Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар

Театарот е сон!

По првата театарска претстава на која јас се сеќавам дека ме однесоа како дете, и запаметив реплика од неа, јас станав глумица . Но, репликата која најмногу ми влезе во детското главче не беше многу „пожелна“ и гласеше „Долу Влада!“. За дете, кое не беше тргнало ни на училиште, најпривлечно за изговарање е она за кое родителите го караат да не го изустува. Не ја кажав запаметената реченица дома пред моите, ами како да побарав „неутрална“ публика, излегов на балконот на семејниот стан кој се наоѓаше најгоре на зградата, во центарот во Ресен, и на сиот глас викнав силно. „Долу влада“, без да знам што тоа значи. И, наместо со аплауз,мојата прва сцена заврши со укор од родителите, а соседите им префрлија на мајка ми и на татко ми, како тогашен носител на опоштинска функција дека не смеам тоа да го кажувам. -Ама, чекајте, јас само го повторував тоа што возрасните го кажале, во театар, и нив никој не ги искара! Зошто тогаш мене ме карате? Нејасно му беше тоа на дете, кое потскокнува од детските радости кога Бабецот од Битола, ќе го погали по коса, кое подзинато го гледа Петре Прличко, се смее на смешните чичковци кога на сцена кажуваат некоја смешка, сака да личи на најубавата глумица кога ќе порасне, а сака и да дотерана убаво, како неа. И важна. Многу. Кога ќе порасне, тоа. Претставите изгледани во театар ми беа некој друг свет. Магичен, а реален Секоја театарска престава за мене и ден денес е „Некој друг свет“. Тетарот најинтензивно го посетував во студентските денови, токму во оние денови кога се подготвуваш за влез во „Некој друг свет“. Кога ти треба желба, импулс, мотив, магија, сила, визија. „Животот е сон“ е претставата која ме увери дека треба да верувам во маѓијата на животот. Дека – само силната волја може да направи чуда и магија! Исто како и на сцена, се се пресликува и во животот. Се сеќавам дека за тогашната премиера во Драмски театар , како студентка која собира пари , од Охрид допатував специјално во Скопје. Станот на брат ми беше непосредно до Драмски театар. Поитав да купам билет за премиерата, билетите беа распродадени, а јас горев од желба да го гледам Ненад Стојановски на сцена. Хит актер! Го сакавме, во тоа време. Упорно здодевав со истото прашање цел ден и упорно луѓето од билетарата превртуваа со очи. Јас, вечерта се подготвив како да треба да влезам, застанав до црвената патека и гледав задоволни луѓе како чекорат и влегуваат,онаму каде јас вечерва (можеби) нема да влезам. Откако сите влегоа, и вратата полека ја затвораа на половина, се појави двојка која пред да влезе замоли дали може да го врати едниот билет, личноста која требало да ги дружи таа вечер не може, ќе дојде некоја друга. Го грабнав и го платив. Влегов последна, седнав прва. Единствено место кое беше празно, откако сите беа седнале на своите седишта, беше едно седиште на средина во првиот ред, веднаш под сцената. Радоста и возбудата ми ја засенија перцепцијата, не се сеќавам на преставата, се сеќавам на моменти од ликот и глумата на Ненад, од возвишеното чувство кое ме натера да верувам дека театарот- ги исполнува желбите. Создава магија. Театарот ја создава магија на животот.

Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар