Лилиќ од “шиење” се вратил да ја доигра претставата

 АКТЕРИТЕ СЕ ЖИВИ ЛУЃЕ ОД КРВ И МЕСО

2 февруари 2014

Се што е потребно е добра мисла и големо срце – вака со една реченица може да се опише храброста на Дејан Лилиќ, кој во име на публиката играше и со пресечена рака и обилно крварење, а откако в болница го “средија”, ја доигра претставата! Тоа не е се, бидејќи тој со температура во една ноќ има играно две претстави! Затоа, токму со него ја започнуваме сагата за храброста која напати се граничи со лудост на најголемите експоненти на сцената – актерите…

Актерите, покрај својата моќ да произведуваат магија од сцената и внесувајќи се во ликовите да направат магнет од театарската сцена, привлечност од која тешко се “одлепувате”, се засмејувате, се радувате, плачете… Тие, актерите, неретко во име на публиката го жртвуваат својот физикус, само и само гледачот како консумент да не почувствува празнина… Во овој контекст, многумина од нив прават мали бравурии од херојски дела, играјќи повредени, со температура, понекогаш и нерасположени да се смеат, а мораат да го прават тоа, понекогаш радосни, а треба да плачат и тоа се во служба на неговото величество, Гледачот… Затоа, Редакцијата ВЕЧЕР реши да ви понуди четива преку кои ќе ги спознаете актерите, хероите кои, сепак, се од крв и месо… Оваа серија четива ја започнуваме со Дејан Лилиќ, кој на неколку пати, и покрај животните пехови, буквално се жртвуваше за Талија и нејзините посестрими… Лилиќ во претставата “Танцот на пеперутките во ориент експресот”, приватен проект кој го играше со Васил Зафирчев и Катерина Коцевска во вагонот на Старата железничка станица, ја повреди раката, но и покрај тоа, продолжи да игра… Потписникот на овие редови, како сведок во мракот, слушна силен тресок и кршење на стакло, сцената продолжи да тече, се додека не го забележаа Декса дека е повреден и дека обилно крвари. Претставата беше прекината, а актерот принудно приморан да замине в болница. Откако го “средија”, тој, замислете, се врати и ја доигра претставата!

Ова не е единствен случај кога Лилиќ се обидел и успеал да го направи невозможното, бидејќи тој има играно во иста вечер со температура две претстави за да не се откаже фестивалска селекција! Најпрвин ја одигра “Маседуан 2001” од 19 часот, за потоа веднаш да се “прешалта” во ликот на Стево од “Диво месо” само два и пол часа подоцна! Вечерта по претставите тој завршува на инфузија, за веќе следниот ден да продолжи со обврсктие кон тековниот репертоар на Драмскиот театар, чиј член беше тогаш. За тоа што, всушност, ги тера актерите и кој е поривот понекогаш и да се жртвуваат за сцената, Лилиќ накратко ни изјави: Тука нема голема филозофија. Тоа не може да се дефинира како лудост, бидејќи како и се во животот поврзано со талентот и желбата, или го имаш или го немаш! Потребна е само свесност за ситуацијата и големо срце, а сето тоа за публиката да остане задоволена! Значи, не е никаков проблем да се стори понекогаш дури и невозможното доколку мислата и срцето ве водат кон целта. А таа е да се изигра претставата… Покрај овие две случки, малку е познато за јавноста дека јас имам и астма и дека секој вид прав, па дури и онаа сценската, понекогаш знае да ми попречи. Но, повторно, тука е мозокот и срцето за тоа да го покријам со игра, а публиката да не почувствува дека нешто и недостасува…”

Секоја чест на театарските херои, а Дејан Лилиќ е првиот со кој ги започнуваме (не)возможните патешествија на Скомрасите…

Борче ГРОЗДАНОВ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *