Убав и впечатлив панаѓур на судбините

Да се проживее животот во чаурата на сопствената самодоволоност или да се посвети битисувањето на аурата на природното, живото и љубеното, е емотивниот движечки распон на пиесата “Вујко Вања”, која преку дилемата која всушност лебди во тој распон, го поставува животот како модус и мотив, како да се биде, да се постои, но онака тивко, мекамлиски, таговно по Чеховски…
Во овој краток, а долг сублимат се движи размислата и интенцијата на режисерот Зоја Бузалковска, нормално, создавајќи едно театарско видливо и опипливо дело кое “гребе” по душата барајќи и сплотувајќи ја повеќеслојноста во едно, да се живее, но пред се и над се да се љуби за и во животот…
Бузалковска ова го постигнува пред се сликајќи ја (не)дофатната меланхолија, љубејќи ја недостижноста, но и сфаќајќи ја и прифаќајќи ја едноставноста. Затоа таа скалило по скалило го симнува дејствието, од досегот кон небото, до подрумот на суетите…
А движејќи се низ и со гротеската и апсурдноста и хумористичноста на Чехов, на блиц насликана како авторовата мечта – неговите пиеси да бидат комедија…
Сета оваа режисерско-авторска апликација е надополнета со живата душа на актерот или во случајов актерите, а тие се движеа од својата апатија до динамика, пред се преку авторитативната и проблесочна појава на Љупка Џундева како Нана Марина, која и во почетокот на деветтата деценија плени пред се со својата стаменост, а интересна беше и емотивно – психолошката амплитуда и интеракција меѓу зрело – апатичниот Вујко Вања на Владо Јовановски и енергично воздржаната, но прецизна и концизна во изразот Дарја Ризова како Соњечка.
Tука беше и секогаш експресивно импулсивниот (можеби на пати и пренагласен) одраз и израз на Никола Ристановски како доктор Астров, искуствената игра на Благој Чоревски, кој неговиот Александар го носи од тажност до итрина и интригантност, нежната и грациозна, а на моменти и кршлива Јелена Андреевна докажана и покажана од Сашка К. Димитрова, тивката и ненаметлива Марија Василевна на Катина Иванова, но актерски сигурно впечатлива, како и луцидната појава на Нино Ливо алијас Телегин…
Тој тивок, но драматичен панаѓур на човечки судбини растргнат меѓу старото и новото, минатото и сегашноста, овде, сега но и некогаш и некаде, во иднина, е убаво комплетиран со сценографијата на Тодор Дајевски, потпомогнат од режисерот Бузалковска, а и впечатливите костими на Марија Пупучевска… секако тоа заокружено со тивката музичка назнака овој пат по избор и во служба на режисерската интенција.
(Б.Г.)