„Глумците пеат“ – Марин Бабиќ

Стариот Пјер ја отвори „Глумците пеат“

(Прво продолжение)

Скопје налик Бродвеј, Универзална сала налик магична бајка, со миг на блескавило, и со „хемија“ која струеше во воздухот, во пресрет на светскиот ден на театарот, 27 март.

Причина за сето тоа, некогаш, но не така одамна, беше познатата манифестација “Глумците пеат“, гламурозно и културно музичко шоу, низ кое зад микрофонот дефилираа глумците кои така добро умеат да пеат.

Време изминаа, желбата и потребата да се врати пак е голема, а идејниот творец, актерот Марин Бабиќ, низ неколку продолженија за „Наше театарче“, ќе се потсети на досега нераскажани интересни доживувања, случки и анегдоти кои манифестацијата ја правеа интересна и неоддолива за љубителите на сценската уметност.

А, се почна од критиката на соседот

-Години не патам, ама со сигурност знам дека соседите во Капиштец се „виновни“ што кај мене се разбуди инаетот прилепски. Една вечер пред да тргнам за на претстава, еден сосед гледал српска емисија, тоа е онаа новогодишна емисија во која глумците од Атеље 212 служат како келнери цел ден и ги забавуваат гостите пеејќи. И, соседот ми вели: „Глеј ги бе Марин српскиве глумци пеат растураат, а вие ништо“. Блиску ми беше Драмски театар, тргнав пеш и по пат се роди идеата да се собереме на сцена и да пееме, и прв на памет ми падна Димче Мешковски, вака почнува „приказната“ за нешто што подоцна ќе прерасне во еден голем настан, и голем актерско музички бренд.

-Кога дојдов во театар, продолжува Марин, со Драган Спасов Дац бидејќи сме во иста гримиорна му ја раскажав приказката, а тој се воодушеви и само рече : Супер ги правиме „Глумците пеат“. Ете накратко така наивно почна. За релативно кусо време, се врзуваат сите фактори за да бидне големото шоу, од јануари до март се подготвува целата екипа. Се собравме јас, Дац, Сабина Ајрула, Анастас Таше Тановски, Зоран Јовановиќ -Лима и тргнавме во реализација, додуша наивна ама ентузијастичка. Бевме сигурни дека ќе успееме. Работевме ден и ноќ, никој пари не спомнуваше. Сите беа воодушевени, се првите „слики“, кои на Марин му се враќаат пред очи од некогашната нивна организација.

-Дојде 26.03 ден воочи Светскиот ден на Театарот, завесата се крена, ависото на Чаплин Чаплин „Светлата на велеградот“ на сцената. Силви и јас се појавивме, кажавме што кажавме и го најавивме Владимит Дади Ангеловски, со „Стариот Пјер“ („Стари Пјер“ од Ивица Перцл). Дади пееше, ние зад сцена се тресевме, кога Дади заврши и кога пукна експлозијата на аплауз со солзи го дочекавме. Таа вечер е незаборавна бидејќи имаше и транспаренти во сала и вриеше од позитивна енергија, ни раскажува идејниот творец.

И по некоја голтка алкохол е дозволена на вакви манифестации, за опуштање. За да ја разбијат тремата зад сцена имале задолжен човек за тоа

-Јас имав еден другар кој за жал сега е починат, Мицко, тој шеташе зад сцена и во едниот џеб имаше ракија, во другиот виски, и ни поддаваше, вели Марин. Инаку околу случката со Дади, кога заврши со пеење сите потрчавме накај него и сите прашувавме „Како беше?“. За беља праша и Диме Илиев познат тремаџија и Дади му одговори: „Димо ти ќе се усереш“.

Излезе Диме, ја пееше “Che sara sara“ и почна фалш. Трема. Веднаш стрчаа на сцена Бедија и покојната Перихан да му бидат придружни вокали, ама пак не ја биваше. Тогаш и реков на

Силви : “Силви трк на сцена, бутни му ги своите гради в грб “и така го вративме Димо на вистинскиот пат, ха ха. А Влатко Плевнеш (сопругот на Силви) беше зад синтисајзер немаше кај да оди, ја раскажува низ смеа оваа анегдота Бабиќ.

Малку пари, многу повеќе музика

Она познатотот “Колку пати, толку музика“, не важело за оваа манифестација. Љубовта и ентузијазмот биле главната есенција. Се сеќава Бабиќ и дека првиот пат немало тематски избор на песни (како во годините потоа), секој што сакал тоа испеал, а најпрво се одржувало под името „Поклони се и почни“.

Немало ни Тв пренос ни Тв снимка, тоа следувало дури по петтото издание. Сакале да се сигурни дека тоа го прават е мошне професионално, а и морале да се надградат. Дури потоа имало снимки на Македонска телевизија, кои се емитувале една седмица по одржувањето на манифестацијата.

-Се одржаа 13 регуларни, и две „партизански“ изданија (импровизирани, со скромни финансии), банкротиравме и толку. Од самиот почеток работевме со голем ентузијазам. Пробите се правеа речиси 24 часа. Нешто во Драмски, нешто во М2 во МРТВ

речиси секој ден. За пари никој не праша, имаше нешто „ситно“, повеќе трошарина бидејќи глуците си купуваа гардероба и на некој начин тоа им беше компензација!

Кога се завршила првата манифестација, Марин Бабиќ вели не знаеле како се викаат, од среќа. И продолжиле на коктел во Клубот на пратеници, каде покровител бил тогашниот Премиер Бранко Црвенковски. Бранко потоа, долги години бил и најредовниот гостин, а неговата тогашна влада првите 5 години ги подржувале глумците и финансиски. И други политичари и бизнисмени беа дел од проектот „Глумците пеат“ во следните години, а неоткриените анегдоти со нив, ќе ги дознаеме од „прва рака“, од актерот и творец, Марин Бабиќ.

(продолжува)

Валентина Ѓоргиевска Парго