Рубрика: МОНОКЛ – Проф.д-р Христо Петрески, Универзитет ЕФТА

hris-petr   НЕСЛОЖНИ СЛОГАНИ ЗА ТЕАТАРОТ

Теaтар не е зградата на која пишува дека е театар! Театар не се зградите на кои пишува дека се театри, ниту тоа што се случува во нив, па и на нивните сцени, туку тоа е воздухот и флуидот кој или го има или го нема… Дали е театар денес и кај нас – само зградата на која пишува дека е театар!? Не популистички и комичен театар за сите, наспроти сите трагедии на сите… Театарот не е комедија или трагедија, туку ни е и едното и другото! Публиката на сцена, а актерите – публика! Рече: театар и (си) направи филм! Секогаш кога размислуваше за нов театар – влегуваше во нов филм! Па, зарем е тоа театар, кога ништо не се случува ни на сцената – ни во публиката?! Театарот е: Траење, Елеганција, Авантура, Тренд, Авангарда, Радост, но и обратното од тоа… Театарот ни самиот не може да се види и препознае ваков каков што е… Не театар за сите потреби и вкусови, зашто публиката одамна е прегладнета, но и не чувствува веќе потреба за истата духовна храна… Одењето во театар полека но сигурно станува некое идно време… Оди во театар, ако сакаш да се пронајдеш, препознаеш и вратиш таму каде што некогаш си бил, или посакуваш некогаш да бидеш… Театарот е огледало во кое сите други се подобри и поубави!