Количката и бастунот главен реквизит!
Непосредно пред претставата “Ах, љубов моја”, на која Микиќ гостува во Театар Комедија, слегувајќи од својата гримиорна по скалите надолу кон сцената, подлизнувајќи се, тој се дочекал на нозе, но на зглобот од левата нога! За трагикомедијата да биде поголема, тие скали Микиќ, според сопствените зборови, ги има поминато “милијарда” пати. Потоа отишол директно во болница, го загипсирале и тој со сиот ум сакал да се врати да игра во претставата, бидејќи неговата појава е во вториот дел… Сепак, таа претстава е одложена, но потоа следните пет Микиќ ги игра најпрвин во количка, а потоа со бастун. Гостувањето со Театар Комедија, па и репертоарните претстави во МНТ, “Подемот и падот на кабарето” (сосе проба пред обнова), “Не се клади на Енглези” и “Вечната куќа” ги игра најпрвин во количка, а потоа со бастун. Единствената претстава што морал да ја одложи е “Сомнително лице”, бидејќи на таа претстава отстојува и буквално два и пол часа!
Храброст или лудост, просудете сами!
Но, ова не се единствените малери кои го снашле Микиќ на театарската сцена.
“Имав крваво крштевање уште на дипломската претстава, каде што во жарот на играта имаше една тесна врата која требаше да ја отворам и да поминам низ неа, но кога се обидов да застанам зад неа, сфатив дека нема каде да стојам. Се фатив за гредата што ја држеше вратата од кулисите, но таму се најде еден “невин” клинец, кој висеше едно 5-6 сантиметри од гредата, па така, и буквално се заковав за гредата. По неколку секунди, се откачив и паднав. Бидејќи не беше завршена претставата и морав да доиграм, само успеав набрзина да ја замотам раката со нешто што се најде таму и да се вратам на сцена”, раскажува за своето крваво” крштевање, Микиќ.
Уште еден пех е поврзан со него, и тоа на времето кога буквално не се симнуваше од сцената на МНТ.
“Имав гостување во Белград. Таму пред крајот на претставата зад кулисите во темницата не видов една шипка која стоеше меѓу реквизитите, згазнав на неа лошо и кога се дочекав на ногата, успеав да го превртам зглобот. Некако, додека уште беше загреано местото, успеав да се вратам на поклон, за потоа колегите и организаторите од Белград да ме носат директно во болница! Откако ме средија таму, се качив на автобус, си отпатував колку што беше потребно од Белград до Скопје (минимум шест часа н.з.), се вратив и играв во “Народен пратеник” со гипс, менувајќи го Кили, кој, пак, си го повредил прстот!
Со надеж дека ова ќе биде крајна незгода за хиперактивниот Микиќ на сцена, уште еднаш со нашава приказна ви потврдуваме дека актерскиот леб знае да биде и тоа како крвав!
Борче ГРОЗДАНОВ