НЕ САМО ХАРТИЕН ” ТРОФЕЈ ” на Весна Петрушевска

 

Весна Бејби ја преточи својата животна приказна во книга

НЕ САМО ХАРТИЕН ” ТРОФЕЈ “

Ноември 2016

14963169_10154676208079817_3931272583662518782_n

Вистината, изнесена на виделина, исповед и откривање на внатрешната слика, доживувањата и случките кои потресуваат, но и понесуваат, е основата на првата нејзина книга, што неодамна ја напиша и објави актерката Весна Петрушевска, попозната како Весна Бејби. Женска книга, ама машки напишана, таа самата вака ќе го ошише изданието кое носи наслов „Трофеј“, а внатре се всушност поместени автобиографски приказни за најдраматичните и најтешките периоди од нејзиниот живот.

Во нив, во прво лице раскажува за бигорот кој беше и се наталожил во душата, за веќе во следната реченица да избликне онаа насмеана детинеста Весна која умее да плаче и да се смее, и со добра причина, а и без причина.

Скопската промоција на книгата помина во пријатна атмосфера и опкружена со голем број роднини, пријатели и соработници, и навистина „убави луѓе“, кои дојдоа во хотел „Парк Резиденс“ да и укажаат чест и поддршка на познатата актерка, водителка и стендап комичарка , а сега веќе и писателка.

Самата објасна дека книгата е долго подготвувана, неколку години, а испровоцирана од агонијата низ која помина неодамна, по случка со нејзината ќерка Мина, која веќе е успешно ја надминуваат.

-Ми требаше простор за да можам да се излечам. Долго време живеев во агонија и нешто што се нарекува компромис, кој придонесе да не можам да се реализирам како актерка бидејќи почнав да не го памтам текстот, па пишувањето го сфатив како терапија. Ова е женска книга ама машки напишана. Ја мислев неколку години, а ја пишував четири месеци. Книгата е моето прочистување, еликсир, отстранување на некои канцерогени зафаќања на душата, на мојот бигор. Преку мојата приказна порачувам дека штом јас сум можела сево ова да го преживеам и напишам, можат и сите останати. Има приказни кога сум била буквално на работ и кога едвај ме вратиле, но имало и среќа и радост во нив. Не престанувајте да сонувате, да верувате во љубов и да бидете свои“, изјави Весна Бејби на самата промоција.

Маестралниот Игор Џамбазов ја нарече „жена со тестиси“, и тој беше нејзината поддршка и промотер на ова дело. Факт е дека Весна е најмотивирана и најактивна кога е во комбинација со Игор Џамбазов, со кого недоамна одиграа и претстава „Брачна игра“.

Книгата ја издаде издавачкиот центар „Три“.

Ва. Ѓ. Парго

ТРОФЕЈ во продажба

Автор: Весна Петрушевска

  • Издавачка куќа: ТРИ
  • ИСБН: 978-608-230-472-4
  • Година на издавање: 2016
  • Број на страни: 147
  • Димензии: 1125/195
  • Корица: мека
  • Јазик: македонски
Цена: 299,00ден