
Народниот театар од Битола, кој неодамна прослави 72 години од своето постоење, деновиве во Потер Театарот во Санта Барбара во САД доживеа стоечки аплаузи и овации за својата извонредна изведба на претставата “Антоние и Клеопатра” во режија на светски познатиот театарски режисер Џон Блондел.
Иако првично било планирано претставата во изведба на ансамблот на Битолскиот театар да биде реализирана на отворено, поради временските услови изведбата е презакажана за затворен простор. Токму локацијата придонела за една интимна комуникација со публиката.
“Публиката навистина уживаше во една модерна изведба, разбирлива на ниво на интересни театарски решенија, експресивна актерска игра и режисерска инвентивност, кои беа наградени со огромен стоечки аплауз и овации#, се вели во соопштението за реализираниот настан во Санта Барбара.
Претставата ја проследија голем број на љубители на театарската уметност од Америка, а покрај многубројните колеги присуствуваа и пријатели од Македонија кои специјално допатуваа од Лос Анџелес, како и татарски продуцент од Србија, актерката Леона Парамински од Хрватска и режисер од Словенија, кои живеат и работат во САД.
Режисерот на претставата Џон Блондел, пак, јавно се заблагодари на поддршката на Министерството за култура и министерката Елизбета Канческа-Милевска.
Со оваа претстава актерите и раководството на Битолскиот театар уште еднаш успешно ја презентираа македонската култура и јазик надвор од својата држава. Очекувајќи ги критиките и написите од официјалната критика и шекспиролозите што го проследија овој настан на викендот посветен на Шекспир, тие се упатуваат дома, со нова покана од домаќините, повторно да донесат нови театарски доживувања.
Гостувањето е резултат на успешната соработка на Битолскиот театар со американската театарска компанија “ЛитМун” од Санта Барбара воспоставени во рамките на интернационалниот Битола Шекспир фестивал кој успешно се реализира веќе четири години.
Ова е второ гостување на Битолскиот народен театар во Санта Барбара. Годинава, Народниот театар од Битола со поддршка од Министерството за култура на РМ реализираше гостувања и во Русија, Бугарија и Израел.
Битолскиот театар во својата матична куќа продолжува со реализација на претставата “Д-р Фауст”, во режија на Андраш Урбан, која се очекува да се случи во средината на декември
( превземено од веб Вечер )