СОЊА СТАМБОЛЏИОСКА

 КАКО ЦРВЕНОКОСАТА ХЕРОИНА Е НОВ ДЕТСКИ ИДОЛ

И јас како и Пипи не знам да правам палачинки!

Признава ведрата и речиси секогаш насмеана Соња, на која и се оствари сонот да ја игра една од најпознатите детски хероини во светот, иако и останатиот ангажман, покрај оној во Театарот за деца и младинци и отсега матичниот Драмски, говори за извонредно енергична личност, на која истражувањето во Театарот не и е непознато…

Интересен, ведар, скоро секогаш насмеан лик, со широко отворени очи, лик кој никогаш не го напушта (барем по искуството на потписникот на овие редови) ведриот дух, се (не само) првичните впечатоци кога ќе се сретнете со актерката Соња Стамболџиоска, од неодамна многу попозната како најновиот детски идол, црвенокосата хероина Пипи Долгиот Чорап и тоа не само во детскиот свет… Соња потенцира дека отсекогаш знаела дека ќе ја игра Пипи, но трпеливо го чекала моментот: “Ете, и тоа се случи и јас станав Пипи. Знаев, чекав, но по малку како ‘стареев’ трпението почна да ме напушта. Кога ме известија дека претставата ќе се работи во Театарот за деца и младинци и кога дознав дека тоа ќе сум јас на радоста и немаше крај. Особено, што јас и покрај моите 13, упс, пардон, 30 години (се смее), се уште го негувам детето во себе. И замислете едно такво девојче, да го дочека моментот да може да се однесува како Пипи, а притоа да не биде опоменувано и казнето. Знам и можам да правам се како неа, па дури и да не знам да правам палачинки! Мојата енергија и енергијата на Пипи речиси се споија…” Соња е презадоволна и од фактот што картите за Пипи Долгиот Чорап се распродаваат за миг.
– Од отворањето на билетарницата на Театарот во вторник за половина час ги снемува, односно се распродаваат билетите за Пипи, без разлика кој ден е таа на репертоарот.

Но, пред да се преоблече и вовлече во ликот на Пипи, Соња своето професионално актерско патешествие го учи како што самата вели “на улица, и наместо четиригодишно школо јас осум години талкав ваму-таму по разни алтернативни простори и претстави, изучувајќи уште еден факултет, но по времетрањето на ова искуство, може да се каже дека завршив и докторат”. Во овој контекст таа потврдува дека алтернативниот театар кој го практикувала и работела се речиси незаменлива пракса за актерската надградба од чии резултати Соња е презадоволна:
– Едноставно, учиш како без пари да правиш Театар, на сцена да се качиш угул гол, имајќи ја само својата мисла, срце, душа. Се останато доаѓа само од себе, се разбира со сесрдна помош на енергијата, која ја имавме јас и моите сопатници, кои не беа малку…

По долго “чекање” да се најде на листата на вработени, ете, и тој сон полека и се остварува и таа од 1 февруари е на списокот на вработени во Драмскиот театар, и веднаш започна со работа и тоа на претставата “Евридика” во режија на Нина Николиќ. Соња сега е дел од новите сили на театарот од Карпош, заедно со Сања Арсовска, Јана Стојановска и Александра Павлова. За тоа што очекува од Драмски, Соња многу кусо, на шега ни одговори: “Редовна плата!”

И ние и се придружуваме на желбата заедно со нејзината интенција за остварување на што повеќе улоги и го оставаме ведрото девојче Пипи, алијас Соња Стамболџиоска повторно во добро и ведро расположение. Воедно, се надеваме, дека на своите веќе одиграни 20-ина ролји ќе придодаде најмалку уште толку, а зошто не, и со уште една нула повеќе.

Борче ГРОЗДАНОВ