ИГОР СТОЈЧЕВСКИ – ГОСТУВАЊЕ КОЕ ЌЕ СЕ ПАМЕТИ

 –

Го кренав рамото и видов болна светлина!

Вака може да се парафразира и опише моментот кога Игор морал со својата повреден рака да им даде знак на своите колеги да го спуштат од висините…

Актерот Игор Стојчевски бездруго, како и секој што е активен на штиците што живот значат, има свои приказни и сеќавања за тоа дека актерскиот леб не се заработува нималку нежно.

%d0%b8%d0%b3%d0%be%d1%80_%d1%81%d1%82%d0%be%d1%98%d1%87%d0%b5%d0%b2%d1%81%d0%ba%d0%b8_igor_stojchevski

Во својата кариера овој актер имал неколку пехови на сцената, но никогаш, како што вели самиот, нема да го заборави гостувањето на Драмскиот театар во Подгорица:

“Со претставата “Падот на невиноста” гостувавме во главниот град на Црна Гора. Таму, за разлика од сцената во Драмски која е поширока и пониска, оваа беше потесна но повисока и токму поради ова некои од мизансцените требаше да се прилагодат. Во претпоследната сцена од претставата, мене односно мојот лик го тепаат двајца насилници. Требаше да паднам, но, во падот не успеав да го погодам новото место каде што требаше да се спуштам, токму поради поинаквите димензии на сцената. За жал, многу лошо паднав, па и покрај гласната музика слушнав како рамото ми крцна, а левата рака не можев да ја помрднам. Некои од колегите забележаа дека нешто се случи, но ја продолживме сцената…”

Тука не е крајот на приказната и неволјите на Игор:

“Се можеше да се заврши со ова, но имав уште една сцена последната, всушност и најбитна, во која мојот лик кажува монолог висејќи од зграда, пред дефинитивно да падне долу. За таа цел требаше да ме врзат со сајли, а на себе имав падобрански појас на кој, закачен ме дигаа надвор од сцената за на посебен знак повторно да ме спуштат. Во мешаницата настаната од претходната сцена, кога всушност се повредив, додека ме закачуваа за сајлите не успеавме да договориме нов знак, што значеше дека требаше да ги подигнам двете раце како знак, а јас воопшто не можев да ја мрдам левата. Успеав некако да ја придржувам со десната, па кога дојде моментот за спуштање си реков – што ќе биде нека биде и почувствував силна болка и силна светлина во очите. Поради неверојатната болка не помнам како го кажав монологот. Се свестив дури кога слушнав громогласен аплауз. Ја видов само завесата како се спушта. Крај! Но, за мене не беше крај бидејќи сите брзаа на коктелот, организиран од домаќините, ме оставија сам да се пресоблекувам и да се снаоѓам со повредената рака…”

Но, колегијалноста како и секогаш доаѓа неочекувано и во последен момент: “Се појави мојот ценет колега Никола Ристановски на кого никогаш нема да му ја заборавам помошта и целата организација од одењето во болница, снимањето и преврските па се до човекот, негов пријател кого тој го замолил да ме сочека во болницата и да ме врати назад на коктелот. А некој од колегите и управата, се уште и не знаеја што се случи…

Сум имал и други случки но, оваа ќе ја паметам засекогаш поради нејзината драматичност и болката поради која ми блесна се пред очите”, го завршува своето патешествие Игор Стојчевски. (Б.Г.)