27.06.2014
ПЕРИХАН ТУНА – АКТЕРКА И ЧОВЕК Во многу емотивна атмосфера, со неверување и солзи вчера беше испратена вистинската „Каста дива“, како што Туна ја нарекуваа нејзините колеги Доајенот на Турскиот театар, Перихан Туна Ејупи почина вчера во Скопје, на 59-годишна возраст по тешко боледување. Таа има одиграно стотици улоги, а член на ансамблот на Турската драма беше од 1972 година, оставајќи силен печат, воопшто, на македонската театарска сцена. Салата на театарот „Комедија“, во која се одржа комеморацијата беше полна. На испраќањето и оддавањето почест на оваа голема актерка, покрај семејството, беа присутни мноубројни колеги од нејзината матична куќа, но и од МНТ, од Драмски театар, од театарот „Комедија“, сите видно потресени од нејзината прерана смрт. Колегите сите, без остаток, зборуваа најубаво за колешката Перихан Туна, како актерка, но и како човек. „Таа беше извонредна актерка, извонреден човек и другар, која секогаш беше подготвена да помогне“, истакна актерот Салаетин Билал. Додека, директорот на Турскиот театар, Атила Клинче, рече дека Туна беше неверојатно надарена актерка, што тешко може да се повтори. Тој рече дека верува оти младите ќе одат по нејзиниот пат и дека ќе бидат добри и скромни како неа. На комеморацијата беа прочитани повеќе телеграми, од режисерот Слободан Унковски, од директорите на МНТ, Дејан Пројковски и Дејан Лилиќ, но и од Струмичкиот театар „Антон Панов“, кои не’ потсетија на нејзината извонредна улога во „Каста дива“ за која ја доби и наградата „Ристо Шишков“. Но, секако се паметат и нејзините улоги во: „Коштана“, како Офелија во „Хамлет“, како Асие во „Како да се спаси Асие“, во „Женидба“, „Волшебната вила“, „Зона Замфирова“, „Цар Едип“, „Тетовирани души“, при што сите истакнуваа дека таа фантастично и пееше и танцуваше. Оваа посвета на Перихан Туна ќе ја завршиме со зборовите на Бедија Беговска: „Посакувам Господ да и’ ја даде сета светлина на небесите“. Добитник е на наградата за високо актерско достигнување на фестивалот „Ристо Шишков |
