ДРАМСКИ СЕ ПРОСТИ СО ТИХОМИР СПИРОВСКИ ( 1968 – 2013 )

Младичот ни остави полни сцени, но и празнина …

 

 

 

 

 

 

 

Тихомир Спировски – Младичот (6.1.1968-9.5.2013). Костимограф и сценограф. Македонец.

Тивка музика, неговиот лик, мала маса, цвеќе, неговата фотографија… На големото платно испишано: Тихомир Спировски-Младичот (1968-2013), еден микрофон на почетокот никој… Празна сцена… Нешто што никако не коренспондираше со животната сцена на Младичот, кој повеќе од 50 пати ги полнеше сцените на МНТ, Струмичкиот, Битолскиот, Прилепскиот, матичниот Драмски, КПГТ Суботица, Градски Театар Подгорица и беше потпора на оживотворените слики на сцената и Театарот во кој смртта е само фиктивна… Но, вчера во Драмскиот театар се собравме да го испратиме Тихомир Спировски, кој навистина почива во мир и кој како што е уверен Венко Андоновски бара некаде дупка, процеп низ кој се провнал за и понатаму мирно и сега за век и веков да следи што ни се случува нам… Тој беше човек кој и во животот го сакаше филмот и поита, провеа низ него оставајќи трага по која сега кога го нема остануваат спомените да говорат… Динамиката својствена за него го одбележа и како строг, но правичен, критичар на Театарот дури и најмногу во оние во кои работеше… А работеше во култната “Буре барут”, неговата сцена ги украси и “Црна дупка”, “Хомо Еректус”, “Ова не е американски филм”, “Лонг плеј”, “Дон Кихот”, “Филип Втори”, “Тетовирани души”, “Комшилук наопаку”, “Кинегонда во Карлаленд”, “Супер Нова”, “Македонски рулет”, “Олово на перница”…

Од Тихомир Спировски тивко и ненаметливо, како што и живееше како што кажаа и неговите колеги при простувањето од сцената за која беше “врзан” неговите пријатели, другари, соработници и не само театарџии: Венко Андоновски, Јани Бојаџи, другарот и брат Роберт Велјановски, Рубенс Муратовски, Игор Стојчевски, Филип Трајковиќ… се простивме и ние уште стотина кои бевме присутни и кои не можевме да ги сопреме емоциите и спомените, но и анегдотите при сеќавањата на него и за него за тоа како тој храбро ја поднесувал болеста и за неговата најчесто спомнувана, храбра реченица: “Ќе ми помине како на кутре…”, знаејќи дека еднаш ќе мора засекогаш да се збогува и да не чека…

А дотогаш со навистина вреден пиетет во мислите и нашите животи ќе има место и за Тихо Спироски-Младичот.
Слава му!

(Б.Г.)