дека актерството како професија не треба да се распродава. Постојат актери кои се сакаат себеси во театарот и оние што театарот ги сака за себе. За среќа, оние што се занимаваат со сосема друго од театарската уметност се ретки.
Што мислите за изборот на уметници од странство кои доаѓаат да режираат, играат…?
– Не сум против тоа. Таква размена мора да постои. Но, имаме голем проблем со тоа што избираме. Треба да знаеме што бараме од оној што ќе дојде, мора да постои строга селекција и во уметничка, па и во финансиска смисла. Не може гостувањата да се сведат на врски и пријателства.
За фестивалите, или поточно што се, од кај нас оди во светот и обратно?
– И тука постои сличниот проблем. Значи, не се внимава на квалитетот, најчесто е тоа по системот „на ти го – дај ми го“, а за онаму каде што можеме да го обелиме образот, државата нема пари.
За наградите – дали се драги?
– Драги се, сигурно, и дека тие се поттик за понатаму. Особено наградата што ја добив во Украина е една од најзначајните, не само за мене, туку и за нашето актерство, бидејќи е „издвојувана“ меѓу навистина врвни мајстори на монодрамата. Учествуваа 12 моноспектакли од девет држави. Мене ми е посебно мило, бидејќи во формулацијата на наградата, меѓу другото стоеше „… за најдобра интерпретација на руската класика…“ Можете да замислите што значи тоа кога некој „од страна“ на „нивен“ терен ќе се избори за такво нешто.

Борче Грозданов
27.06.2005

Убава, лелеава естетика

ТЕАТАР
6 јули 2009

Видовме шест одлични дами, актерски созреани индивидуи и прецизен режисерски ракопис… Кои создадоа театарски чин, поетика насловена како Маркиза која во целина ја враќа вербата во чистиот прецизен, вистински Театар…

markiza-21_1

Приказна за перверзијата, суетата, деструктивната емоција, поетиката но и некаде од далеку, за љубовта… Приказна видена, доживеана, раскажана, од шест жени љубоморни, разгневени, вљубени, детски расположени, нежни, гневни, растревожени, разиграни, гладни… И повторно за љубов. Во центарот на нивните животни стории е тој, развратникот, за кој се зборува, кого го нема, а сепак е присутен, Маркизот Де Сад. Таа приказна стара повеќе од два века се мултиплицира до денес, преку окото, размислата и раката на режисерот Ѕвезда Ангеловска и нејзиниот прецизен режисерски ракопис … И шест одлични дами, актерски созреани индивидуи… За да се создаде татарски чин, поетика насловена како Маркиза која во целина ја враќа вербата во чистиот прецизен, вистински театар…

Од понуденото се гледа дека овој “тим” работел и колективно и на себе и со режисерската интенција и назнака… Ја видовме фантастичната самоуверена и во секој момент подготвената за игра и водство на сцената Ирена Ристиќ како Грофица Де Сан Фон; интересната и гротескно искреирана госпоѓа Де Мон Треј од Билјана Драгичевиќ-Пројковска; извонредно природната и ненаметлива но одлична во својот поривен израз Калина Наумовска како Шарлота; тука е и одмерената и тврдо карактерна разиграна Ана на Трајанка Илиева – Таци; Гордана Ендровска која со ликот на Мари се справува од почеток до крај односно од нејзината “недоветност” до жена со страст, поклоник на блудот; и за крај Маркизата Де Сад на конкретната и по психофизичката експресија но и по отсликувањето на внатрешниот мотив на ликот, Искра Ветерова…

И во таа леснотија на играта едноставна но во истовреме и комплицирана лелеавост на театарската композиција извонредно се вклопија нежните и колоритни костими на Марија Пупучевска; од разната слика на сценографијата на Валентин Светозарев и кореографијата на Искра Шукарова… Која има и своја специфична тежина ако се знае дека режисерската интенција на Ангеловска ставајќи ги актерките во балетанки да покаже дека естетиката знае да биде лесна но само ако се изгради преку цврстина, упорност и грациозност… За секој случај во Драмскиот театар во четвртокот, во рамките на Скопско лето видовме една претстава која судејќи по се, си ветува век на траење.

Борче ГРОЗДАНОВ

758884_b_markiza-1_1

ПЕРИХАН Ејупи ТУНА – 20.03.1955 – 26.06.2014

27.06.2014

ПЕРИХАН ТУНА – АКТЕРКА И ЧОВЕК

perihan

Во многу емотивна атмосфера, со неверување и солзи вчера беше испратена вистинската „Каста дива“, како што Туна ја нарекуваа нејзините колеги

„За мене мојата колешка Перихан Туна беше ’маскота‘ на театарот. Таа беше нешто особено, секогаш многу искрена, многу своја, оригинална, како во однесувањето спрема своите колеги, така и кон својата работа, бидејќи со иста таква искреност и соголеност ги градеше и своите ликови. Во овие мигови често слушам дека ја загубивме, но би рекла дека не сме ја загубиле, дека секогаш ќе ја најдеме кога ќе пребаруваме во историјата на Турскиот театар или во историјата на македонското глумиште“, рече низ солзи денеска познатата актерка Бедија Беговска, истакнувајќи дека веста за смртта на Перихан Туна ја доживеала како шок. „Без оглед колку и да знаете дека смртта ќе дојде, колку и да знаете дека таа е дел од животот, смртта секогаш одново не’ изненадува“, додаде Беговска.

Доајенот на Турскиот театар, Перихан Туна Ејупи почина вчера во Скопје, на 59-годишна возраст по тешко боледување. Таа има одиграно стотици улоги, а член на ансамблот на Турската драма беше од 1972 година, оставајќи силен печат, воопшто, на македонската театарска сцена. Салата на театарот „Комедија“, во која се одржа комеморацијата беше полна. На испраќањето и оддавањето почест на оваа голема актерка, покрај семејството, беа присутни мноубројни колеги од нејзината матична куќа, но и од МНТ, од Драмски театар, од театарот „Комедија“, сите видно потресени од нејзината прерана смрт.

Колегите сите, без остаток, зборуваа најубаво за колешката Перихан Туна, како актерка, но и како човек. „Таа беше извонредна актерка, извонреден човек и другар, која секогаш беше подготвена да помогне“, истакна актерот Салаетин Билал. Додека, директорот на Турскиот театар, Атила Клинче, рече дека Туна беше неверојатно надарена актерка, што тешко може да се повтори. Тој рече дека верува оти младите ќе одат по нејзиниот пат и дека ќе бидат добри и скромни како неа.

На комеморацијата беа прочитани повеќе телеграми, од режисерот Слободан Унковски, од директорите на МНТ, Дејан Пројковски и Дејан Лилиќ, но и од Струмичкиот театар „Антон Панов“, кои не’ потсетија на нејзината извонредна улога во „Каста дива“ за која ја доби и наградата „Ристо Шишков“. Но, секако се паметат и нејзините улоги во: „Коштана“, како Офелија во „Хамлет“, како Асие во „Како да се спаси Асие“, во „Женидба“, „Волшебната вила“, „Зона Замфирова“, „Цар Едип“, „Тетовирани души“, при што сите истакнуваа дека таа фантастично и пееше и танцуваше. Оваа посвета на Перихан Туна ќе ја завршиме со зборовите на Бедија Беговска: „Посакувам Господ да и’ ја даде сета светлина на небесите“.

Добитник е на наградата за високо актерско достигнување на фестивалот „Ристо Шишков

Драгана Левенски – актерка

Во прво лице 

Драгана Левенски
Животот е стаклена чаша

За себе – Непоправлив сонувач
За љубовта – Е потребна на секој од нас , таа не прави подобри луге
За животот – Стаклена чаша
За театарот – Верба , спокој , начин на живот
За доброто –Треба да се препознае , а потоа да се чува и да не се потценува .
За злото – Го поседуваат слабите луге
За непријателите – Ги поздравувам
За пријателите – не се може без нив , им благодарам што постојат
За глумата во животот – која некогаш за жал е за оскар
За сценската прашина- дел од магијата
За колегите –Големи деца и борци за своите светови . Да ми се живи и здрави
За неодиграните улоги – Дај му време на времето .
За идејата – Креација која треба да се реализира
За сонот – Да стане реалност
За јавето – Да биде сон
За виното –хм, зависи какво и во колкави количини
За семејството – Моја инспирација , моја поддршка , мое се .
За крај – Животот е краток , а уметноста е долга

„Глумците пеат“ – Марин Бабиќ

Стариот Пјер ја отвори „Глумците пеат“

(Прво продолжение)

Скопје налик Бродвеј, Универзална сала налик магична бајка, со миг на блескавило, и со „хемија“ која струеше во воздухот, во пресрет на светскиот ден на театарот, 27 март.

Причина за сето тоа, некогаш, но не така одамна, беше познатата манифестација “Глумците пеат“, гламурозно и културно музичко шоу, низ кое зад микрофонот дефилираа глумците кои така добро умеат да пеат.

Време изминаа, желбата и потребата да се врати пак е голема, а идејниот творец, актерот Марин Бабиќ, низ неколку продолженија за „Наше театарче“, ќе се потсети на досега нераскажани интересни доживувања, случки и анегдоти кои манифестацијата ја правеа интересна и неоддолива за љубителите на сценската уметност.

А, се почна од критиката на соседот

-Години не патам, ама со сигурност знам дека соседите во Капиштец се „виновни“ што кај мене се разбуди инаетот прилепски. Една вечер пред да тргнам за на претстава, еден сосед гледал српска емисија, тоа е онаа новогодишна емисија во која глумците од Атеље 212 служат како келнери цел ден и ги забавуваат гостите пеејќи. И, соседот ми вели: „Глеј ги бе Марин српскиве глумци пеат растураат, а вие ништо“. Блиску ми беше Драмски театар, тргнав пеш и по пат се роди идеата да се собереме на сцена и да пееме, и прв на памет ми падна Димче Мешковски, вака почнува „приказната“ за нешто што подоцна ќе прерасне во еден голем настан, и голем актерско музички бренд.

-Кога дојдов во театар, продолжува Марин, со Драган Спасов Дац бидејќи сме во иста гримиорна му ја раскажав приказката, а тој се воодушеви и само рече : Супер ги правиме „Глумците пеат“. Ете накратко така наивно почна. За релативно кусо време, се врзуваат сите фактори за да бидне големото шоу, од јануари до март се подготвува целата екипа. Се собравме јас, Дац, Сабина Ајрула, Анастас Таше Тановски, Зоран Јовановиќ -Лима и тргнавме во реализација, додуша наивна ама ентузијастичка. Бевме сигурни дека ќе успееме. Работевме ден и ноќ, никој пари не спомнуваше. Сите беа воодушевени, се првите „слики“, кои на Марин му се враќаат пред очи од некогашната нивна организација.

-Дојде 26.03 ден воочи Светскиот ден на Театарот, завесата се крена, ависото на Чаплин Чаплин „Светлата на велеградот“ на сцената. Силви и јас се појавивме, кажавме што кажавме и го најавивме Владимит Дади Ангеловски, со „Стариот Пјер“ („Стари Пјер“ од Ивица Перцл). Дади пееше, ние зад сцена се тресевме, кога Дади заврши и кога пукна експлозијата на аплауз со солзи го дочекавме. Таа вечер е незаборавна бидејќи имаше и транспаренти во сала и вриеше од позитивна енергија, ни раскажува идејниот творец.

И по некоја голтка алкохол е дозволена на вакви манифестации, за опуштање. За да ја разбијат тремата зад сцена имале задолжен човек за тоа

-Јас имав еден другар кој за жал сега е починат, Мицко, тој шеташе зад сцена и во едниот џеб имаше ракија, во другиот виски, и ни поддаваше, вели Марин. Инаку околу случката со Дади, кога заврши со пеење сите потрчавме накај него и сите прашувавме „Како беше?“. За беља праша и Диме Илиев познат тремаџија и Дади му одговори: „Димо ти ќе се усереш“.

Излезе Диме, ја пееше “Che sara sara“ и почна фалш. Трема. Веднаш стрчаа на сцена Бедија и покојната Перихан да му бидат придружни вокали, ама пак не ја биваше. Тогаш и реков на

Силви : “Силви трк на сцена, бутни му ги своите гради в грб “и така го вративме Димо на вистинскиот пат, ха ха. А Влатко Плевнеш (сопругот на Силви) беше зад синтисајзер немаше кај да оди, ја раскажува низ смеа оваа анегдота Бабиќ.

Малку пари, многу повеќе музика

Она познатотот “Колку пати, толку музика“, не важело за оваа манифестација. Љубовта и ентузијазмот биле главната есенција. Се сеќава Бабиќ и дека првиот пат немало тематски избор на песни (како во годините потоа), секој што сакал тоа испеал, а најпрво се одржувало под името „Поклони се и почни“.

Немало ни Тв пренос ни Тв снимка, тоа следувало дури по петтото издание. Сакале да се сигурни дека тоа го прават е мошне професионално, а и морале да се надградат. Дури потоа имало снимки на Македонска телевизија, кои се емитувале една седмица по одржувањето на манифестацијата.

-Се одржаа 13 регуларни, и две „партизански“ изданија (импровизирани, со скромни финансии), банкротиравме и толку. Од самиот почеток работевме со голем ентузијазам. Пробите се правеа речиси 24 часа. Нешто во Драмски, нешто во М2 во МРТВ

речиси секој ден. За пари никој не праша, имаше нешто „ситно“, повеќе трошарина бидејќи глуците си купуваа гардероба и на некој начин тоа им беше компензација!

Кога се завршила првата манифестација, Марин Бабиќ вели не знаеле како се викаат, од среќа. И продолжиле на коктел во Клубот на пратеници, каде покровител бил тогашниот Премиер Бранко Црвенковски. Бранко потоа, долги години бил и најредовниот гостин, а неговата тогашна влада првите 5 години ги подржувале глумците и финансиски. И други политичари и бизнисмени беа дел од проектот „Глумците пеат“ во следните години, а неоткриените анегдоти со нив, ќе ги дознаеме од „прва рака“, од актерот и творец, Марин Бабиќ.

(продолжува)

Валентина Ѓоргиевска Парго

Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар

Театарот е сон!

По првата театарска претстава на која јас се сеќавам дека ме однесоа како дете, и запаметив реплика од неа, јас станав глумица . Но, репликата која најмногу ми влезе во детското главче не беше многу „пожелна“ и гласеше „Долу Влада!“. За дете, кое не беше тргнало ни на училиште, најпривлечно за изговарање е она за кое родителите го караат да не го изустува. Не ја кажав запаметената реченица дома пред моите, ами како да побарав „неутрална“ публика, излегов на балконот на семејниот стан кој се наоѓаше најгоре на зградата, во центарот во Ресен, и на сиот глас викнав силно. „Долу влада“, без да знам што тоа значи. И, наместо со аплауз,мојата прва сцена заврши со укор од родителите, а соседите им префрлија на мајка ми и на татко ми, како тогашен носител на опоштинска функција дека не смеам тоа да го кажувам. -Ама, чекајте, јас само го повторував тоа што возрасните го кажале, во театар, и нив никој не ги искара! Зошто тогаш мене ме карате? Нејасно му беше тоа на дете, кое потскокнува од детските радости кога Бабецот од Битола, ќе го погали по коса, кое подзинато го гледа Петре Прличко, се смее на смешните чичковци кога на сцена кажуваат некоја смешка, сака да личи на најубавата глумица кога ќе порасне, а сака и да дотерана убаво, како неа. И важна. Многу. Кога ќе порасне, тоа. Претставите изгледани во театар ми беа некој друг свет. Магичен, а реален Секоја театарска престава за мене и ден денес е „Некој друг свет“. Тетарот најинтензивно го посетував во студентските денови, токму во оние денови кога се подготвуваш за влез во „Некој друг свет“. Кога ти треба желба, импулс, мотив, магија, сила, визија. „Животот е сон“ е претставата која ме увери дека треба да верувам во маѓијата на животот. Дека – само силната волја може да направи чуда и магија! Исто како и на сцена, се се пресликува и во животот. Се сеќавам дека за тогашната премиера во Драмски театар , како студентка која собира пари , од Охрид допатував специјално во Скопје. Станот на брат ми беше непосредно до Драмски театар. Поитав да купам билет за премиерата, билетите беа распродадени, а јас горев од желба да го гледам Ненад Стојановски на сцена. Хит актер! Го сакавме, во тоа време. Упорно здодевав со истото прашање цел ден и упорно луѓето од билетарата превртуваа со очи. Јас, вечерта се подготвив како да треба да влезам, застанав до црвената патека и гледав задоволни луѓе како чекорат и влегуваат,онаму каде јас вечерва (можеби) нема да влезам. Откако сите влегоа, и вратата полека ја затвораа на половина, се појави двојка која пред да влезе замоли дали може да го врати едниот билет, личноста која требало да ги дружи таа вечер не може, ќе дојде некоја друга. Го грабнав и го платив. Влегов последна, седнав прва. Единствено место кое беше празно, откако сите беа седнале на своите седишта, беше едно седиште на средина во првиот ред, веднаш под сцената. Радоста и возбудата ми ја засенија перцепцијата, не се сеќавам на преставата, се сеќавам на моменти од ликот и глумата на Ненад, од возвишеното чувство кое ме натера да верувам дека театарот- ги исполнува желбите. Создава магија. Театарот ја создава магија на животот.

Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар

Рубрика: МОНОКЛ – Проф.д-р Христо Петрески, Универзитет ЕФТА

hris-petr   НЕСЛОЖНИ СЛОГАНИ ЗА ТЕАТАРОТ

Теaтар не е зградата на која пишува дека е театар! Театар не се зградите на кои пишува дека се театри, ниту тоа што се случува во нив, па и на нивните сцени, туку тоа е воздухот и флуидот кој или го има или го нема… Дали е театар денес и кај нас – само зградата на која пишува дека е театар!? Не популистички и комичен театар за сите, наспроти сите трагедии на сите… Театарот не е комедија или трагедија, туку ни е и едното и другото! Публиката на сцена, а актерите – публика! Рече: театар и (си) направи филм! Секогаш кога размислуваше за нов театар – влегуваше во нов филм! Па, зарем е тоа театар, кога ништо не се случува ни на сцената – ни во публиката?! Театарот е: Траење, Елеганција, Авантура, Тренд, Авангарда, Радост, но и обратното од тоа… Театарот ни самиот не може да се види и препознае ваков каков што е… Не театар за сите потреби и вкусови, зашто публиката одамна е прегладнета, но и не чувствува веќе потреба за истата духовна храна… Одењето во театар полека но сигурно станува некое идно време… Оди во театар, ако сакаш да се пронајдеш, препознаеш и вратиш таму каде што некогаш си бил, или посакуваш некогаш да бидеш… Театарот е огледало во кое сите други се подобри и поубави!