Млади старци

Кон премиерата на претставата „ Квартет“ во МНТ

 

Секој од актерите се потпрел на досегашното искуство и возраст, како репер за градење на ликот и не направил во појавна смисла, улога на поинаков од себе си.

Што се случува кога во животот на човекот во поодминати години ќе се всели минатото, ќе оживеат спомените и повторно ќе се разбудат чувствата, поврзани со љубовниот и професионалниот живот? Ова се прашањата што ги поставува претставата „ Квартет“ од британскиот оскаровец, драматичар и сценарист, Роналд Харвуд, поставена на малата сцена во Македонскиот народен театар, во режија на Зоја Бузалковска.

Страв од евентуален неуспех, сенилност, суетност, но и страст за животот. Ова се главните емоции кои четиримината актери Лилјана Велјанова, Катина Иванова , Емил Рубен и Благој Чоревски, ги прикажуваат на сцената. Тие раскажуваат приказна за пензионирани, некогаш славни оперски пејачи кои живеат во пансион за стари лица, наменет за музичари, кои секојa година, на 10 Октомври, на роденденот на италијанскиот композитор Џузепе Верди , организираат прослава со живи изведби на неговите дела. И се е во ред додека Сесили Робсон ( што ја толкува Иванова), Реџиналд Пеџит ( во изведба на Рубен) и Вилфред Бонд ( на Чоревски) , живеат заедно во пансионот. Но, откако ќе им се придружи Џин Хортон (во изведба на Велјанова) , започнува вистинска драма. Таа отвора стара љубивна рана кај Реџи, со кој откриваме дека биле кратко време во брак. И се однесува суетно , но и отрезнувачки кон другите , зашто не прифаќа туку- така, по многу години пауза, да настапи повторно со нив во прочуениот квартет на Верди „ Убавата ќерка на љубовта “ од операта „Риголето“ , зашто едноставно ни таа, а ни останатите тројца солисти веќе ја немаат потребната сила во гласовите.

Режисерката Зоја Бузалковска кон овој текст на Харвуд , праизведен 1999 година, пристапува крајно професионално. Преведен од Љубица Арсовска, текстот е штрихан, но само минимално, колку драмското дејство да не забави и тој се изведува во два дела. Овдека режијата е во функција да ја истакне траги-комичноста на четирите карактери. Лиле Велјанова во улогата на Џин , прикажа жена во поодминати години, чија младост поминала без мерка за трошење пари и мажи. Па сега, колку финансиски е слаба, толку карактерно е силна, во обидот да го сокрие честото заборавање што кажала и да не се претстави во јавноста како сенка од некогашната соло пејачка со вонредно успешна кариера. Во однос на Реџи, Џин е свесна за бегството од бракот и се обидува да ја поправи сликата за себе. Катина Иванова како Сеси е „ спремна за настап“, кога го преслушува стариот материјал од некогаш. Таа страда од сенилност , можеби и од Алцхајмер, но е топла и пресретлива кон другите, со цел нештата да функционираат. Емил Рубен како Реџи прикажа карактер на повредена личност, колку поради појавата на Џин за која го врзува промашениот брак, толку и поради повредената машкост од неа. Тој е енергичен и рационален , што се гледа од односот кон штедењето за старост. Најведриот лик во претставата е Вилфред на Чоревски. Годините не ги убиле страста за живот и сексуалноста во него .Тој е најкомичен во овој квартет, а беше и единствениот актер во претставата што неколку пати запеа на кратко, но уверливо . Овој спој на две актерски ѕвезди од МНТ- Иванова и Рубен и две од Драмски- Велјанова и Чоревски , е добар кастинг потег на Бузалковска. Тие со усет за мерка, прецизно ја предаваат секоја емоција од внатре, овозможувајќи им на гледачите да понираат во повеќеслојноста на карактерите. Но, секој од нив се потпрел на досегашното актерско искуство и возраст, како репер за градење на ликот и не направил во појавна смисла, улога на поинаков од себе си, за да покаже афтентичност. Затоа делуваат како млади старци (лингвистички оксиморон) на сцената, што е добро од една страна, зашто се докажува дека актерите се млади додека играат, но недостасуваат нови, оригинални кожурци на ликовите.

Дизајнот на претставата кој го потпишува режисерката Бузалковска, е сведен на неопходните реквизити и упатува на животот во пансионот за пензионирани музичари. Овдека клучен елемент се кофчезите како метафора за непроценливото творечко богатство што го поседуваат уметниците, кое нема рок на употреба и треба да му се приоѓа со пиетет, а не

како на нешто од минатото, што денес нема вредност и значење. Тука е и маската како театарски симбол, кој затскрива една, но покажува друга вистина. Во случајов, тоа е вистината за славењето на животот преку уметноста. Изборот на музиката, за кој исто така беше задолжена режисерката, е фокусиран на Вердиевиот квартет од „ Риголето“ на Верди , кој оди во позадина додека на видео, со кое оперира Марин Рочевски, се прикажуваат инсерти од славните настапи на некогашните оперски ѕвезди. Накратко, „ Квартет“ е претстава со важна порака за жилавоста на уметноста пред забот на времето и за потребата поединецот да биде истраен во намерите, дури и кога околностите не му одат во прилог.

Сотир Трајков