Кон премиераta на претставата „ Лерин: полиња жито , ридишта крв “, во продукција на независниот театар „ Навигаторот Цветко “.
*Претставата има статичен театарски израз што се надоврзува на естетиката која режисерот Унковски ја покажа во претставата „ Солун, град на духови“, а целосно ја разби и ја подреди на движења во „ Анштајновите соништа“, поставена во НТ од Прилеп , со дел од истата актерска екипа.
Во Културниот центар „ Кино Култура“ , се одржа премиерата на претставата „ Лерин: полиња жито, ридишта крв“ , по текст на Русомир Богдановски, а во режија на Слободан Унковски. Станува збор за вториот дел од трилогијата „ Солун, Лерин, Скопје“ на Богдановски, од која две третини веќе го живеат својот сценски живот. Да потсетиме, претставата „ Солун, град на духови“, според делото на британскиот историчар Марк Мазовер, а во драматизација на Русомир Богдановски, го означи почетокот на работата на незавниот театар „ Навигаторот Цветко“, на режисерите Слободан Унковски и Александар Поповски. Унковски ја постави на почетокот на 2015 во Музејот на холокаустот во Скопје, а по отворањето на КЦ „Кино Култура“, кон крајот на истата година, претставата доби своја матична сцена за изведби, а беше наградена на ФКТ „ Ристо Шишков“ во Струмица и на „ Сараевска зима“. Сега младата актерска екипа од „ Солун, град на духови“ , со претставата „ Лерин: полиња жито, ридишта крв “ ја продолжува мисијата на театарски интерпретации кои обработуваат историски теми од нашето минато и повлекуваат паралела со сегашноста.
Искуствата и сеќавањата на Македонците кои се бореле во Граѓанската војна во Грција, на страната на Демократската армија против монархофашистите , 1949 година, ја сочинуваат фабулата на претставата. Таа се темели на фрагментарно напишаниот текст на Русомир Богдановски , со повеќе лични исповеди на некогашните борци (партизани во ДАГ), нивни потомци и блиски на нив, денешни научни работници-истражувачи на настаните од тоа време, но и припадници на монархофашистичките трупи, кои дирекно не направиле злосторства, но поради учеството во тие формации, немаат мирна совест. Седнати на масички во еден ред, како на некаква трибина, со ламби што им ги осветлуваат лицата, Ивана Павлаковиќ, Симона Димковска, Горан Ников, Стефан Вујисиќ, Наталија Теодосиева, Мартин Манев и Владимир Петровиќ, го предаваат дејствието низ трансформации од еден во друг или трет лик. Нивната игра се базира во најголем дел на говор и на преживување на текстот.Од сериозни до комични, креациите го прикажаа раскошот на талентот, младешкиот полет и страст за играње театар на седуммината актери. Овој прилично статичен театарски израз, се надоврзува на естетиката која режисерот Унковски ја покажа во претставата „ Солун, град на духови“, а целосно ја разби и ја подреди на движења во „ Анштајновите соништа“, поставена во НТ од Прилеп , со дел од оваа актерска екипа. Сепак, најголемото достигнување на овој театарски чин се врските што на ниво на наратив ги прави минатото со актуелната стварност. Манифестациите на фашизмот, некогаш и сега , неможноста за вработување доколку поединецот потекнува од семејство на поранешни комунисти и незавршената борба за слобода, започната пред скоро седум децении, се аспекти кои ја прават претставата „ Лерин: полиња жито, ридишта крв“ , историско четиво од минатото во кое се одразува сегашноста.
Авторка на костимите, направени во современ стил е Розе Трајческа – Ристовска, а за музиката, составена од обработки на македонски народни песни од Егејот, но и други домашни традиционални фолклорни мотиви, беше задолжен Златко Ориѓански. Репризите на претставата „ Лерин: полиња жито , ридишта крв“ се планирани за втората половина на јануари 2017, кога ќе заврши реновирањето на објектот на КЦ „ Кино Култура“. До тогаш
можете да дебатирате , како што се вели на едно место во претставата, за сеќавањата како политика, за политиката како бизнис и за сеќавањата како бизнис . Во сеприсутниот конзумеризам, сешто проаѓа. А, во нашата политичка стварност, уште повеќе. Потребно или непотребно, оценете сами.
Сотир Трајков