Кон римејкот на “Солунски патрдии” во Драмски театар

ТЕАТАРСКИ ОСВРТ

И ние Патрдии за игра си имаме!

Кон римејкот на “Солунски патрдии” во Драмски театар; режија Коле Ангеловски; игра извонредно енергично и комична екипа

Ако некој во почетокот беше скептик дали треба и мора да се повтори “Солунски патрдии” во Драмски, по онаа легендарната од пред речиси четири децении, тогаш оваа денешна, свежа, интересна и енергична постановка ја демантираше сета таа скепса. Овој краток вовед и поврзување со историјата која за волја на вистината останува врежана еднаш засекогаш, бидејќи продуктот што Драмски ни го дари во 1979 година нема кој не ја знае и познава (и не само таа постановка и верзија), но она што го видовме и денес (ќе) го гледаме во Драмски, а е насловено исто “Солунски патрдии” од истиот автор (за жал сега веќе покоен Миле Поповски) и од истиот режисер Коле Ангеловски, бездруго треба и мора да бидеме задоволни. Треба и мора да бидеме задоволни од тоа како екипата знае и може да заигра со полн елан и енергија, каде и како може да “провне” по некоја свежа додавка или придавка, а тоа да не е извулгаризирано, испервертирано или невкусно… Знае, на чело со извонредната комика на младата Марија Илијоски Спиркоска, која травестијата на Итар Пејо (можеби по нерв од нејзиниот татко Џумерко) ја носи на своите само навидум кревки плеќи со извонредна експлозивност и знаење како и колку да го дозира своето присуство на сцена, а притоа да е свежа, инвентивна и во крајна линија да ја постигне крајната цел да биде смешна, односно Пејо да биде смешен. Во овој контекст со травестијата повеќе од успешно се “бори” и Билјана Драгичевиќ – Пројковска, која Аџи Јанкула “авторитативно” ни го нуди дотолку што на моменти предизвикува помешани емоции од смеење до солзи… Маја Вељковиќ – Паневска несомнено го дополнува тандемот Аџи Јанкула – Секула и вербално гласовно, но и по движење и мимика… Уште еден тандем речиси не остави без здив од смеење. Тоа се бабата Евдокија алијас Марија Кондовска и Паца Валдета Исмаили кои иако “епизоди” навистина го донесоа соодветното прекршување и диклинирање од приказната која веќе сите ја знаеме… а во која учествуваат и тие. Извонредна дополна еден на друг се и Златко Митрески како Сотка и Зоран Љутков како Цанде, кој легендарниот “ербап и курнас” го доловува навидум премногу лежерно, но таа леснотија во неговата игра всушност го надополнуваше она што е Цанде, а истото важи во однос на леснотијата на играта и снаоѓањето во улогата и за Златко. Извонредна креација прави Трајанка Илиева Таци, како Пандора со дозиран израз, но и со сериозност од која се паѓа од смеење… Истото важи и за “рутината” на Јелена Жугиќ, алијас Фатиме, односно Назмие, која пак со својата надменост и професија ни дава до знаење дека околу неа ќе се врти дејствието и филмот… Не остана уште многу за фалење, иако сите без исклучок се и беа одлични, почнувајќи од Гордана Ендровска, која на Скржавецот Киртаки му
влева автентичност, која остава печат, Катерина Коцевска како таткото на Фатиме, кој со својата епизода и извадениот заб не извади од ум, неговиот верен заптија Александра Павлова, тандемот Чиро и Баже, алијас Душица и Викторија… Намерно не говорев многу за режијата. Таа по својата инвентивност и ја донесе свежата и нова “Солунски патрдии” и тоа со мали деклинации, но значајни, и со назнаки кои претендираат да ни покажат и докажат дека и ние Танго за играње имаме и ние Чарли Чаплин, Итар Пејо за приказни правење поседуваме во нашата меморија и ние со комедијата и со нашата болка, итроштина, но и глупост знаеме да се носиме. Сето тоа Коле Ангеловски убаво го срочил во една навистина навидум летаргична, иста, но и тоа како различна приказна за “Солунските патрдии”.За комплетната лепеза и колоритност и звучност подеднакво заслужни се уште и сцената на Илинка Ангеловска, костимите на Лира Грабул и музиката на Џенгис Ибрахим.

Се на се, не може да се одбегне констатацијата дека во Драмски гледавме, гледаме и ќе гледаме убава претстава!

Борче ГРОЗДАНОВ