Приказна за перверзијата, суетата, деструктивната емоција, поетиката но и некаде од далеку, за љубовта… Приказна видена, доживеана, раскажана, од шест жени љубоморни, разгневени, вљубени, детски расположени, нежни, гневни, растревожени, разиграни, гладни… И повторно за љубов. Во центарот на нивните животни стории е тој, развратникот, за кој се зборува, кого го нема, а сепак е присутен, Маркизот Де Сад. Таа приказна стара повеќе од два века се мултиплицира до денес, преку окото, размислата и раката на режисерот Ѕвезда Ангеловска и нејзиниот прецизен режисерски ракопис … И шест одлични дами, актерски созреани индивидуи… За да се создаде татарски чин, поетика насловена како Маркиза која во целина ја враќа вербата во чистиот прецизен, вистински театар…
Од понуденото се гледа дека овој “тим” работел и колективно и на себе и со режисерската интенција и назнака… Ја видовме фантастичната самоуверена и во секој момент подготвената за игра и водство на сцената Ирена Ристиќ како Грофица Де Сан Фон; интересната и гротескно искреирана госпоѓа Де Мон Треј од Билјана Драгичевиќ-Пројковска; извонредно природната и ненаметлива но одлична во својот поривен израз Калина Наумовска како Шарлота; тука е и одмерената и тврдо карактерна разиграна Ана на Трајанка Илиева – Таци; Гордана Ендровска која со ликот на Мари се справува од почеток до крај односно од нејзината “недоветност” до жена со страст, поклоник на блудот; и за крај Маркизата Де Сад на конкретната и по психофизичката експресија но и по отсликувањето на внатрешниот мотив на ликот, Искра Ветерова…
И во таа леснотија на играта едноставна но во истовреме и комплицирана лелеавост на театарската композиција извонредно се вклопија нежните и колоритни костими на Марија Пупучевска; од разната слика на сценографијата на Валентин Светозарев и кореографијата на Искра Шукарова… Која има и своја специфична тежина ако се знае дека режисерската интенција на Ангеловска ставајќи ги актерките во балетанки да покаже дека естетиката знае да биде лесна но само ако се изгради преку цврстина, упорност и грациозност… За секој случај во Драмскиот театар во четвртокот, во рамките на Скопско лето видовме една претстава која судејќи по се, си ветува век на траење.
Борче ГРОЗДАНОВ