Борче Грозданов

За сонот кој стана јаве…

Од самиот почеток кога Театарот за мене беше сведен на ходниците по кои ме водеше татко ми и прашината од која, иако тогаш немав поим дека ќе влезе во секоја пора и внатрешност во моето тело и дух, па до денес, токму благодарение на неа, која никогаш не слегнува, непрестано сонувам… Кога сум во салонот, сонувам дека некогаш ќе го допрам злото за да го уништам, ќе ја дофатам среќата за да ја надополнам својата насмевка, ќе ја дочитам театарската магија (а таа е недопирлива) за да можам да имам спокој… Сонувајќи го спокојот, живеам немирно, турбулентно, тажно, весело, понекогаш мелодраматично, па дури и патетично…

Се вљубив драматично – за првпат ја фатив за рака в театар, преку Тапаните кои одекнаа не само за една ноќ… Така, си го решив еднаш засекогаш и ергенскиот живот… Неизмерната среќа се надополни и со нејзината желба и сакање да чита од недочитливата магија, чувствувајќи ја правдата и неправдата на многу сличен начин со мене! Тргнувајќи од тоа дека и таа, мојата Кети, е сонувач и од нејзината првична идеја дека можеме да го искористиме просторот (макар и само електронски) за да сонуваме на јаве, тргна и Наше Театарче. Се вика наше, а всушност е и

ваше, нечие и сечие. Но, овојпат универзалното го менуваме со наше, македонско, со наша, македонска сцена, со светлата кои пловат по неа, со очите кои ја гледаат и учат од неа.

Значи, како што е сцената наша, така и Наше Театарче ќе биде само наше! Но, бидејќи не сме себични, ќе му го пружиме и доловиме секому кој сака да биде дел од него, а и од нашиот македонски театар, се разбира… Се додека можеме, се додека знаеме, се додека сме љубопитни да ги проверуваме видливите и невидливи ходници низ кои Талија и нејзините сестри, како и Теспис талкаат од дамнини, сега, и во иднина, за навек… Затоа, сите вие кои сакате да сонувате сте добредојдени на овој ваш, наш, сечиј, нечиј, а понекогаш и ничиј простор, за да полемизирате понекогаш и да се карате, да се сакате, љубите, одљубите, заљубите… Но секогаш со ваш и само ваш став. Добредојдовте од денес, па за навек! Театарските лавиринти добија уште една точка од која може да појдеме заедно… Каде?! Којзнае?! Не е важно! Дојдете, ќе патуваме, бидејќи во минливоста само Патувањето и Патникот оставаат трага…