Пандора од Солунски – со дупната глава!
Актерката Трајанка Илиева Таци е една од “најмалерозните” актерки во Македонија. Таа во период од неполни пет години се повредува три пати, и тоа на сцена! Тоа е потврда на интенцијата на нашите приказни дека актерите се сепак само луѓе од крв и месо, но ќе се сложите дури три пати да ви се случи малер на сцена е навистина премногу!
Најинтересната случка, воедно и “најпресна рана” е онаа кога во “Солунски патрдии” Трајанка играла со дупната глава! Во една од паузите, кога не била на сцена, отишла до тоалет, но при станување ја “набодела” главата на остриот ќош од отворениот прозорец на тоалетот.
– Одеднаш, почувствував топлина и видов дека ми тече крв. Сфатив дека ми е дупната главата, но во моментот се загубив, па не знаев ниту каде сум, ниту што правам. Истрчав кај испициентот кој кусо ми рече: “Брзо на сцена!” Немав време да му објаснувам дека не знам ни што правам, ни што треба да играм, но кога стапнав на сцена и ја видов Марија Џумерко (Спиркоска-н.з.) ми стана јасно дека јас сум Пандора, а претставата е “Солунски патрдии”. За цело време играв со тупфери на глава, кои ја сплескаа мојата џбун-фризура, што ја имам во “Солунски”. Тупферите ги менував на секое мое излегување и влегување на сцена…
На една проба за претставата “Баал” во Драмски, и тоа само три недели пред премиерата по четири и полчасовно клечење, работејќи една сцена, Таци го повредила веќе оперираното колено… “Кога си дојдов дома по само два-три часа коленото ми отече три до четири пати повеќе од нормалното. Кога отидов да го снимам, ми рекоа дека во веќе еднаш повреденото и оперирано колено се создало туморче кое мора под итно да се отстрани. И така јас отидов пак “под нож” и не ја дочекав премиерата на “Баал”… Ме замени колешката Ева Скендеровска”, раскажува за уште еден свој малер нашата хероина.
Но, за жал, една белја никогаш не оди сама! Така, работејќи на претставата “Архелаос…” со сега веќе покојниот режисер Владо Цветановски, нашата актерка го повредува скочниот зглоб!
“Во една сцена требаше да држиме ритам и такт тропајќи со нозете. Режисерот Цветановски ме одбра токму мене, јас да ја водам работата. Тоа подразбираше дека треба посилно да тропам со ногата за да можат другите да ме чујат и да го следат тактот по мене. Одеднаш осетив силно печкање во зглобот и од тогаш до денеска не сум се опоравила од таа повреда. Иако засега не ми пречи во работата и играњето на сцена, сепак, одвреме-навреме се уште чувствувам болка која не е ни малку пријатна”, зборува за чувството од последиците на сцена, Таци.
Со желба за што помалку малери во професионалното искуство, но и во животот и посакуваме отсега па натаму многу повеќе среќа на нашата Тацика.
Борче ГРОЗДАНОВ