АКТЕРСТВОТО НЕ СМЕЕ ДА СЕ РАСПРОДАВА
Треба да се внимава и да се прави строга селекција во начинот на кој ни се пласираат режисери, актери и претстави од странство, а треба да внимаваме и со што ние се претставуваме надвор од земјава, е ставот на Мјаку околу размената со светот во уметноста
Професионалниот пат на актерот Бајруш Мјаку е навистина богат. За 32 години одиграл 110 ролји, играл во сите театри во Скопје и два проекти во Стокхолм. Со „Баал“, „Кралот Лир“, „Коските доаѓаат сами“, „Татко“ и „Дневникот на лудиот“ бил во сите поголеми европски центри освен Шпанија. Со „Дневникот на лудиот” од Н.В. Гогољ доживува 32 репризи, од кои повеќе се во странство (Египет, Словачка, Полска, Украина, Косово и Албанија), а има добиено покана во 2006 година на Фестивалот на монодрама во Москва. Со претставата „Татко“ го шета речиси целиот свет. Со „Татко…“ се предвидени гостувања во Истанбул на фестивалот Истанбул, простор, сцена и во Москва и Санкт Петербург во рамките на Деновите на македонската култура во Русија
До каде е нашата театарската естетика во однос на светот?
– Во нашиот театар постои нешто што е хиперсензитивно, нешто што има душа, додека во европскиот театар има повеќе пари за создавање проекти. Најидеално би било кога би се споила нашата душа, односно тоа што го имаме и поседуваме како знаење, енергија и моќ, со финансиите на европските театри. Сакале ние да признаеме или не, театар без пари не се прави. Колку поевтина претстава, толку и посиромашна. За жал, од ден на ден, нашата театарска каса е се попразна.
Каде би можел да се најде излезот од ваквата состојба?
– Јас сум еден од оние ш бараат излез во вон институционалите проекти. Ваквиот пат почна во 1998 година кога дојде до извесно недоразбирање меѓу мене и раководството на тогашната Албанска драма. Со Унковски го направивме „Татко“ од Стриндерг, и така тргна мојата приватна кола. Единствениот пат за финансиска, а со тоа и уметничка реализација во моментов е независноста. Во институциите, верувајте, постојат актери кои немаат пари за автобус за да дојдат на проба. Повторно доаѓаме до тоа дека главниот проблем е во сатисфакцијата.
Од овој аспект дали е оправдано „бегањето“ од професијата на луѓето од вашата фела?
– Актерот не смее да се занимава со друга професија. Бегањето од професијата може да биде само привремено. Единствено оправдание би било ако некој би почувствувал дека не може повеќе да се занимава таа работа. Но, сепак, сметам дека актерството како професија не треба да се распродава. Постојат актери кои се сакаат себеси во театарот и оние што театарот ги сака за себе. За среќа, оние што се занимаваат со сосема друго од театарската уметност се ретки.
Што мислите за изборот на уметници од странство кои доаѓаат да режираат, играат…?
– Не сум против тоа. Таква размена мора да постои. Но, имаме голем проблем со тоа што избираме. Треба да знаеме што бараме од оној што ќе дојде, мора да постои строга селекција и во уметничка, па и во финансиска смисла. Не може гостувањата да се сведат на врски и пријателства.
За фестивалите, или поточно што се, од кај нас оди во светот и обратно?
– И тука постои сличниот проблем. Значи, не се внимава на квалитетот, најчесто е тоа по системот „на ти го – дај ми го“, а за онаму каде што можеме да го обелиме образот, државата нема пари.
За наградите – дали се драги?
– Драги се, сигурно, и дека тие се поттик за понатаму. Особено наградата што ја добив во Украина е една од најзначајните, не само за мене, туку и за нашето актерство, бидејќи е „издвојувана“ меѓу навистина врвни мајстори на монодрамата. Учествуваа 12 моноспектакли од девет држави. Мене ми е посебно мило, бидејќи во формулацијата на наградата, меѓу другото стоеше „… за најдобра интерпретација на руската класика…“ Можете да замислите што значи тоа кога некој „од страна“ на „нивен“ терен ќе се избори за такво нешто.
Борче Грозданов
27.06.2005