Ристановски: Тандемите имаат смисла само ако се креативни и високо професионални
Поновата историја на Македонскиот театар бележи евидентни успеси на наше тло па и пошироко (на ексју-просторите во Европа и светот) токму преку забележителните успеси на тандемската работа во Театарот. Таква една тројка која ги одбележа 80-те години од крајот на минатиот милениум во македонскиот театар е троецот Горан Стефановски (автор), Слободан Унковски (режисер) и Ненад Стојановски (актер), кои буквално жареа и палеа во Македонскиот театар и на ексју-просторите, тандем кој остави историска “опашка” низ десетината проекти присутни во нашиот Театар и на ТВ. Друг таков пример несомнено е примерот на Бранко Ставрев, Живко Чинго и Ристо Шишков, како и троецот Ставрев, Митко Маџунков и Мите Грозданов од крајот на 70-те и средината на 80-те од минатиот век. Со првата еминентна двојка Ставрев ги работеше “Макавејските празници” и “Кенгурски скок” додека со Манџуков и Грозданов остави печат (не само) во Струмичкиот театар преку трилогијата “Големиот смок”, “Сенката” и “Пуста земја”…
Ставрев за потребата и верификацијата на ваквите тандеми ќе рече: “Немам дилема дека тандемскиот тип на работа е повеќе од гаранција за успех. Тоа е историски докажано, а еклатантен пример е соработката на А.П. Чехов со МХАТ во Москва. Тие кога ќе почувствувале дека се во извесна криза, репликата им била: “Повикајте го Чехов да ни напише драма, оти пропаднавме”. Во оваа конекција оправдана е смислата на мојата соработка како режисер со Живко Чинго и Митко Маџунков. Бидејќи театарот е тимска работа, а водачи на тимот се авторот и режисерот, тогаш тој спој мора да постои, а фантастично е кога е тој повеќе од природен.
“Секако, неодминлив и многу важен сегмент е главниот актер. Живко Чинго, ликот на Чали – Никодин го пишуваше токму за Ристо Шишков и нормално тој го одигра. Верувам дека дел од своите ликови во пиесите Горан Стефановски, ги пишувал токму за Ненад Стојановски. Токму затоа претставите во кои играше Ненад, а во тандем беа Стефановски и Унковски оставија силен печат и трага во Македонскиот театар”.
Од поново време (од 90-те, па до денес) забележителна е соработката помеѓу режисерот Александар Поповски и актерот Никола Ристановски, (оставија силни чувства да лебдат и до ден-денес за “Диво месо” “М.М. Е. кој прв почна”, “Дон Жуан”, а сега и со “Животот на Молиер”…) потоа Дејан Пројковски често соработува со Дејан Лилиќ, Рубенс Муратовски, Игор Стојчевски… Значи, од ова може да извлечеме констатација дека историски гледано (како и според зборовите на Ставрев) најверојатно, тандемите се неминовност.
Токму поради тоа Никола Ристановски ќе истакне: “Тандемите исто како и во фудбалот имаат смисла ако имаат креативен и високопрофесионален ‘рбет. Тие имаат смисол ако се суштински придвижувач и катализатор на целиот тим. Ги оправдувам ако и само ако обезбедуваат видливи и мерливи резултати на екипата во која и со која функционираат. Сето останато се нарекува дилетантизам “мешање на баби и жаби” и ситносопственички интереси… Тоа нема врска со вистинската соработка”.
Ако се суди и по овој суд на еден од најистакнатите актери на денешницата тогаш во секој случај на ваквите соработки не треба да се гледа со скепса и како на “клановска поделеноста”, како што некои умеат да ги верифицираат ваквите појави, туку бездруго како еден веќе испробан рецепт за успех.
(Б.Г.)